Неделното интервју на нашево Радио е со претседателката на новата Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, која покрај другото вели дека имаат премногу стари, но и нови предмети и дека е потребно многу време да се расчистат. Борис Апостолов напишал: „Ќе следите, ама од трагите ќе нема ништо! Ќе им аминувате на неофашистичките предавници!“ Имер Имери смета дека антикорупциска била избрана партиски и вели: „Вие не го решивте тоа што пратеници вработија браќа, сестри и синови, па ќе ги решите другите проблеми“.
И по повикот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети до ВМРО-ДПМНЕ да не се повлекува од преговорите за судбината на СЈО, има многу постови со негативна содржина. Зенит Адеми постирал: „Демек ти си чист“, а Екрем Абдули коментира: „Ако СЈО е формирано само за промена на власта, значи за политичка цел, а не за правда, против корупција и криминал, тогаш целта е постигната, а СЈО да се укине за да не ги плаќаме нивните трошоци кои патем се многу високи.“ За Лилјана Трошевска целта веќе била постигната. „Минатата власт ја испозатворија, кога дојдоа на ред партнерите, тогаш, аш, нема докази, поплава.“
Некои од посетителите на нашата ФБ страница, барем според напишаното, тргнуваат од личните ставови за ЕУ и НАТО па реакциите за протестите во Србија ги гледаат од таа проекција. Сашко Несторовски, по информацијата дека Шешељ и неговите приврзаници ги запалиле знамињата на Унијата и на НАТО среде Белград, коментира: „А си против ЕУ и НАТО одма си ултранационалист. Перење мозок на ниво“. Славиша Анѓелковски забележува: „Па ЕУ и НАТО не се ништо подобри од Шешељ“. Потпишан со Ред Блек прашува: „А каде беше Русија кога ве бомбардираа?“, алудирајќи на извиците на приврзаниците на Шешељ за Русија. Аднан Шума кратко постирал: „Тешко на тој народ со такви будали“.
Чувство за самокритика покажуваат граѓаните по информацијата на Центарот за современи уметности кој го работи проектот „Креативни заедници на ЦСУ“, поддржан од УСАИД, дека во Македонија има преку 300 диви депонии и над 1.500 селски буништа и ѓубришта. Љиљана Илиевска на Денот на пролетта со доза на иронија постирала: „Денеска е Ден на пролетта. Депониите цутат и се множат. Нека ни е со среќа!“ Емро Балота коментира: „Некои ми се лутат кога укажувам на народот а не на властите. За сè сме самите виновни“.