Достапни линкови

ЗНМ: Власта сериозно да ги сфати новинарите


ЗНМ, прес конференција
ЗНМ, прес конференција

Благо подобрување на медиумската сфера, со отсуство на сериозни системски реформи, констатира годишниот извештај на ЗНМ. Новинарите годинава биле побезбедни, но мнозинството од нив продолжуваат да работат без договори и со плата помала од просечната.

Состојбата со слободата на медиумите во 2018 година бележи благо подобрување, но отсуствуваат сериозни системски реформи што ќе создаваат поволен амбиент за непречен развој на медиумите и развивање на професионално новинарство, се вели во годишниот извештај за показателите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија. Извештајот е фокусиран врз три области: правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите и нивната безбедност, но во секоја од нив се констатираат забелешки.

„Владата не успеа да ја подобри медиумската регулатива што беше долго време најавувана. Измените и дополнувањата за Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги кои требаше да создадат подобар амбиент за работата на медиумите не е усвоен се уште во Собранието. Владата не успеа да ги заврши останатите медиумски проекти што ги вети во рамките на реформскиот план 3-6-9 како што се донесување на измените и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, како и законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, изјави Драган Секуловски, директор на ЗНМ и еден од авторите на овој извештај.

Во назадувањето во сферата на медиумската легислатива ЗНМ ги вбројува и донесувањето на измените и дополнувањата на изборниот законик и законот за финансирање на политичките партии кое се случи летово, кои според Секуловски, негативно ќе се одрази на слободата на медиумите, зошто претставува еден заобиколен пат за враќање на владините реклами со кои минатата власт ја купуваше наклонетоста на медиумите и влијаеше врз уредувачката политика.

Извештајот, меѓу другото, забележува и неусогласена судска пракса за законот за клевета, каде што одредени судови ги одбиваат тужбите за клевета против он-лајн медиумите со образложение дека не се медиуми, а останатите апелациски судови низ Македонија постапуваат спротивно и ги процесираат истите случаи. Нема подобрувања и во делот на економската ситуација на новинарите, односно позицијата на новинарите во редакциите.

„За жал, речиси половина од новинарите во Македонија имаат помала плата од просечната плата во земјава. Мнозинство од новинарите немаат договори за вработувања на неопределено време, деветнаесет проценти се привремено ангажирани како хонорарни работници. За жал, на над 55 проценти од новинарите во земјава им доцнат платите“, вели Секуловски.

Позитивната забелешка во извештајот се однесува на подобрената безбедноста на новинарите, односно статистиката покажува дека во 2018 година бројот на напади на новинари се намалил за три пати. Сепак, политиката на неказнивост постои, а во прилог на тоа зборува и податокот дека од 59 случаи на напади на новинари, со судска одлука завршиле само два.

Покрај овој извештај беше презентирана и анализа на судски одлуки во врска со примената на законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда извршени преку медиуми во 2017 и 2018 година. Утврдено е дека од вкупно 14 првостепени одлуки судот донел 6 пресуди со кои тужбеното барање е уважено или делумно уважено, 4 пресуди со кои тужбеното барање е одбиено како неосновано и 4 решенија со кои тужбата се смета за повлечена.

„Во просек од понесувањето на тужба до донесување на првостепена одлука постапките траеле до 2, 5 години. Во ниедна од оформените постапки кои завршиле со првостепени пресуди не е досуден побараниот износ за надомест на штета, тужениот е задолжен на свој трошок да ја објави пресудата, извршители на клевета и навреда во најголем дел се правни лица, а од физички лица за кои е утврдено дека се одговорни, најголемиот дел се уредници или сопственици на медиуми“, изјави Мартин Петровски, член на ЗНМ.

Од ЗНМ и порачаа на власта сериозно да ја сфати ситуацијата во која се наоѓаат новинарите и да ги врати медиумските реформи во планот 18. Оттаму додаваат дека без слобода на изразување Македонија нема да направи значаен прогрес во евроатланската агенда, а земјава ќе остане на дното на рејтинзите во однос на слободата за изразување.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG