Ќе заживее ли повторно геотермалниот извор Кумановска Бања на само три километри од центарот на Куманово, во месноста Вруќа Вода, во селото Проевце, со веројатно зачуваните лековити својства за многу болести. Предолгата транзиција и смена на управувачите по ликвидација на поранешното претпријатие „Бисерка“, руинираниот Хотел „Ку-Ба“, денационализација на имотите на запуштениот некогашен простран парк со вековни дрвја, непосредно до бањата, го сменија амбиентот околу изворот. Намалени се сместувачките капацитети за бањските гости надвор од градот, а кумановци и натаму во вирот и на двете чешми прават бањи и полнат пластични садови со вода за пиење.
Државата одамна го запушти изворот, а од неодамна новиот концесионер засега го оградил објектот во кој е базенот. Некои од запрашаните граѓани велат дека многу бизнисмени сакале да профитираат од ова природно богатство, без многу вложувања тој да заличи на она што заслужува. А и посетителите на двете чешми и вирот несовесно расфрлуваат отпад во близина на местото на кое го бараат лекот.
„Бањата работи од пред две-три години, откако под концесија ја зеде еден приватник од Куманово. Има народ. Ја реновираа, убаво ја направија. Работи кога ќе се затопли, доаѓаат луѓе и од други градови, се сместуваат по хотели и приватни сместувалишта“, вели Воислав Петковски од Куманово, кој раскажува дека водата е многу лековита, а изминатите децении била запуштена додека да се најде концесионер.
Тој се сеќава дека во подалечното минато за овој лековит извор биле заинтересирани некои Французи, но нашите не се согласиле. Но, и дека многу луѓе тука го пронашле лекот.
Иако водата од изворите ја пијат, прават бањи и ги мијат очите, малкумина од кумановци ги знаат бројните лековити својства на изворот. Особено што децении наназад во бањата нема лекар балнеолог.
„Конкретно за нерви и за очи сигурно е добра.“
„Одамна сум правел бањи, уште кога работев во Франција. Тогаш ми беше за релаксација. Сега секој ден доаѓам да полнам вода и тоа пешки со два бастуми, од другиот крај на градот. Пешачам по три часа во еден правец“, вели Драган Спасковски, кој како и Фљорим додава дека не можат да ја пијат водата од градската мрежа.
Фљорим, пак, доаѓа да ги мие очите и раскажува дека откако имал проблеми со едното око, состојбата многу му се подобрила.
„И за пиење и за очи ја користам. Имав проблеми и за малку ќе останев слеп да не беше оваа вода“, вели тој.
За лековитоста на овој извор во минатиот век биле вршени испитувања и лекарски студии. Повозрасните нешто од тоа знаат, младите генерации неизвесно е дали воопшто ќе дознаат, дека за лековитоста постојат многу легенди. Но и дека по својствата е како бањите Виши во Франција, Вилдунген и Маријанске Лазње во Чешка, како Врњачка и Буковичка Бања во Србија.
Кумановска Бања лекува гастрит, чир на дванаестопрсното црево, последици од прележан хепатит, хронично воспаление на дебелото црево и полесни форми на шеќерна болест. Делотворна е за мочните патишта и мочниот меур, за бубрезите, неврози, несоници, психички и нервни исцрпености, гинеколошки проблеми, егземите и разните дерматити, за обновување на ткивото, за некои стоматолошки болести. Лекувањето во состојба во каква што бањата била секогаш чини малку пари, за разлика од лековитите извори на други места.
Како изгледа околината на бањата, чешмите и вирот е верна проекција на нашата несовесност, неодговорност и неблагодарност кон природните богатства, често пати коментираат граѓаните.