Достапни линкови

Вести

Граѓанските организации бараат повлекување на законот за СЈО

Прес-конференција на СЈО, обвинителката Катица Јанева
Прес-конференција на СЈО, обвинителката Катица Јанева

Граѓанските организации Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи, Институт за европска политика и Фондација Отворено општество – Македонија, кои се дел од Блу принт групата на организации фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавно обвинителство.

,,Со овој закон се уредува понатамошното постоење, функционирање и надлежност на сегашното СЈО без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со неговото работење, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите. Затоа, бараме доработка на измените и дополнувањата на Законот, со фокус на одредбите кои се однесуваат на понатамошниот статус и работа на СЈО”, се вели во соопштението.

Граѓанските организации реагираат на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност а што директно влијае на создавање недоверба во понатамошното функционирање на СЈО. Бараат Владата, да го повлече предлог-законот за Јавното обвинителство и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе доработи законот земајќи ги предвид препораките.

види ги сите денешни вести

Турција го уапси главниот ривал на Ердоган поради сомневање за корупција

Екрем Имамоглу
Екрем Имамоглу

Турските власти денеска (19 март) го уапсија главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Екрем Имамоглу, под сомнение за корупција и поддршка на терористичка група.

Главната опозициска партија го нарече апсењето „обид за државен удар против нашиот иден претседател“.

Апсењето на Имамоглу-истакнатиот градоначалник на Истанбул, доаѓа во време кога многу опозициски фигури беа приведени низ целата земја, во она што многумина го гледаат како политизиран обид да се замолчат противниците.

Владата на Ердоган ги отфрли критиките, велејќи дека судството е независно.

Имамоглу, кој има 54 години, води пред Ердоган во некои анкети во Турција.

За него се води истрага во два одвоени случаи, кои опфаќаат и обвиненија за водење криминална организација, поткуп и манипулација со тендери.

Главната опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП), беше на работ да го објави Имамоглу за свој претседателски кандидат за да го предизвика Ердоган, кој ја водеше Турција повеќе од две децении.

Следните избори се закажани за 2028 година, но Ердоган ја достигна дозволената граница од два мандата како претседател, откако претходно беше премиер. Ако сака повторно да се кандидира за претседател, мора да распише предвремени избори и да потврди дека не го завршил вториот мандат или мора да го промени Уставот.

Во видеото објавено на социјалните мрежи, Имамоглу рече дека нема да се предаде и дека ќе продолжи да остане непоколеблив пред притисокот.

Лидерот на ЦХП Озгур Озел го нарече апсењето на Имамоглу обид за државен удар и ги повика сите опозициски групи да се обединат против неговото приведување. Тој додаде дека партијата ќе го избере Имамоглу за лидер во недела, без оглед на развојот на настаните.

Според соопштението на обвинителството во Истанбул за првата истрага, вкупно 100 лица, меѓу кои и новинари и бизнисмени, се осомничени дека се вмешани во криминални активности поврзани со одредени тендери објавени од општината на Истанбул.

Во втората истрага, обвинителите ги обвинуваат Имамоглу и уште шестмина за поддршка на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка организација.

Минатиот месец, ПКК прогласи прекин на огнот како одговор на повикот на затворениот водач Абдула Оџалан за разоружување, што е голем чекор кон ставање крај на бунтот кој остави повеќе од 40 000 мртви и може да има значителни последици за регионалната безбедност и политика.

Апсењето на Имамоглу дојде ден откако Универзитетот во Истанбул му ја укина дипломата, одлука која, доколку биде потврдена, ќе го спречи да се кандидира на претседателските избори.

Канцеларијата на гувернерот на Истанбул ги забрани сите собири и протести во градот на четири дена.

Уште петмина пациенти заминуваат на лекување во странство, сите повредени се во стабилна состојба

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека денеска е последниот транспорт на пациенти кои ќе се лекуваат во странство, од трагедијата во Кочани. Како што посочи, во 11:30 часот за Шведска денеска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а после пладне уште тројца пациенти. Тој напомена дека може да се очекува во текот на следните денови и враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.

„Последниот транспорт на пациенти е денеска (19 март). Веќе нема да има лекување на пациенти надвор од државата, дури може да чекаме некои и да се враќаат во следните денови. Денеска има само за Шведска и тука завршуваме. Веќе нема потреба за другите пациенти да се лекуваат надвор од државата“, рече Таравари на денешната прес-конференција.

Како што додаде, добрата вест е што поминаа 72 часа и нема починати. Сите пациенти се во стабилна состојба.

„Добрата вест е што поминаа 72 часа и нема ниту еден починат од тие што ја преживеаа трагедијата во Кочани. Вкупно, се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи, од кои што 64 се во болниците во Македонија во државните болници и 13 пациенти се во приватните болници. Сите се во релативно стабилна состојба“, додаде министерот.

Тој напомена дека во моментот, 101 пациент се третираат надвор од државата и тие се во релативно стабилна состојба.

Краткотраен притвор за вкупно 17 лица

Дискотеката „Пулс“ во Кочани
Дискотеката „Пулс“ во Кочани

На уште едно лице му е определен краткотраен притвор од 48 часа во врска со трагедијата во Кочани со што вкупниот број на лица опфатени со оваа мерка се искачи на 17 лица. На дел од оние кои им е изречена оваа мерка, вечерва (19 март) им истекуваат 48-те часа.

Јавниот обвинител Коцевски вчера изјави дека покрај 16-те лица, на уште едно лице ќе му биде определен 48-часовен притвор.

Најави брза и ефикасна истрага која ќе биде најпрофесионално изведена. Според него, се работи за многу тежок, комплициран предмет во кој има многу жртви.

„Ветив и ќе останам на тоа ветување дека истрагата ќе биде брза и ефикасна. Меѓутоа не значи дека ќе биде избрзано. Мора да се соберат сите докази по легален пат, мора доказите да си имаат доказно својство, односно да бидат на законит начин прибавени, што значи дека обвинителскиот тим постапува многу претпазливо, и многу внимателно“, изјави вчера Коцевски за телевизија „Сител“.

Меѓу притворените на кои им е изречен 48-часовен притвор се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешниот директор на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски.

Мерката краткотраен притвор се предлага во особено сложени предмети, кога е потребно да се прибере поголем обем на докази за проверка на сите околности и евентуално формално поведување истрага. Оваа мерка, предвидена согласно член 170 од Законот за кривичната постапка, може да се определи најмногу два пати по 48 часа без да биде донесена формална наредба за спроведување истражна постапка.

Тоа му овозможува на јавниот обвинител да го задржи лицето за кое постои сомнение подолго од основните 24-часа полициско задржување. Смислата на оваа законска одредба е да му овозможи на јавниот обвинител да има доволно време, особено во тешки и сложени предмети, да ги преземе сите активности и да ги утврди фактите и околностите, како и конкретните својства и дејствија на лицето кои ќе ги испитува понатаму во истражната постапка.

По формалното отворање на истрагата, јавниот обвинител предлага нови мерки за обезбедување на осомничениот, односно краткотрајниот притвор се укинува и најчесто се определува редовен притвор.

Радио Слободна Европа поднесе тужба против Американската агенција за глобални медуми поради укинување на финансирањето

РСЕ работи во 23 земји и на 27 јазици низ Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Централна Азија
РСЕ работи во 23 земји и на 27 јазици низ Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Централна Азија

Радио Слободна Европа (РСЕ) на 18 март објави дека поднесе тужба против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), и претставниците на УСАГМ, Кари Лејк и Виктор Моралес, за да го блокираат нивниот обид да го прекинат федералното финансирање на РСЕ.

Во тужбата се тврди дека задржувањето на средствата одобрени од Конгресот за РСЕ ги прекршува федералните закони и Уставот на Соединетите Држави, кои на Конгресот му даваат ексклузивна власт за федералните трошоци.

Тужбата беше поднесена во Окружниот суд на САД за округот Колумбија.

„Ова не е време да се отстапи место на пропагандата и цензурата на американските противници. Ние веруваме дека законот е на наша страна и дека славењето на нашата пропаст од деспотите ширум светот е прерано“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус.

Моралес е вршител на должноста извршен директор на Американската агенција за глобални медиуми, додека Лејк е виш советник на Моралес.

Веста за тужбата доаѓа додека политичарите од Европската Унија велат дека продолжуваат со напорите за можна поддршка за РСЕ, откако американската влада одлучи да го намали финансирањето на радиодифузерот со седиште во Прага, поради загриженоста дека неговото затворање ќе биде удар за продемократските медиуми.

Чешкиот министер за европски прашања Мартин Дворжак за новинарите во Брисел изјавија дека неколку нации досега ја поддржале иницијативата, но дека блокот мора брзо да дејствува бидејќи „би било голема грешка да се остави оваа институција да умре“.

„Треба да покажеме интерес и да се сретнеме со комесари и со некои држави. Во моментов оваа иницијатива е поддржана од седум други земји, а откако ќе ја објавиме иницијативата на Советот за општи работи, ќе ни се придружат повеќе земји“, рече Дворжак, додавајќи дека прашањето мора да се реши во рок од „неколку недели“.

На иницијатива на Чешката Република, на состанокот на министрите за надворешни работи од 27-те членки на блокот на 17 март се разговараше за иднината на РСЕ поради кратењата на финансирањето одобрено од Конгресот, кои беа скратени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп во текот на викендот.

Земјите од ЕУ изразуваат поддршка за РСЕ

Иако Дворжак не сакаше да ги открие имињата на земјите кои изразија поддршка за овој потег, дипломатски извори за РСЕ велат дека меѓу земјите кои ја поддржуваат иницијативата се Германија, Австрија, Шведска, Холандија, Белгија, Словенија, Полска, Чешка и трите балтички земји.

„Финансиските предизвици со кои се соочува Радио Слободна Европа сериозно му се закануваат на независното новинарство во регионите каде што слободата на медиумите е задушена, од Русија и Белорусија до Иран и Авганистан“, рече белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево во објавата на X.

„Ако РСЕ исчезне, дезинформациите и пропагандата ќе ја пополнат празнината. Тоа би било директна победа за оние кои сакаат да ја поткопаат демократијата... Европа не може да го дозволи тоа. Заштитата на слободните медиуми значи заштита на демократијата. Пристапот до известување засновано на факти не е само принцип, туку неопходност за безбедноста и основните слободи“, додаде тој.

Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски по состанокот на министрите за надворешни работи на 17 март изјави дека чувствува „извесен интерес“ од другите членки на ЕУ за иницијативата на неговата земја и дека „наша одговорност е сериозно да се занимаваме со ова прашање“.

Историја на Радио Слободна Европа за време на Студената војна

Полскиот колега на Липавски, Радек Сикорски, исто така, изрази поддршка за РСЕ, потсетувајќи како неговиот татко го слушал радиото, како и Гласот на Америка, за време на Студената војна.

„Така ги дознавме основните факти за нашите земји бидејќи комунистичката пропаганда беше строго контролирана“, им рече Сикориски на новинарите.

„Шведска потпиша чешка иницијатива за изнаоѓање начини на кои ЕУ и нејзините земји-членки можат да го поддржат Радио Слободна Европа и неговата улога како глас на слободата, онаму каде што е најпотребно“, изјави шведската министерка за европски прашања Џесика Розенкранц.

На 14 март, Трамп потпиша извршна наредба со цел намалување на бројот на седум федерални агенции, вклучително и Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), која ги надгледува РСЕ и другите федерални радиодифузери.

Наредбата, која ги таргетира и агенциите кои се занимаваат со бездомништво, работни спорови и развој на заедницата, им даде на раководителите на секоја именувана владина единица седум дена да поднесат извештај со кој се потврдува целосната усогласеност.

Неколку часа по објавувањето на извршната наредба, во писмото од УСАГМ се наведува дека овластувањето за РСЕ, одобрено од Конгресот, е одземено.

Шефот на РСЕ, Капус, рече дека прекинот на договорот за субвенционирање ќе биде „огромен подарок за непријателите на Америка“, чувство што го повторија многу активисти за медиумски права, застапници за демократија и политичари.

Хутите соопштија дека САД извршиле најмалку десет напади врз цели во Јемен

илустрација
илустрација

Најмалку 10 американски напади се извршени во Јемен, вклучително и во провинцијата Саада и Ходеида, објавија рано денеска (19 март) јеменските Хути.

Соединетите Држави започнаа бран напади врз областите на Јемен контролирани од Хутите кои се блиски со Иран, кои минатата недела рекоа дека ги продолжуваат нападите врз бродовите во Црвеното Море за да ги поддржат Палестинците во Газа.

Силите на Хутите открија непријателски воени движења во Црвеното Море како подготовка за извршување на голем воздушен напад врз земјата, изјави денеска воениот портпарол на Хутите, Јахја Сарија.

Сарија, без да обезбеди докази, истакна дека Хутите го нападнале американскиот носач на авиони Хари Труман и други воени бродови со проектили и беспилотни летала, што го спречило американскиот напад.

Зеленски: Руските дронови нападнаа цивилна инфраструктура

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот Володимир Зеленски рече дека Русија лансирала повеќе од 40 дронови доцна синоќа за да ја нападне цивилната инфраструктура, што, според него, покажува дека мора да се изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин заради мирот.

„Токму таквите ноќни напади на Русија ги уништуваат нашите енергетски системи, нашата инфраструктура, нормалниот живот на Украинците, рече Зеленски во објавата на Телеграм.

„Денес Путин де факто го отфрли предлогот за целосен прекин на огнот, би било правилно светот да одговори со отфрлање на сите обиди на Путин да ја продолжи војната“, додаде тој.

Претходно, на онлајн прес-конференција, Зеленски, цитиран од украинските медиуми, рече дека Украина и Русија, со посредство на американската страна, би можеле да се договорат меѓусебно да не ја напаѓаат енергетската инфраструктура.

„Не може да се случи Русија да го нападне нашиот енергетски сектор и ние да молчиме. Ќе одговориме. Но, двете страни, украинската и руската, не треба да ја напаѓаат енергијата - нашата земја ќе го поддржи тоа“, рече Зеленски.

Во меѓувреме, руските медиуми јавија дека имало експлозии во Киев, каде што е на сила режимот на воздушна тревога. Во главниот град на Украина се слушале сирени цели 3,5 часа, објавија украинските медиуми.

Нападите следуваат откако рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да ги запре нападите врз енергетскиот сектор и инфраструктурата на Украина за 30 дена, како чекор кон постигнување целосен прекин на огнот.

Србија бара објаснување од Хрватска и Албанија за трилатералниот меморандум со Косово

Српското Министерство за надворешни работи ќе испрати итно барање до министерствата за надворешни работи на Хрватска и Албанија за детално објаснување во врска со потпишувањето на трилатералниот меморандум за соработка со Косово во областа на одбраната.

Во соопштението од српското министерство е наведено дека со тој договор двете земји „презеле чекори кои ја поткопуваат регионалната стабилност“.

Српските власти, кои не ја признаваат независноста на Косово, оценија дека иницијативата, која се спроведува без Белград, но со Приштина, „претставува отворена провокација и грубо непочитување на реалноста на теренот“.

„Очекуваме итен одговор од Загреб и Тирана за вистинските намери и крајни цели на оваа опасна воено-безбедносна игра. Србија нема да дозволи никакви еднострани дејствија кои можат да го загрозат нашиот територијален интегритет, безбедноста на граѓаните и мирот во регионот“, се вели во соопштението.



Српското Министерство за надворешни работи оцени дека меморандумот е резултат на „стратегија насочена кон изолација на Србија“.

Србија не ја признава независноста на Косово, додека со Европската унија преговара за нормализирање на односите со Приштина.

Во Охридскиот договор постигнат во 2023 година меѓу Србија и Косово, меѓу другото стои дека Србија „нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“.

Министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово на 18-ти март во Тирана потпишаа Декларација, со која се зајакнува трилатералната соработка и се нагласува важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици кои можат да ја загрозат регионалната стабилност.

Декларацијата вклучува, како што јави Хрватската радио телевизија, унапредување на одбранбените способности и соработка меѓу одбранбените индустрии, зајакнување на интероперабилноста преку образование, обука и вежби, спротивставување на хибридните закани, како и целосна поддршка за евроатлантските интеграции.

Како што е наведено, отворена е можноста и за други членки да се приклучат на Декларацијата.

Тошковски: Претреси во Министерството за економија, управителот и одговорното лице на „Пулс“ и Општината Кочани

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 18 март, соопшти дека за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани досега приведени се 18, а задржани се 16 лица. За 14 лица е изречена мерка притвор во траење од 48 часа.

Тој додаде дека биле направени претреси во домови на две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција. Дополнителни биле извршени претреси и во службените простории кои се користат од државен советник во рамки на Министерство за економија.

Претреси, исто така, извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката, а денеска полициски службеници од одделот за крим полиција и организиран криминал влегоа и во општината, каде, како што изјави Тошковски, се преземаат мерки и активности за обезбедување на документација поврзана со дискотеката.

Досега, на 11 лица им е одредена мерка притвор за постоење на основано сомнение за сторени „тешки дела против општата сигурност“, додека на три лица име одреден притвор за „несовесно работење“.



Тошковски посочи дека последното задржано лице се терети за „тешки дела против општата сигурност“ во врска со предизвикување на општа опасност, а истото е потписник на еден од потребните документи за ставање во функција на еден кабаре клуб.

„Постојат основи, кои што, одат во насока дека незаконито, паушално, без утврдување на фактичка состојба биле изготвувани круцијални документи, кои што биле предуслов во понатамошната постапка за ставање во функција за предметното кабаре“, изјави Тошковски.

Во врска со агенцијата за обезбедување на дискотеката, Тошковски рече дека во овој момент согласно информациите коишто ги има и оние коишто може да ги сподели со јавноста, постојат основи на сомнение дека управителот на подружницата заедно со дел од ангажираните лица имаат сторени одредени незаконитости коишто ќе бидат предмет на кривична постапка, поврзани со кривично правниот настан.

Меѓу приведените со краткотраен притвор се поранешен министер за економија, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат и поранешниот директор на Дирекцијата за спасување и кризи.

Започна мирниот собир на плоштадот во Скопје во чест на починатите во Кочани

Мирен собир на граѓани под паролата „Кој е следен?“ на плоштадот Македонија во Скопје на кој ќе им се оддаде почит на 59-те жртви во пожарот во Кочани.
Мирен собир на граѓани под паролата „Кој е следен?“ на плоштадот Македонија во Скопје на кој ќе им се оддаде почит на 59-те жртви во пожарот во Кочани.

Стотици граѓани се собираат на на плоштадот Македонија во Скопје за да им оддадат почит на 59 -те жртвите во пожарот во Кочани. Вечерта на 15 спрема 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, а над 180 се повредени.

Голем дел од пациентите кои се во критична состојба имаат проблеми со респираторните органи, а некои дури и оштетувања од превисока температура. Дел од нив се уште дишат со респираторна поддршка.

„Вашиот систем уби една цела генерација- иднината на Кочани,“ „Парите со крвави раце ги броите“ и „Немаше да има крв, ако беше се по закон“ се дел од паролите на транспрентите со кои граѓаните излегоа на мирниот собир.

Граѓаните во Скопје се одѕваа на повикот на социјалните мрежи под паролата „ Кој е следен?“, откако во изминативе два дена се организираат во повеќе градови мирни собири на кои палат свеќи, оставаа цвеќиња и се потпишуваат во „книги на жалост“ во спомен на починатите.

Вчерашниот мирен собир во Кочани, на кој дојдоа стотици граѓани, се претвори во протест на кој демонстрантите бараа правда и одговорност за како што рекоа „корумпираниот систем во кој живеат“. Дел од нив гневни го демолираа кафулето кое според изјавите на жителите било во сопственост на човекот кој ја менаџирал дискотеката „Пулс“. Дел од демонстрантите својот револт го изразија и пред општината Кочани, полицијата и судот.

Протест во Кочани - правда и крај на корупцијата
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 2:49 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Објектот во кој изби пожар, а дел од министрите го нарекоа „шупа“, бил дивоградба изградена во 1999 година. Првично служел како текстилна работилница, а негова пренамена во кабаре не е пријавена. Легализиран бил во 2005 година. Реновиран е лани. Лиценца имал од Министерството за економија за која сега власта тврди дека е фалсификат и дека истекувала два дена пред да се случи пожарот.

Инаку за трагичниот настан до сега краткотраен притвор од 48 часа добија 16 луѓе, меѓу кои поранешен министер за економија, секретар во истото министерство екс директор на Државниот пазарен инспекторат, службеници и сопственикот на дискотеката.

Речиси третина дискотеки и кабареа работеле без валидна лиценца

Илустрација
Илустрација

Вкупно 22 угостителски објекти имале лиценца, а на 15 им била истечена, е исходот од 50-те контроли што ги спровеле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат на 16 и 17 март. Угостителските објекти биле регистрирани како кабаре, ноќен клуб, диско клуб и за диско клуб на отворен простор. Масовната инспекција беше спроведена откако ноќта на 15 спрема 16 март во пожар што изби во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 луѓе, а над 180 се повредени.

„Со оглед дека овие угостителски објекти не работат деновиве поради денови на жалост, ДПИ ги обезбедил документите потребни за надзорот преку контакти со одговорните лица“, изјави владината портпаролка Марија Митева по седницата на Влада на која се разговарало за добиените информации за инспекцијата.



Митева додаде дека на цела територија на земјава се утврдени 22 угостителски објекти од овој сектор со валидни лиценци за вршење дејност, а 15 имале лиценци со истечена важност.

Од 13 објекти во Скопје, само два имале лиценци со важност за кабаре. Како што рече, осум биле истечени, а три воопшто немале лиценца.

Во Куманово има три објекти и сите со важечка лиценца за кабаре.

Штип, Виница и Делчево по еден објект регистриран како кабаре, сите со лиценца со важност.

Во Струмица има четири објекти – две лиценци со важност за диско клуб, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор и една истечена лиценца.

Во Гевгелија има еден објект со лиценца со важност за диско клуб. Битола се четири објекти – три се со важност за кабаре, една лиценца со важност за диско клуб на отворен простор.

Во Прилеп имаме два објекта и двата се со истечена лиценца. Кавадарци еден објект со лиценца со важност, Неготино еден објект со истечена лиценца.

Во Велес еден со важност за кабаре, Охрид четири објекти – две лиценци со важност, една лиценца за диско клуб, еден објект е без лиценца.

Кичево еден објект со важност за кабаре, Гостивар имаме еден објект со истечена лиценца, во Тетово шест објекти од кои за четири нема податок, а два се со истечена лиценца, информираше Митева.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG