Постои напредок во медиумите и судството, но во Република Северна Македонија останува да се решат уште низа важни проблеми како на пример корупцијата, ограничената независност на судскиот систем и медиумите, се наведува во најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент. Владата на Северна Македонија во 2018 година презела активности да истражи, да обвини и да казни полициски официјални лица кои направиле злоупотреби додека властите во земјата имале ефективна контрола врз безбедносните служби, но сепак постои високо ниво на корупција, се вели во извештајот.
“Државните затвори и притвори не успеале да ги имплементираат меѓународните стандарди и во некои случаи, согласно извештајот за превенција од тортура на Советот на Европа од октомври 2017 година, условите би можеле да се опишат како сурови, нехумани и деградирачки,” се вели во извештајот. Се додава дека затворите и натаму се соочуваат со недостиг од финансии, несоодветна обука на полициски офицери и корупција.
Извештајот укажува дека народниот правобранител открил оти истрагите на властите во врска со обвинувањата за малтретирање и злоупотреба на затворениците генерално биле неефикасни.
“Според годишниот извештај на Народниот правобранител за 2017 година, најголемиот број граѓански претставки (576 или 17 проценти) се однесувале на судскиот систем. Речиси половина од претставките се однесуваат на правата на граѓаните во судските постапки. Помеѓу јануари и август најголем број приговори (432 или 19 проценти) се однесуваа на судството. Во извештајот се наведува дека граѓаните се жалеле на долги судења, пристрасност, селективна правда и непотребно вршење притисок врз судиите", наведуваат од Стејт департментот.
Во извештајот се наведува дека судските одлуки понекогаш биле значително одложувани поради административни недостатоци или судиите кои ги надминуваат законски предвидените рокови за издавање писмени пресуди. Сепак, во повеќето случаи судовите се придржуваат до законите и процедурите за притворање.
“Оваа година бројот на наредби за притворање опаднал значајно споредбено со минатите години. Во повеќето случаи, по барање и на Јавното и на Специјалното обвинителство, судот одредил превентивни мерки наместо притвор за осомничените”, стои во годишниот извештај.
Се наведува дека во 2018 година властите покажале поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години. Ограничената независност на судството, политизацијата на судскиот надзорен орган и недоволните финансии се понатамошна пречка за работата и ефикасноста на судовите, оценува Стејт департментот. Се истакнува и дека судството генерално го почитува правото за фер судење.
Во извештајот, меѓу другото, е посочен специјалниот извештај на СЈО за четворицата судии што дозволиле политиката директно да се вмеша во судството. Во извештајот се имињата на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска, судијката Сафијa Лаличиќ од Кривичниот суд, Светлана Костова од Вишиот управен суд, како и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.
Во извештајот е наведено дека меѓу 2011 и 2015 година четворица судии биле инволвирани во „флагрантно кршење на интегритетот, независноста, стручноста и злоупотреби“. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, споделувал клучни информации за активни случаи со политичарите и функционери за судењето”, се вели во извештајот.
Во врска со случувањата во Парламентот од 27-ми април 2017 година и судската разврска на случајот се вели дека 33 лица биле обвинети за „тероризам и загрозување на уставниот поредок“. Понатаму стои дека „опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека обвиненијата против 33 лица, вклучувајќи и членови на Парламентот, биле политички мотивирани и преувеличени. Нема доказ дека Владата одбила пристап до овие затвореници на хуманитарните организации и на групите за човекови права“.
Согласно извештајот, Владата направила прогрес во почитување на слободата на медиумите и слободата на изразување, иако проблемите како слаба медиумска независност, насилство и заплашување новинари остануваат.
“Има некои извештаи дека Владата ги принудила новинарите на автоцензура. Европската комисија, во извештај од 17 април, забележува дека нема напредок во заштитата на работните услови на новинарите, како резултат на што тие сè уште практикуваат автоцензура,” велат од Стејт департментот во најновиот извештај.
Оттаму додаваат дека во извештајот на ЕК од 17-ти април се забележува дека "климата за слободата на медиумите и слободата на изразување е подобрена, со поотворени политички дебати и критичко известување за медиумите" и дека "се намалил притисокот врз новинарите".Во извештајот на Фридом Хаус за 2018 година, објавен на 11 април, медиумскиот пејзаж е карактеризиран како "малку подобрен, како одраз на позитивните случувања во кредибилитетот на медиумското известување како резултат на промена на власта на централно ниво."
Сепак, во извештајот се забележува дека медиумите останале во голема мера поларизирани по политичка, етничка и јазична линија и дека се уште се далеку од дејствување независно од политичкото влијание.
Генерално во светот, извештајот забележува и убиства, недостиг од слобода на изразување и рестрикции за политичко учество во Венецуела, екстремно влошени човекови права во Иран и Кина. Додека, пак, за Русија се вели дека постојат бројни извештаи за тоа дека властите или нивни агенти извршиле произволни или незаконски убиства.