Достапни линкови

Тешко, но не и невозможно да се биде истражувачки новинар


Борис Георгиевски, тимот на Бирн и Билјана Николовска се добитници на наградите на годинешниот конкурс за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“.

Тешко е, но не и невозможно да се биде истражувачки новинар во Македонија, велат дел од наградените новинари на конкурсот за истражувачко новинарство од Европската унија. Првонаградениот Борис Георгиевски за серијалот текстови „Досие Телеком“ на интернет страницата Призма, вели дека слободата на медиумите во земјава тоне паралелно со македонската демократија.

Многумина од нас веќе одамна не се прашуваат како до врвот, туку каде е дното. Атмосфера на страв, навреди, притисоци, клевета. Против сè што е слободномислечко и против сите што ги поставуваат вистинските прашања. Некои во такви услови останаа доследни на стандардите на професијата.
Борис Георгиевски, новинар.

„Многумина од нас веќе одамна не се прашуваат како до врвот, туку каде е дното. Атмосфера на страв, навреди, притисоци, клевета. Против сè што е слободномислечко и против сите што ги поставуваат вистинските прашања. Некои во такви услови останаа доследни на стандардите на професијата“, порача Георгиевски.

Втората награда му припадна на тимот новинари на Бирн кој работеше на истражувачката сторија „Скопје 2014 под лупа“, со кој се разоткрива колку народни пари од буџетот се потрошени за овој проект на актуелната Влада.

Мери Јордановска која е дел од тимот што работеше на сторијата вели дека било сизифовски тешко да се дојде до потребните информации и документи поврзани со проектот.

„Во однос на Скопје 2014 година, она што е постигнато, е дека сумата од 640милиони евра до којашто дојдовме ние, а која на почетокот никој не ја споменуваше, сега е длабоко влезена во свеста на граѓаните. Во таа смисла, БИРН успеа да ја забетонира таа сума којашто досега се криеше. Она што недостига е каков било ефект од надлежните институции“, вели Јордановска.

Билјана Николовска ја доби наградата за млад истражувач новинар за серијалот тв прилози на тема „Од невработени до затвореници. Како системот осуди, па амнестираше 15 илјади затвореници,“ објавени на ТВ Телма. Вели дека мотив за да ја продолжи оваа работа бил ефектот којшто во јавноста го постигнало нејзиното истражување.

„Мислам дека ќе бидам поттик за другите млади новинари да го следат вистинскиот пат да истражуваат и кога ќе добијат каква било информација секогаш да ја гледаат нејзината позадина и да истражат што има во позадина“, изјави Николовска.

За важноста на истражувачкото новинарство и слободата на медиумите зборуваше и Кристијан Даниелсон, директор на Генералниот директорат за проширување на Европската Унија. Тој нагласи дека во фокусот на истражувачките стории од сите земји во западен Балкан биле злоупотребите на власта. Даниелсон истакна дека задача на истражувачките новинари е да ги откријат тие злоупотреби и да ги информираат граѓаните и јавноста за нив.

Овие награди се јасен знак дека Европската Унија и Европската Комисија ќе ги продолжат напорите за заштита на слободата на медиумите и новинарите. Тоа е важно за квалитетот на демократијата во едно општество, истакна Даниелсон.

Новинарот Љупчо Поповски истакна дека бројот на пристигнатите апликации не ја отсликува реалната состојба со истражувачкото новинарство во земјата.

„Кризата на истражувачкото новинарство во традиционалните медиуми е тренд којшто се забележува и на годинешниот конкурс на кој учествуваат стории од само една телевизија, два дневни весника е еден неделник. Ваквиот негативен тренд се должи на тешката состојба во којашто се наоѓаат медиумите и новинарската професија во земјата, политичката и економската ситуација и недоволната поддршка на истражувачкото новинарство во редакциите“, изјави Поповски.

На овогодинешниот конкурс се пријавиле 32 автори со 29 стории, објавени во печатените, електронските и интернет медиумите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG