Достапни линкови

Северна Македонија носи огромни перспективи


Заев ќе размислува за избори, Мицкоски бара распуштање на Парламентот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:28 0:00

Заев ќе размислува за избори, Мицкоски бара распуштање на Параламентот

Заев вели дека Договорот ќе значи дека кон НАТО и ЕУ, Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членки и оти со тоа на државата ќе и се гарантира безбедноста, стабилност, а земјата ќе биде и економски силна. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, рече дека Владата ќе падне.

Премиерот Зоран Заев, по вчерашното изгласување на измените на Уставот за спроведување на Договорот од Преспа, рече дека тоа е историски момент и оти одлуката била проследена со горчина, но и со гордост. Тој очекува Северна Македонија да отвори огромни перспективи за државата. Заев се заблагодари на секој пратеник за, како што рече, оваа голема и одговорна одлука. Тој наведе, дека знае колку било тешко да се донесе одлуката и оти ја чувствува и ја разбира и горчината, но и „гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и на нашиот народ”.

„Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината напишавме историја и ги отворивме новите бели страници на нашата иднина за испишување на нова реалност, новата перспектива на Република северна Македонија земја членка на европското и евроатлантското семејство”, рече Заев.

Тој рече дека Договорот ќе значи дека кон НАТО и ЕУ, Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членки и оти со тоа на државата ќе и се гарантира безбедноста, стабилност, а земјата ќе биде и економски силна. Заев исто така дополни дека одлуката во Парламентот е одлука против изолација, несигурност и сиромаштија.

Тој во неколку наврати го користеше името Република Северна Македонија, иако уште не е стапен во сила Договорот, а причина за тоа, како што рече, е да укаже на сериозноста на одлуката што е донесена во македонскиот Парламент.

„Да, спомнав, за да сфатат граѓаните, првин од устата на премиерот, за сериозноста на одлуката што е донесена во нашиот Парламент. Договорот стапува во сила откако ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент. Примената е јасно опишан внатре. За меѓународна употреба стапува веднаш, за домашна употреба со отворање на поглавјата не повеќе од пет години е опишано детално. Но дефинитивно, тоа е решението кое го прифативме и кои ги отвора перспективите на целиот наш народ и нашата земја”, изјави премиерот Заев.

Заев додаде дека веднаш по објавувањето во Службен весник македонското МНР ќе испрати известување до грчкото МНР.

„Верувам дека уште на почетокот на идната седмица со објавувањето во Службен весник денеска на донесените вчерашни одлуки ќе ја испратиме нотата од нашето МНР до МНР на Грција да знаат дека е завршен нашиот процес. Веднаш после тоа тие влегуваат во нивниот процес за ратификација на Договорот, а веднаш после тоа и за ратификација на протоколот за членство во НАТО. Со тоа стапува во сила Договорот од Преспа. Следува нашата обврска да пуштиме писмо до сите земји во светот за одлуката што ја донесе македонскиот Парламент, тоа е дел од обврската од Договорот и тоа ќе го направиме”, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање, за тоа што претседателот Ѓорге Иванов одбива да потпише ваква одлука, изјави дека неговиот потпис не е потребен.

Заев рече дека заедно со Грција како земји ќе ги отфрлат изолацијата и недоразбирањата и заеднички ќе го потврдат историското решение.

„Убеден сум дека и пратениците во грчкиот Парламент ќе ја препознаат и нивната голема улога во овој историски момент. Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот од НАТО, а потоа ќе ги поведе останатите земји членки на Алијансата за да бидеме 30. земја членка на НАТО, рече Заев и дополни дека по денешното објавување на одлуката во службен весник идната недела ќе биде известена и Грција.

Во врска со барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските избори Заев рече дека сериозно ќе размислат за тоа.

„Мојот став го знаете. Македонија треба да го искористи ова пред се за економија, реформи, да го средиме нашиот систем и да бидеме нормална земја. Сите знаат, знам и јас, и господинот Мицкоски, тоа што го бара моли бога да не се случи. Но бара првиот човек на опозицијата. Затоа сериозно ќе размислиме и ќе го отвориме најбрзо во највисоките органи и тела на СДСМ, ќе го отвори СДСМ ова прашање, следуваат претседателски избори и вредно за размислување како прашање затоа што не сакаме да оставиме бил каква трага на пренемагање, уцени или што било во општеството“, рече Заев.

Тој од опозицијата, побара да ја потсетуваат власта на нејзините одговорности, но упати и порака опозицијата да не ја попречува Владата и да биде одговорна.

Премиерот Заев рече дека по носењето на одлуката за уставни измени претстои многу работа и додаде дека Владата сега целосно ќе се посвети на домашните обврски и на помирувањето дома.

„Ја подготвивме почвата и засадивме семе, но секој знае дека тоа е само чекор до плодна жетва и резултати“, вели Заев.

Вели дека сега ќе тргнат кон нов економски поход за да го обезбедат она што го ветуваа - подобар живот, подобри можности и фер општество.

Тој исто така рече дека очекува министрите да работат понапорно и пофокусирано за да го направат животот подобар, оти како што вели граѓаните нема да прифатат одолговлекувања, а нема да прифател ни тој.

Мицкоски до Заев: Готов си, Владата ќе падне

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес -конференција денеска го повика премиерот Зоран Заев веднаш в понеделник да почне постапката за распишување предвремени парламентарни избори.

„По капитулацијата со името, ако остане оваа Влада следува нова капитулација, во економијата и во општетството. Затоа Заев, и вие од осрамениот СДСМ, не бегајте од одговорноста, немојте да се криете зад партиските одлуки, како што се криевте зад гласовите на 81 пратеник за да ја погазите волјата на народот. Излезете на избори“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека дека премиерот Заев денеска ја преименувал државата, иако договорот се уште не е стапен на сила и дека Македонија денес не слави, туку е завиена во црно.

„Ова што вие го направивте има само еден збор, предавство и кариеризам.. Зоран Заев готов си, сите тоа го знаат, а набрзо и ти ќе го дознаеш. Оваа влада беше за едно прашање и тоа прашање го решивте катастрофално, преку промена на името, идентитетот, јазикот, историјата, култирата, образованието, промена на сè што е македонско. Овој рок и оваа задача завршува”, вели Мицкоски.

Мицкоски рече дека неговата партија ќе ја исправи оваа неправда .

Инаку одлуките за уставните измени за имплементација на Договорот од Преспа и за измените на Уставниот закон денеска ќе бидат објавени во „Службен весник“, со што тие стапуваат на сила.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG