Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека успешно менаџира со јавниот долг, парите од обврзницата се трошат согласно законот, а задолжувањата се со ниски камати. Економисти, пак, забележуваат што парите се чуваат и не се користат за да се создадат повеќе пари, а за нив се плаќа камата.
Професор Марјан Петрески вели дека задолжувањето само по себе не е лошо, доколку парите што се позајмуваат се користат за стратешки инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат пари со кои треба да се враќаат каматите. Подеднакво лошо како неконтролираното трошење на парите е и чувањето на пари од кредити, за кои се плаќа камата, па колку и ниска да е таа, вели Петрески.
„Едноставно немаме трошење на средствата кои се веќе обезбедени. Ако ја погледнете сметката на Владата во Народната банка ќе забележите дека таму стојат извесен период, од почетокот на 2018 околу 500 милиони евра, што е отприлика износот на еврообврзницата којшто беше позајмен, значи немаме трошење на таквите средства, што како ситуација е еднакво лоша, како кога имаме неконтролирано трошење на средствата. Ние имаме средства, за нив плаќаме некоја камата, а не ги трошиме, значи тие средства не создаваат нова вредност, во таков контекст прашањето дали каматната стапка била ниска или висока е депласирано, затоа што без оглед што е ниска таа каматна стапка се плаќа камата на средства што не ги трошите, значи не добивате ништо, а сепак за нив имате некаков трошок“, вели тој.
Петрески додава дека сега сме доведени во ситуација, сосема обратна од порано.
„Порано се зборуваше дека има неконтролирано трошење, дуплирање на јавниот долг во релативно краток период, трошење за непродуктивни инвестиции, е сега има спротивна ситуација, сега немаме никакво трошење, подреализација на капиталните инвестиции, дури лани имаше и пренамена на тие средства за да се отплатат долговите на општините и имаме средства кои слободно стојат на сметката на Владата во Народната банка за кои плаќаме камата, без оглед што таа камата кога сме ги земале тие средства била поволна“, вели тој.
Во коментар на трошењата на парите од еврообврзницата, министерот за финансии Драган Тевдовски вели се придржуваат на лимитите утврдени при гласањето за задолжувањето во Собранието.
„Буџетскиот дефицит кој е проектиран на 2,5 проценти го реализираме со домашно задолжување и предвидениот дел од странско задолжување. Практично реализираме според тоа што ни е дадено како право од страна на Собранието. Во наредните години имаме сериозни долгови за враќање што се останати од претходната власт, како на пример во јануари 2020 година кредит од 155 милиони евра, потоа ни достасува евробврзницата, во 2021 година имаме и нова еврообврзница“, рече Тевдовски.
Според него, се води сметка за успешно менаџирање со јавниот долг, а најголем показател за тоа е случувањето со каматните стапки на еврообврзниците преку кои големите странски финансиски инвеститори земјата ја оценуваат многу подобро во споредба со претходно.
„Ако во 2017 година дванаесетмесечниот државен запис имаше каматна стапка од 2,1 процент моментно е 0,8 проценти. На крајот, тоа е пониска цена што ја плаќаат нашите граѓани, а ние ќе продолжиме со оваа политика“, посочи Тевдовски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за новата платформа за проверка на статусот на предметите за приватизација на градежно земјиште.
Професор Зоран Ивановски вели дека во ред е што парите обезбедени од странство се со ниска камата, но проблематична е динамиката на трошењето.
„Тоа се пари за поддршка на буџетот, генерално наменети за капитални инвестиции, а тоа се оние буџетски и државни проекти проекти кои овозможуваат динамизирање на стапката на економски раст. Она што е проблематично е трошењето или динамиката на искористување на тие средства и од тука се појавува дискрепанца, односно поголемата ликвидност можеби кај државата, а на сметка на слабата реализација на капиталните инвестиции. Циклусот на покривање на јавните расходи преку редовно задолжување, односно аукции на домашниот финансиски пазар е во ред за одржување на тековната ликвидност на буџетот, меѓутоа она на што треба да водат сметка носителите на економската политика е повеќе внимание е динамиката и квалитетот на искористувањето на средствата за капитални расходи, тоа е нешто што ќе даде импулс за пораст на националната економија“, вели Ивановски.
Минатата година Македонија издаде еврообврзница од половина милијарда евра со историски најниска камата од 2,75 отсто, со рок на достасување од 7 години. Каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975% и 9,875%. Парите од еврообврзницата се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, како и предвремен откуп на постоечка еврообврзница.
За три месеци јавниот долг се зголемил за дополнителни 40 милиони евра и сега изнесува 5 милијарди 242 милиони евра. Но, задолжувањето расте побавно од растот на БДП, па процентуално јавниот долг е помал за 2,3 процентни поени и заклучно со март изнесува 46,2 отсто од бруто домашниот производ.
Во меѓувреме Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Министерството за финансии во вторникот (14 мај) се задолжи 80 милиони евра, а врати 46,9 милиони евра.