Нова влада, стар директор на МРТВ. Стариот Програмски совет, според стариот закон, го реизбра стариот директор на чело на јавниот сервис. Владата вели – нема да трае долго.
Марјан Цветковски е реизбран да го води јавниот сервис и во наредните три години. Тој беше директор на МРТВ во два мандати, односно од 2012 година, беше реизбран во 2015, а сега доби трет мандат.
Програмскиот совет на МРТВ, пак, беше избран на крајот на 2014 со мандат од пет години, што значи дека мандатот му истекува на крајот на наредната година.
Пред неполн месец, Цветковски за нашето радио изјави дека не планира да се кандидира за нов мандат. На прашањето, што се променило од тогаш, вели дека одлучил повторно да се кандидира за да ги заокружи „започнатите процеси и реформи кои ќе значат издигнување на националниот сервис на повисоко квалитативно ниво“. Вели дека ефектите од тие процеси ќе започнат да се чувствуваат набрзо.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека Цветковски е избран од Програмскиот совет на МРТВ, кој сè уште функционира во стариот состав и оти граѓаните знаат „кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија“.
„Веднаш по усвојување на новиот закон за аудио и аудио визуелни услуги ќе се овозможи професионално, непартиски нови раководни позиции и во МРТВ и во Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги. Тоа значи дека овој избор е на важност сè додека не го усвоиме законот. Законот ќе го усвоиме наскоро“, вели Бошњаковски.
Тој посочува дека е можно уште оваа недела законот да помине на владина седница, со што ќе се овозможи целосна професионализација и департизација на МРТВ.
Во писмениот одговор на нашите прашања, Цветковски не одговара директно на нашето прашање дали очекува да го истера тригодишниот мандат до крај со оглед на владините најави дека за кратко време ќе биде разрешен, туку посочува дека спровел многу проекти и оти има план и стратегија за наредниот период.
Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии вели дека медиумските реформи коишто ги најавуваше новата влада се изгубени некаде меѓу владата и закоченото Собрание. Таа вели дека е добро што владата покажува волја за консултации за реформите со сите засегнати страни, но оти тие се спроведуваат бавно.
„Повторниот реизбор на Марјан Цветковски за голем дел од луѓето кои се занимаваат со ова прашање е разочарувачки, бидејќи тоа само значи дека нема да има реформи, но ако се видат техничките работи, дека законите не се донесени итн., тогаш има некаква логика дека ова би било времено решение, меѓутоа тоа лошо звучи и лошо личи во јавноста“, вели Трајкоска.
Аналитичарот Џелал Незири вели дека реизборот на Цветковски покажува дека структурите на минатата власт сè уште имаат влијание и контрола врз јавниот сервис.
„Се додека не се донесе законот за МРТВ, се додека не се донесат или спроведат законите за реформи во медиумската сфера, ќе има една ваква лимбо ситуација во државата и таа ќе се користи од страна на политичките партии“, вели Незири.
Според планот за реформи 3-6-9 на владата, измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да се донесат до крајот на наредниот месец. Со измените се предвидува нов начин за избор на Програмскиот совет на МРТВ, кој потоа ќе избере нов директор.
Премиерот Зоран Заев пред две години, тогаш како лидер на опозицијата, рече дека МРТВ е еден од главните политички непријатели на СДСМ.
„Во моментов, став на СДСМ и мој личен став е дека поголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа, Дневник и МРТВ“, рече Заев на 1 декември 2015 година.
МРТВ беше на мета на критики и затоа што не ги објавуваше таканаречените „бомби“ што ги објавуваше Заев како лидер на опозицијата, дека известува неизбалансирано во корист на претходната власт и оти има низок рејтинг.