Достапни линкови

Новинарите кои критикуваат трпат закани и притисоци


Опожарен влезот на гаражата на новинарот Зоран Милошески од Прилеп.
Опожарен влезот на гаражата на новинарот Зоран Милошески од Прилеп.

Сите новинари со критички осврт кон властите се жртви на закани и притисоци. А, безбедноста при извршување на новинарската професија се доведува во прашање, вели новинарот Зоран Милошески. Неодамна беше опожарен влезот на неговата гаража.

Прилепскиот новинар - дописник Зоран Милошески, кој деновиве беше мета на непознати сторители, кои го опожарија влезот на неговата гаража, смета дека овој инцидент е форма на притисок на власта.

„Причината и извршителите и нарачателите на тој инцидент ги наоѓам во тие кругови. Значи пред сè мислам дека тоа се локалните самоуправи, поточно прилепската и битолската, потоа неколкуте јавни претпријатија од овие две општини. Бидејќи мојата опсервација, моето работење е пред сѐ насочено кон работата на овие институции на локалната пред сѐ власт, па и на централната“, вели новинарот Милошески.

Но, не само овој пат, како што вели, речиси пред секои избори и како дописник, а особено откако е сопственик на инфопорталот „Публикум“ тој се соочува со одредени притисоци и закани.

„Притисоци кои доаѓаат на еден софистициран начин преку анонимни закани преку социјалните мрежи, преку лажните фејсбук профили, значи тие се присутни и ги има. Досега сум пријавил. Тоа беше случајот минатата година кога имав неколку отворени закани. Пријавив и во полиција и во редакцијата во којашто тогаш работев, исто така и во Здружението на новинари на Македонија“, додава Милошески.

Според него, сите новинари со критички осврт кон работата на локалните и централните власти се жртви на закани и притисоци на властите. А, безбедноста при извршување на новинарската професија се доведува во прашање.

„Новинарската работа стана прилично опасна работа, опасна по живот дури. Имаме примери, да не се навраќаме, да не ги споменуваме кога новинари беа напаѓани, тепани, а некои го загубија својот живот под многу сомнителни околности“, вели Милошески.

Тој смета дека условите во новинарството во Македонија се исклучително тешки.

„Станавме како рудари, не како новинари. Затоа сметам дека нашата професија е доведена на едно ниво на кое што никогаш порано не била. Никогаш не сме биле помалку безбедни, не сме биле помалку почитувани и понижувани, отколку сега. Македонското новинарство е во еден слободен пад“, вели Милошески.

Според него плурализмот во новинарските медиуми, појавата на голем број кадри, самонаречени новинари без критичко перо се дел од причините што многу искусни професионалци остануваат без работа, а во државата се креира јавно мислење, кое се помалку се базира на фактите и вистината.

Но, без оглед на сите процеси на македонската политичка сцена, во време кога, како што вели неизвесен е крајот на политичката криза, професионалните новинари се битна алка во враќањето на демократијата во општеството. Особено значајна улога според него имаат дописниците и локалните медиуми, кои никако не смеат да отстапат од примената на новинарските начела и стандарди.

Регионалната канцеларија на ЗНМ реагира и бара од надлежните органи целосно расветлување на случајот, со опожарениот простор пред гаражата на новинарот Зоран Милошески од Прилеп, сопственик на порталот „Публикум“, и дописник на неделникот „Фокус“ и порталот „Слободна Македонија“.

Ова особено затоа што, Милошески посочува дека поради критичкиот новинарски дискурс, се соочува со закани и притисоци во работата.

Истрагата за случајот продолжува. Полицијата испрати материјал за вештачење до МВР. ОЈО ги чека резултатите.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG