Достапни линкови

Германска локомотива за македонската економија


Премиерот Зоран Заев и специјалниот советник д-р Валтер Дефа
Премиерот Зоран Заев и специјалниот советник д-р Валтер Дефа

Домашните бизнисмени и експертската јавност очекуваат новиот економски советник од Германија да ги олесни претпристапните преговори кон ЕУ во делот на економските реформи, но и да им пренесе знаење и искуства на домашните стопанственици

Доаѓањето на германскиот советник за економија Валтер Дефа во земјава е добар сигнал за македонската економија, а неговото ангажирање може многу да помогне во евроатланскиот процес на државата, оценува стручната јавност.

“Овој советник под диктат на германската канцеларка Меркел ќе ни помогне многу во претпристапните преговори со Европската Унија и ќе биде “камшикарот” (кој го споменува премиерот Заев) за да се спроведат некои реформи кои се многу важни за земјава. Назначувањето на овој советник го гледам исто така, како знак дека Германија ќе биде главниот спонзор за зачленување на Македонија во ЕУ и како главна економија и локомотива во ЕУ многу е важно да имаме ваков партнер”, изјави економскиот аналитичар Висар Адеми.

Иако за доаѓањето на Дефа, стопанственикот Мирче Чекреџи разбрал од медиумите, негова проценка е дека македонските бизнисмени може да имаат корист од неговиот ангажман тука.

“Германија е една од најсилните економии во светот, наш прв трговски партнер и затоа искуството кое тамошните експерти би го пренеле е од драгоцено значење. Со оглед на тоа што детали немаме, во овој момент не можам прецизно да оценам колку позитивна ќе биде нивната улога, но во секој случај таквите експерти се добредојдени”, вели Мирче Чекреџи и додава:

“Економската помош не секогаш е во парите. Понекогаш е многу подрагоцено да добиеме економска помош во знаење. И ова е обид на Германија да ни испрати експертиза во областа на економијата”, посочува Чекреџи.

Адеми додава дека економските реформи треба да бидат во фокусот на економскиот тим на актуелната влада, а главната задача на Дефа би била политичка и би се однесувала на поддршка и известување за економскиот напредок во делот на реформите потребни за зачленување во ЕУ.

“Какви ученици ќе бидеме ние, тоа сепак зависи од нас. Меѓутоа главниот “камшикар” е тука и тој ќе ги следи одблиску тековите и прогресот на реформите и ќе известува за слабите и јаките страни. Пораката е многу важна, а таа е дека Германија е главен промотор и спонзор на македонската влада”, вели Адеми.

Според најавите, советникот кој во земјава доаѓа пратен директно од Меркел ќе има за задача да и помогне на Македонија во економските реформи. Премиерот Зоран Заев изјави дека идниот советник кој ќе го плаќа германската влада, најмногу ќе биде посветен на дуалната едукација односно подготовката на квалификувана работна сила. Меѓу другото, тој ќе треба да и помогне на македонската влада во обезбедувањето подобар пристап до европските фондови и во спроведувањето на економските политики.

Покрај задачата да не научи како да ги користиме европските фондови, германскиот економски советник ќе треба да не научи и како да подготвуваме проекти за да аплицираме во претпристапните ЕУ-фондови и како да ни порасне процентот на реализација на средства од нив. Задача на Валтер ќе биде и олеснување на контакти со германски фирми кои би биле потенцијални инвеститори во земјава, како и поедноставен пристап на македонските компании на германскиот пазар. Валтер Дефа важи за професионалец и долги години е дел од Европската унија. Во јуни, од Германија треба да пристигне уште еден советник.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG