Достапни линкови

Селмани - Ако се среди МТВ, ќе се средат многу работи во новинарството


Селмани - Ако се среди МТВ, ќе се средат многу работи во новинарството
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:48 0:00

Селмани - Ако се среди МТВ, ќе се средат многу работи во новинарството

Сите досегашни власти имаа цел да се умртви МТВ, а да се игра со приватните телевизии за полесно да се контролира или да се манипулира јавното мнение, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Селмани, неодамна ги доставивте забелешките за измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Очекувате ли истите да бидат прифатени?

Мислам дека секоја Влада која е сериозно заинтересирана за реформа во медиумскиот систем ќе ги прифати тие забелешки, затоа што тие се аргументирани. Основна забелешка на ЗНМ и на другите организации е процентот на финансирање на Македонската радио телевизија. Нашето барање е еден процент од националниот буџет да се одвои за финансирањето на МРТВ, јавното претпријатие македонска радиодифузија и дел на Агенцијата за медиуми. До тој процент е дојдено после долги анализи и собирање на информации за начинот на финансирање или подобро речено за начинот зошто не функционира собирањето на радиодифузната такса.

Ние сметавме дека околу 25 до 30 милиони евра се доволни за почеток Македонската радио телевизија да има оптимум средства на располагање за да може да се поврати, затоа што очигледна е стратегија на партиите, не само на претходната власт, туку и пред тоа, да се умртви МТВ, а да се игра со приватните телевизии со цел полесно да се контролира или да се манипулира јавното мнение. Затоа нашата проценка е дека ретерирањето на сегашната власт, на која лани кога беше во опозиција не ѝ пречеше еден отсто од буџетот, сега го намалуваат на 0,7 отсто. Ние во овој период ќе ги направиме сите напори да ја убедиме Владата дека еден отсто е оптимум за почеток за финансирањето на МТВ. Аргументите се на наша страна, единствен аргумент со кој Владата се бори во ова е дека немаат пари. Ако сакате сериозни реформи од кои очекувате резултати, а резултатот е МРТ да се поврати во живот, затоа што е умртвена, МРТ да биде независен и професионален јавен сервис, мора да ги најдеме тие неопходни средства.

Од Владата побаравте и субвенционирање на печатените медиуми. Постои ли опасност на тој начин да се воспостави контрола врз медиумите?

Знаеме дека тоа е меч со две острици, меѓутоа ако се предвидат јасни критериуми, ако критериумите се недискриминаторски, се однесуваат за сите печатени медиуми, можноста тоа да се злоупотреби е минимална. Од друга страна, ние во прва фаза веќе разговараме и со печатените медиуми и ќе видиме дали со даночни олеснување може да им се помогне на печатените медиуми. Такви практики има и во Европа. На крај ќе ја оставиме можноста за директна помош на печатените медиуми, дали тоа ќе биде преку печатниците, дали преку хартијата, не знаеме, гисакаме сите опции на маса. На крајот на краиштата тоа ќе биде одлука и на луѓето од печатените медиуми и на Владата, ние само сакаме да го помогнеме тој процес.

Според истражувањето на ССНМ, речиси половина од новинарите земаат плата под просекот и се без постојани вработувања. Во такви услови дали новинарите можат да се охрабрат да се спротивстават на цензурата и пропагандата во нивните медиуми?

Финансиската независност на медиумите е апсолутен предуслов за да претендираме дека може да имаме слободни и професионални медиуми. Приходите на новинарите се битни, ако новинарите не се задоволни од заработката, тогаш тие навистина нема да се вложат целосно во исполнувањето на нивната мисија. Јас сум убеден дека ако ние успееме да ги зајакнеме капацитетите на Македонската радио телевизија, јас верувам дека најдобрите новинари во Македонија, а има многу такви, ќе бидат вклопени или ќе бидат прифатени од Македонската радио телевизија, затоа што навистина таму ќе има потреба за креативен кадар којшто ќе учествува во создавањето на програмата. Ако таму се кренат платите на новинарите, ќе се крене и цената на новинарскиот труд и веројатно, јас очекувам тој тренд да мора да го следат и приватните медиуми. Затоа што еден од начините како претходната власт успеаја да ги убие во поим новинарите е и преку ниски плати.


Целото интервју со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG