Достапни линкови

Дуковска: Социјалните реформи не се спроведуваат


Архивска фотографија - Mлада самохрана мајка со двегодишно дете, питачи во центарот на Скопје.
Архивска фотографија - Mлада самохрана мајка со двегодишно дете, питачи во центарот на Скопје.

Очекувана е бројката на лица кои живеат под прагот на сиромаштија, бидејќи се уште нема ништо од најавените социјални реформи, вели во разговор за Радио Слободна Европа, Билјана Дуковска, претседател на Платформата против сиромаштија.

Дуковска, според последните податоци на Државниот завод за статистика, околу 460 илјади луѓе живеат под прагот на сиромаштија во Македонија. Бројката се зголемува во изминатите три години. На што се должи тоа?

Најнапред морам да кажам, ние како Платформа против сиромаштија со оглед на тоа што постојано ја следиме ситуацијата очекувавме дека ќе има пораст и во 2019-та година. Добро е што порастот е минимален. Доколку се погледнат бројките одделно остануваат најзагрозени оние категории кои што беа и во изминатите години. Тоа се семејствата со повеќе деца, семејствата со ниска економска активност и итн. Меѓутоа загрижувачки е дека продолжува да расте детската сиромаштија и веќе се приближува до 30 проценти. Но, повторно ќе кажам, очекувано, бидејќи се уште нема ништо од најавените социјални реформи и нема што да се случи за да влијае на намалување на сиромаштијата.

Зошто не се спроведуваат социјалните реформи?

Во изминатиот период се отворија голем број на политики кои што во суштина сите треба да ја сочинуваат новата социјалната реформа и тоа беше процес кој што опфати големи анализи, меѓутоа и вклучување на различни сегменти, меѓу другото и граѓанските организации. Ние бевме вклучени во креирањето на новиот закон за социјална заштита како една правана рамка која што треба да ја регулира целата реформа во иднина. Исто така ги следиме и законите кои што во меѓувреме беа предложени како законот за детска заштита и делот за старосна пензија. Очекувано е дека на почетокот на 2019 година веќе ќе почне со имплементација на се она кое што се планираше во изминатите две години. Е сега искрено големи се очекувањата, меѓутоа исто така голема е и недовербата колку брзо и колку лесно ќе оди сето ова знаејќи колку долго апелиравме за промени по различни нивоа и низ различни сегменти на системот. Така што теоретски тоа што е предвидено во новите законски измени да се случи ќе биде одлично. Но, ќе мора да видиме како тоа фактички на крајот на 2019 ќе изгледа. Дали ќе излеземе насмеани или повторно ќе критикуваме дека нешто сме погрешиле во планирањето.

За вистински резултати во намалување на бројката на луѓе кои што живеат под прагот на сиромаштијата, колку време е потребно?

Таргетирањето онака како што е планирано ќе оди во сегменти во населението. Значи нема да ги опфаќа сите и најверојатно ќе се очекува мала бројка на оние кои најлесно ќе се активираат. Најлесно ќе можат да се вклучат на пазарот на труд и најлесно ќе дојдат до вработување. Ќе бидат првата група која да речеме ќе излезе од сиромаштија и очекувано ќе имаат плати над прагот или нивните семејства заедно со додатоците кои што се планираат нема да бидат во категоријата на сиромашни семејства. Далеку од тоа дека тие ќе бидат богати, меѓутоа ќе ги извадиме од оваа најниската состојба. Е, сега ќе биде проблем со оние кои што се долгорочно невработени. Оние кои што во меѓувреме се снаоѓале на разни начини и имаат изгубено целосно доверба во системот, тука ќе треба дополнителна работа со оглед на тоа што новата социјална реформа се базира на финансиски загарантиран надомест, адекватен приход и дополнение во активација поврзано со Агенцијата за вработување и социјални услуги кои што очекувано треба да бидат поврзани со локална самоуправа и центрите за социјална работа. Секако се надевам дека Министерството ќе се потруди да се држи до својата бројка, а тоа е сиромаштија од 16 проценти на крајот на 2020 година.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG