Достапни линкови

ЕУ додели награди за истражувачко новинарство


Евроамбасадорот Аиво Орав и наградените новинари, Сашка Цветковска, Љубиша Арсиќ и Билјана Николовска.
Евроамбасадорот Аиво Орав и наградените новинари, Сашка Цветковска, Љубиша Арсиќ и Билјана Николовска.

Новинарката Сашка Цветковска со сторијата „Шпионот-земјопоседник“ го освои првото место на конкурсот за Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство за 2014 година.

Иако приказните за кои истражував предизвикаа јавни дебати, никоја од нив не произведе каква било правна последица за актерите во тие стории, вели новинарката Сашка Цветковска која го освои првото место на конкурсот за Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство за 2014 година. Цветковска сепак укажува на важноста да се истражува и се надева еден ден правдата ќе биде задоволена.

Вие со секоја приказна што ќе ја направите мислите дека барем малку нешто ќе промените. Еве на пример, сториите за Мијалков или за медиумската сопственост во Македонија буквално отворија еден нов говор во јавноста.
Сашка Цветковска, новинарка.

„Вие со секоја приказна што ќе ја направите мислите дека барем малку нешто ќе промените. Еве на пример, сториите за Мијалков или за медиумската сопственост во Македонија буквално отворија еден нов говор во јавноста. Сега имате таксисти, професори и пазарџии кои зборуваат за Белизе, за Лугано, а претходно тоа никој не го знаел и важно е да се пишува што се случува и што се случувало во едно време“, вели Цветковска.

Аиво Орав и Сашка Цветковска.
Аиво Орав и Сашка Цветковска.

Сторијата на Цветковска насловена како „Шпионот-земјопоседник“, објавена на интернет телевизијата Нова ТВ, обелоденува дека поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков поседува милионски вреден имот во Прага кој не бил пријавен во неговиот анкетен лист за имотната состојба.

Државата тотално ја негира приказната, државата не сака да се соочи со фактите, а дури и државните институции одбиваат да одговорат на прашањата на новинарите кога им ги поставуваме.
Љибиша Арсиќ, новинар.

Второнаградениот новинар Љубиша Арсиќ наградата ја доби за сторијата „Дали двата исчезнати АФИС системи се користат за производство на нелегални биометриски документи за гласачи на избори“?, објавена во неделникот Фокус, која обелоденува низа противзаконски дејствија на највисоките државни институции и отвора сомнеж за сериозни нарушувања на демократските процеси во земјата. Арсиќ наградата ја добива втор пат, но горчливо е чувството што сторијата нема никаква завршница.

Аиво Орав и Љубиша Арсиќ.
Аиво Орав и Љубиша Арсиќ.

„Државата тотално ја негира приказната, државата не сака да се соочи со фактите, а дури и државните институции одбиваат да одговорат на прашањата на новинарите кога им ги поставуваме. Со тоа само се потврдува дека претставниците кои раководат со државата се вмешани во тоа.“

Можеби оваа приказна не открива криминал и корупција, но открива како здравствениот систем убива дете.
Билјана Николовска, новинарка.

Арсиќ скромно признава дека сите парични награди се добредојдени ако се имаат предвид условите во кои работат македонските новинари, но додава дека вистинската сатисфакција ќе се случи во моментот кога одредена новинарска сторија ќе предизвика виновникот да биде казнет.

Аиво Орав и Билјана Николовска.
Аиво Орав и Билјана Николовска.

Наградата за трето место ја доби новинарката Билјана Николовска за серијалот ТВ прилози на тема Случај Тамара Димовска: Како здравствениот систем убива дете? Објавени на Телма ТВ.

„Можеби оваа приказна не открива криминал и корупција, но открива како здравствениот систем убива дете, а од друга страна ми е мило што повторно го отвораме овој проблем и се надевам дека вистинскиот виновник за ова дете ќе се најде и овој случај уште еднаш нема да се повтори“, изјави Николовска.

Евроамбасадорот Аиво Орав ја истакна важноста на истражувачкото новинарство и слободата на медиумите како клучен столб во демократијата на едно општество.

„Овие се тешки времиња за оваа земја, бидејќи таа е земја кандидат за членство во ЕУ и ние сакаме да ве видиме што поскоро во нашето семејство. Но, секој од нас знае дека има многу проблеми пред тоа да можеме да си го дозволиме. Зборувате и зборуваме за демократија секој ден. Секако дека слободните медиуми се еден од клучните столбови на демократијата насекаде низ светот. Истражувачкото новинарство е многу важно, а денеска тука никој не треба да ја потцени моќта на истражувачкото новинарство, зошто работите многу важна работа во многу тешки услови“, изјави Орав.

На конкурсот учествувале 15 автори со 18 стории поврзани со злоупотреба на моќта и прекршувања на основните права, корупција и организиран криминал, објавени во печатените, електронските и интернет медиумите. Наградата се доделува прв пат и е воспоставена од Директоратот за проширување на Европската Комисија. Генералната оценка на жири комисијата е дека истражувачките приказни се уште се редок новинарски жанр во медиумите во земјата, а истражувачкото новинарство не се стимулира доволно, ниту од уредниците, а уште помалку од медиумските сопственици од различни причини.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG