Достапни линкови

Селмани - Пропагандната машинерија на Груевски сега е пријателска кон новата власт


Селмани - Со вакви медиуми не можеме да одиме напред
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:19 0:00

Селмани - Со вакви медиуми не можеме да одиме напред

Пропагандната машинерија, со промената на власта почнува да работи за интересите на новата власт. Мејнстрим медиумите сега веќе се многу пријателски настроени кон новата власт, а тие беа ударната тупаница на режимот на Груевски, вели Насер Селмани, претседател на ЗНМ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Селмани, што се промени во медиумската сфера откако се промени власта во земјава. Дали е сега Македонија земја на слободни медиуми?

Мислам дека она што се промени е перцепцијата на луѓето дека дојде слободата, а во суштина мислам дека не се променија работите. За жал, јас како новинар и како раководител на ова здружение, не гледам сериозни намери од актуелната власт да направи сериозни реформи во медиумите кои ќе произведат поголема слобода и одговорност кај новинарите и кај медиумите во нивната работа.

Меѓународните извештаи за рејтинзите во однос на медиумската слобода не ни одат во прилог (109-то место). Напредокот е минимален. Kои се главните причини поради кои е толку тешко да го подобриме медиумскиот простор?

Ова што го кажав претходно, само го потврдува тоа што е перцепција и на меѓународните институции. Основна причина е затоа што нема сериозна политичка волја да се влезе, би рекол, во демонтирање на постоечкиот медиумски систем, затоа што да не заборавиме дека еден од главните столбови на заробената држава беа и медиумите. Ако сегашната власт мисли дека може да ги инструментализира тие медиуми за нејзините потреби, за зацврстување на нивната власт во Македонија ќе направат страшна грешка. Ако ние сме сериозни и искрени во намерата да се интегрираме во евроатлантските структури со вакви медиуми ние дефинитивно не можеме да одиме напред, затоа што таа тие клиетелистички односи, да не кажам некој потежок збор, коишто се создадени меѓу политиката, бизнисот и сопствениците на медиумите апсолутно ги задушуваат медиумите и веќе ние не можеме да зборуваме за медиуми, туку зборуваме за пропагандна машинерија која со промената на власта ја менува страната и почнува да работи за интересите на новата власт. Гледате дека мејнстрим медиумите сега веќе на некој начин се многу пријателски настроени кон новата власт, а тие беа ударната тупаница на режимот на Груевски. И ако некој мисли дека во Македонија може да изгради демократија, да воспоставиме правна држава, да се заштитат основните човекови права и слободи со вакви медиуми е апсолутно неможно.

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е заглавен во Собрание. Дали во неговата конечна верзија беа прифатени вашите забелешки и кога тој закон ќе го види светлото на денот?

Генерално измените на тој закон, да сме коректни, тие измени се продукт на една широка дебата којашто, ако се сеќавате, за време на пржинскиот процес ги водеше посредникот Ванхојте, практично тие решенија се решенија коишто беа понудени од новинарските и од медиумските организации и ние сме убедени и не велиме дека со тоа ќе заврши реформата во медиумите, меѓутоа тоа се тие минимум измени кои треба да се направат за да обезбедат амбиент во медиумите да можат слободна и непречено да работат, меѓутоа очигледно дека таквите промени не им се допаѓаат на политичките партии застапени во Собранието. Јас знам дека власта има добар изговор дека тоа го блокира опозицијата, меѓутоа ако вие сте сериозна власт за една ипол година ќе најдете начин како да ги реализирата вашите политики. Ние видовме дека во други законски проекти знаат како тоа да го прават – ги повлекуваат законите, ги пуштаат по брза постапка, така што, јас мислам дека овој закон е заложник на, би рекол, партиските пазарења меѓу актерите во Собрание и јас ја користам оваа прилика да ги замолам - имаат многу прашања за кои тие можат да се пазарат и да си се поткусуруваат, дајте овој закон нека помине затоа што тоа ќе биде во интерес на медиумите и слободата на говорот и воопшто за демократизацијата на Македонија.

Целото интервју со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG