Стево Пендаровски е консензуалниот кандидат за шеф на државата зад кој застанаа СДСМ, нивната коалиција, владината коалиција и неколку други партии. По речиси двочасовната вечерашната средба, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев придружуван од другите партиски лидери, рече дека застануваат сите зад Пендаровски.
„Стево е човек кој одамна донесе одлука да влече напред наместо назад. Ги избра граѓаните. Изразувам голема благодарност за големината на другите наши кандидати фаворити- Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и другите кандидати. Големи луѓе, локомотиви во владата кои одлучија да одработат во Владата, за реформите, за граѓаните. Одлучија да дадат предност на натпартискиот Стево Пендаровски“, рече Заев.
Пендаровски стана кандидат по консултациите на Заев со претседателот на ДУИ Али Ахмети и со другите лидери на партии. Ахмети од претходните претседателски избори инсистираше на консензуален кандидат за претседател, но не се договори со тогашните коалициски владини партнери ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак и покрај ваквиот договор на партиските лидери, одлуката ќе стане конечна в недела кога СДСМ ќе ја верификуваат на партискиот конгрес. На него има неколку опции- првата е партиското раководство да му предложи на конгресот да го избере Пендаровски и делегатите да се согласат со тоа, опција во која нема да се гласа за другите кандидати. Втората можност е конгресот да не го прифати таквиот предлог и во тој случај ќе треба да се одлучува и меѓу другите кандидати кои се самопријавија или, пак, се пријавени од општинските ограноци на партијата.
Пендаровски беше кандидат за претседател пред пет години. Тогаш изгуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов кој освои околу 130 000 гласа повеќе. Веднаш по затворањето на избирачките места, без да се знаат резултатите, Заев тогаш како опозициски лидер, изјави дека не го признаваат изборниот процес, наведувајќи дека имало малверзации, измами и притисоци и побара техничка влада. Десетина месеци подоцна, во февруари 2015 година, Заев почна да ги објавува така наречението опозициски бомби.
Пет години подоцна, по вториот мандат на Иванов неговата позиција се обидуваат да ја наследат повеќе кандидати. Засега извесна во трката е самопрофесорката Гордана Силјановска – Давкова која е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но и покрај тоа што не мора да собира потписи,ги собра и извесно е дека ќе влезе во трката. Во неа ќе се обидат да се најдат и поранешниот директор на државниот архив Филип Петровски и поранешниот амбасадор Блерим Река кој ќе биде поддржан и од Алијансата за Албанците и Беса, а потписи најави дека собира и пратеникот Амди Бајрам кој вечерва кажа дека ќе ја повлечел кандидатурата и ќе дадел поддршка на Пендаровски. Останатите имаат рок да ги соберат потребните 10 000 потписи до 9 март. Кандидатите до Државната изборна комисија треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 месецов, а изборната кампања би требало да почне на први април.