Достапни линкови

Медиуми - СЈО, Чавков и пензии


Обвинителката Катица Јанева
Обвинителката Катица Јанева

Партиските работни групи за законот за СЈО, државната социјална пензија и притворањето на Митко Чавков се топ темите за кои пишуваат медиумите. Прегледот го подготви Горица Попова.

„Формирани работните групи што ги договорија Заев и Мицкоски – тие треба да изнајдат заедничко решение, особено околу предлог законот за јавно обвинителство имајќи ги предвид противставените ставови на власта и опозицијата во однос на иднината на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во СЈО, што ги изнесоа на средбата што се одржа помеѓу Заев и Мицкоски“ – објавуваат Нова Македонија и Вечер.

Во меѓувреме, Министерството за правда излезе со соопштение од кое Нова Македонија во насловот издвојува: „Законот за Јавното обвинителство е закон без скриена амнестија“ со дополнување од содржината на соопштението дека „клучната цел на законот е да создаде одржлив систем, со ефикасни гаранции за професионална борба против криминалот, без можност кој било да ја избегне правдата“.

Слободен печат и Нова Македонија го пренесуваат делот од интервјуто на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за 1ТВ дека не е точно дека со новиот закон се губат „бомбите“ како докази. „Тие се слушаат во судница за предметите за кои е потврдено обвинението до 1 јули 2017 година, а за другите предмети за кои е воспоставена надлежност врз основа на ’бомбите‘ мислам дека можеби нема да бидат слушани јавно за време на судењето, но транскрипти ќе бидат доставени, а на судот е да цени“, пренесуваат Слободен печат и Нова Македонија.

Порталот на Нова Македонија исто така информира дека „Групата невладини организации што ги следат правосудните реформи бараат повлекување и доработка на Предлог-законот за обвинителство во делот за СЈО“.

Вечер ја објавува изјавата на Мицкоски дека „очекува Владата да не добие позитивен извештај во јуни и датум за преговори со ЕУ“, но и изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар: „Очекувам во јуни земјата да добие преговори за членство во ЕУ“.

Уште еден предлог-закон се најде пред пратениците. Независен наслови: „Пензија и за оние кои немаат работен стаж – со него се предлага државната социјална пензија да изнесува 6.000 денари, а тоа нема да важи за оние кои се во брак или во вонбрачна заедница, а чиј партнер веќе ужива пензија“. Вечер се занимава со овој предлог-закон во неколку написи. Покрај основната информација со крупни букви насловува: „Најнова вест: По претседателските избори ДУИ ќе го преземе Министерството за труд“ – пренесувајќи ја веста на порталот МЕДИАЛ.МК, кој се повикува на извори во партијата на Али Ахмети. Вечер дополнува дека овој потег бил резултат на несогласувањата со СДСМ во врска со Законот за заштита на децата, односно обидот на министерката Мила Царовска да ја отстрани мерката „Трето дете“ и предлог-законот за социјална државна пензија.

Порталите на печатените медиуми ја објавија и веста за притворање на Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, поради добиени сознанија дека се подготвувал за бегство на Халкидики каде што поседувал вила. Чавков е еден од обвинетите за настаните на 27 април, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата.

„Прес-службата на Ватикан ја објави програмата за посетата на папата Франциск на Бугарија и на Северна Македонија од 5-7 мај годинава“ – информира Независен кој додава дека според програмата, Папата ќе се сретне со претседателот и со премиерот, како и со дипломатскиот кор во земјава, ќе ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза и дека римокатоличкиот Папа првата историска миса во Македонија ќе ја отслужел на градскиот плоштад во Скопје. Независен додава дека патувањето на папата Франциск е најавено со официјално лого на македонски јазик.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG