Ад хок тела нема да ги решат проблемите во медиумската сфера во Македонија, потребни се длабоки реформи и нови закони за средување на јавниот сервис, комерцијалните телевизии, но и следење на онлајн сферата, коментираат експерти.
Познавачи на медиумските состојби велат оти во моментов медиумите работат на ист начин како во времето пред да бидат формирани мониторинг телата за изборите.
Прашањето за медиумите беше едно од клучните во политичките преговори меѓу четирите најголеми политички партии во предизборниот период. Тие се договорија да биде формирано привремено ад хок тело кое ќе ја следи работата на медиумите во однос на професионално и балансирано известување за изборите и да биде избран нов уредник на јавниот сервис на предлог на опозицијата.
„Во тие неколку месеци пред изборите имаше некакво привидно подобрување. Констатиравме дека групата телевизии, кои ги нарекуваме провладини, на некој начин го смалија тој демонизирачки пристап кон опозицијата, кон критичките групи и поединци во општеството и релативно и дадоа поголем простор на опозицијата. Но, веднаш штом завршија изборите, според нашиот прв извештај од јануари, ни покажува јасно дека повторно се врати истиот начин на известување“, вели Снежана Трпевска од Институтот на комуникациски студии која е дел од тимот кој врши мониторинг на медиумски содржини (МОДЕМ).
„Категорично тврдам дека ад хок телото и директорот на МРТВ немаа никакво влијание врз медиумите во однос на професионално и етичко известување“, вели претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика, Мирче Адамчевски.
„Се си оди по старо, поминаа тие два месеца со привремениот директор на МРТВ и со ад хок телото. Се покажа дека на почетокот, кога беше воведено ад хок телото, имаше определена избалансираност во медиумите, меѓутоа како се приближуваше денот на изборите ниту избалансираноста, ниту пак имаше некакви други етички однесувања и медиумите беа се полоши и полоши од тој аспект“, вели Адамчевски.
Адамчевски посочува дека за наоѓање начини за решавање на прашањата за медиумите потребни се многу дискусии и дебати, бидејќи како што вели, сега неетичкото и непрофесионалното однесување од традиционалните се префрла и го зазема просторот во онлајн медиумите.