Достапни линкови

Квалитетот на претседателскиот кандидат ќе биде пресуден


Архивска фотграфија - Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014.
Архивска фотграфија - Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014.

Додека владејачката коалиција денеска треба да го соопшти кандидатот за заеднички претседател, други партии соопштија имиња. Аналитичарите велат дека во трката мала предност дава тоа што некои кандидати започнаа средби. Тие велат најважен ќе биде квалитетот на кандидатите.

Денеска владејачките СДСМ и ДУИ треба да го соопштат името на заедничкиот кандидат кој од граѓаните ќе бара да му го доверат мандатот за претседател на изборите закажани на 21 април. Во јавноста досега најчесто споменуваните имиња за кандидати се вицепремиерите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, а останува да се види дали до вечер ќе се појави и друго име како изненадување.

Во меѓувреме дел од партиите веќе ги соопштија имињата на личностите кои ќе учествуваат во претседателската трка. ВМРО-ДПМНЕ ја избраа својата кандидатка Гордана Силјановска- Давкова пред речиси две недели. Таа веќе има средба со граѓани, а од вчера во списокот на кандидати за претседател се приклучи и амбасадорот и универзитетскиот професор Блерим Река, чија номинација ја поддржаа Алијансата за Албанците и БЕСА. Тие како опозициски партии, сметаат оти претседателските избори во земјата немаат значење без кандидат Албанец.

Кандидатите ќе имаат еден месец да ги уверуваат граѓаните да им го доверат мандатот за претседател.

На прашањето дали во трката може да добијат предност кандидатите чии имиња веќе беа објавени во јавноста, аналитичарите одговараат дека најголема предност може да има квалитетот на кандидатите.

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка соопштувањето на имињата на кандидатите од некои партии малку е важно во освојувањето доверба од јавноста. Според него, владејачката коалиција има предност со заедничкиот настап.

„Тоа не дава никаква предност затоа што владејачката коалиција има значителна предност во старт и заради повисокиот рејтинг и од ВМРО ДПМНЕ и од сите други, а особено што СДСМ и ДУИ се одлучија да имаат заеднички кандидат за претседател. Со заеднички настап веќе имаат стартна поголема предност“, вели Александар Кржаловски од МЦМС.

Аналитичарот Ибархим Мехмети вели дека многу е битно кој ќе биде кандидат на владејачката коалиција и оти тоа ќе ги смени релациите во однос на тоа кој ќе биде во предност.

„Тоа не мора да биде предност дури напротив тој што ќе се појави подоцна може да биде во подобра предност бидејќи веќе ја знае дел од стратегијата на таа што се појавила пред тоа, но тоа ќе зависи повеќе од изборот на кандидатот, ако кандидатот кој ќе се појави подоцна е добро изненадување тогаш може да биде предност, но ако се појави релативно послаб кандидат тогаш секако дека тие што се појавиле пред ќе ја задржат таа предност, бидејќи оние секако имаат некаква предност”, вели Мехмети.

Но Кржаловски вели дека единствена пречка за кандидатот на СДСМ и ДУИ може да биде тоа што кај двете партии до последен момент имало несигурност кој да биде консензуален претседател.

„До ден денешен кога треба да се објави се уште во оптек се најмалку двајца кандидати - Стево Пендаровски и Оливер Спасовски, но кај други извори се уште циркулираат имињата на Никола Димитров и на Радмила Шекеринска, а може да се појави и изненадување до вечер“, вели Кржаловски.

Тој сепак очекува фаворит да биде едно од имињата кои се објавуваа во јавноста.

„И кога тоа ќе се објави се уште има време да се надомести она што е релативен заостаток од 15 дена од одлуката на Силјановкска и владејачката коалиција да го надомести тоа“, вели Кржаловски.

Аналитичарот Мехмети на владејачката коалиција и забележува дека покажа колебање во изборот на заеднички кандидат и дополнува оти тоа не остава добар впечаток во јавноста.

„Тоа дава негативен контекст нa нивнатa приказна за тоа каква би била промената со нивниот избор на кандидат. Колебањата меѓу СДСМ и ДУИ и нивните вербални кошкања во Парламентот, како главни коалициски партнери дали ќе соработуваат може да имаат негативна конотација, но треба да почекаме да видиме кој ќе биде нивни кандидат за да кажеме какви ќе им бидат шансите“, вели Мехмети

Тој дополнува дека кај владејачките партии ситуацијата е комплицирана и тие се обидуваат да ги премостат разликите кои се појавија во изминатите денови.

Бројот на вкупниот број учесници на претседателските изборите ќе биде познат кога кандидатите ќе соберат 10 илјади потписи од граѓаните. Потписи треба да соберат и Амди Бајрам од Сојузот на Ромите на Македонија и Филип Петровски од „Македонија блокира“, кои исто така најавија дека ќе се кандидираат за учество во претседателската трка.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG