Сите шестмина обвинети во случајот Титаник 2 за изборни злоупотреби на локалните избори во 2013 година беа прогласени виновни и добија меѓу 3 и 4 ипол години затвор. Најголема казна од 4,5 години доби Бедредин Ибраими кој во тоа време беше член на Државната изборна комисија предложен од ДПА. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, доби 3 години и 2 месеци затвор, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и членовите на ДИК, предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев, Сашо Сајковски и Анета Стефановска добија по три години затвор. Тачи не дојде на изрекувањето на пресудата.
Околу Судот имаше зголемено полициско присуство.
Судот го прифати барањето на обвинителката Фатиме Фетаи и им определи притвор на Мијалков и на Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост, односно да се јавуваат во судот по еднаш неделно.
Фетаи рече дека постои опасност од бегство на Ибраими и Мијалков. Таарече дека Ибраими не го признава СЈО, не го почитува судот и едноставно не го признава системот и поради тоа има опасност да не ја почитува ниту пресудата и да избега.
„Определување мерка притвор барам и за обвинетиот Сашо Мијалков. Имено, околности кои укажуваат на опасност од бегство, и тоа со месеци наназад, од страна на обвинетиот Мијалков се констатирани и од страна на овој суд, и од страна на повисокиот, Апелациониот суд – Скопје, во решенијата со кои на истиот му била определена, а потоа и продолжувана мерката куќен притвор“, рече Фетаи.
Таа додаде дека ако имало опасност за бегство додека против Мијалков се воделе процеси, таа опасност сега е поголема, кога е веќе осуден.
Реагираа адвокатите на Мијалков, а на Судот му се обрати и тој лично, тврдејќи дека нема намера да бега.
„Со бегање проблемите не се решаваат. Стилот на моето живеење и однесување не е бегањето, односно сакам да ви кажам дека јас никогаш нема да побегнам. Доколку оваа пресуда ја потврди Апелациониот суд, тоа ќе го решам со издржување на казната, но никако со бегање“, рече Мијалков.
Ибраими жестоко реагираше дека не ја очекувал пресудата и дека судот се повикал само на наводите што ги изнело СЈО и воопшто не обрнал внимание за изнесените докази од страна на обвинетите и нивните бранители. Тој рече дека не планира да бега и ќе остане во Македонија.
„Ако мисли судот, овој состав, и воопшто судството во Република Македонија, дека со додворување на СЈО се прават реформи во судскиот систем во државата, мислам дека правите голема грешка“, рече Ибраими, додавајќи дека тука е роден, тука ќе остане и тука ќе умре и „нема сила која може да го натера да ја напушти оваа држава и родното место“.
Сите бранители најавија жалби на пресудата, и се противеа на предлозите за притвор и за мерки за претпазливост.
Обвинетите беа прогласени за виновни затоа што незаконски поништиле гласање во три струмички избирачки места по наредба на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи. Со тоа, тие противзаконски му овозможиле на кандидатот за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев да ја продолжи изборната битка во вториот круг. За возврат членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ го поддржале приговорот на ДПА за Општина Чаир.
Тачи, Ибраими, Срцев, Сајковски, и Стефановскa беа осудени за злоупотреба на службената положба и овластување, а Мијалков беше осуден за примање награда за противзаконито влијание.