Судбината на СЈО во изминативе денови беше и сè уште е топ-тема во медиумите, особено со предлог-законот за јавно обвинителство за кој власта и опозицијата имаат спротивставено мислење токму околу останувањето на Катица Јанева и на другите специјални јавни обвинители во него.
Фокус - СЈО преживеа ’поплава‘, го чека политичкото ’цунами‘!
Фокус, на пример, објавува текст со наслов: „СЈО преживеа ’поплава‘, го чека политичкото ’цунами‘!“ во кој, со блага иронија потсетува: „Пред десетина дена, пукната цевка од парно ги крена на нозе обвинителите, поради опасноста да се уништат дел од доказите за неколку предмети, меѓу кои и ’Империја‘. Тамам кога се смириле, бидејќи документите се спасени“, продолжува неделникот, „деновиве повторно се кренаа на нозе, во обидот да ја убедат јавноста дека не станува збор за однапред смислено сценарио за нечиј спас или амнестија, на што навикнавме во последно време, и дека сите докази им се на број“. Фокус завршува со предвидувањето: „На политичката сцена се очекува цунами да го зафати СЈО, од кое не се очекува толку лесно да се извлече. Затоа, проблемот е во политичката поплава што му се спрема, а не онаа од пукнатата цевка за парно!“
Глобус - СЈО мора да умре
И онлајн неделникот Глобус се занимава со перипетиите во врска со предлог-законот за јавното обвинителство со кој СЈО продолжува да живее ама со променети ингеренции, и како што може да се сфати поентата, за предизборни цели. „СЈО мора да умре“, не без иронична симболика е насловена една колумна во Глобус. „Нам, кутрите наивни почетници во демократските бајки“, вели колумнистката, „ни се чинеше дека е потребно само малку време за да го доживееме триумфот на СЈО... Убиството на СЈО, неговата смрт, е најдоброто што може да ѝ се случи на оваа земја“ – со доза на резигнираност пишува онлајн магазинот, „ако сака да преживеат сите власти, ако сака да не ѝ бидат скршени коските за да не дојде до добивање на правдата“. Па оди со тезата дека „низ призма на изборите, пред да се прогласи и официјално таа кутра смрт, Катица Јанева е добитната комбинација за залажување, барем за изборните денови, оние, кои брзо поминуваат, но, за жал на власта, не се забораваат... и конечно му подаруваат на СЈО денови на преживување, преку апарати за дишење, но со добар план – однапред едната жица да биде исклучена“ - пишува Глобус.
Капитал - Зошто сите сакаат во државно
„Зошто сите сакаат во државно“ – со овој наслов најновиот број на Капитал ја загатнува анализата на својата главна тема дека „Приватниот сектор не е конкурентен работодавач на администрацијата“. Па забележува дека македонското стопанство сè уште го чека својот ред да го истрча својот маратонски круг во трката за поголема конкурентност пред политичките уверувања за економска посветеност. „За приватниот сектор во земјава пазарот на труд сè повеќе се стега во Гордиев јазол кој еден ден ќе мора да се пресече за конечно македонската економија да почне да дише со полни бели дробови“ – пишува неделникот, за да ја каже главната поента дека „сè помал е бројот на квалификувани работници кои сакаат да работат во приватниот сектор, каде платите се пониски од администрацијата, каде, пак, се чини дека сè уште главен предуслов за вработување е партиската блискост и припадност“. Авторот на анализата потсетува дека сите заложби за отворање повеќе работни места во приватниот сектор ќе останат јалови, ако партиите не се откажат од своите предизборни списоци за вработување на лица кои имаат заслуги во нивното доаѓање и останување на власт, и оди со податокот дека Македонија е една од ретките земји во кои платите во државните служби се повисоки во споредба со приватниот сектор што создава големи нарушувања на пазарот на трудот и во работењето на компаниите, завршува Капитал.