Трет ден обиди да се продолжи собраниската седница за уставните измени поврзани со Договорот од Преспа. Од тоа што јавно го кажуваат политичарите обезбедувањето на неопходните 80 пратеници се уште е неизвесно. Беса, партијата која има двајца пратеници, останува на ставот во државјанството да го нема терминот македонско. Тоа е неприфатливо, пак, за осумтемина пратеници од независната група од ВМРО-ДПМНЕ кои не би гласале во крајната фаза ако се прифатат барањата на крилото на Беса на Биљаљ Касами.
Неофицијално отворена е можноста да се разговара и со други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, но засега не се прогнозира дали гласaњето ќе биде денеска како што беа првичните најави.
Преговорите и пребројувањата на пратеничките гласови траат од средата, кога и беше отворена седницата за уставните измени и одложена веднаш по обраќањето на премиерот Зоран Заев. Засега постојат различни комбинации, меѓу кои и дека во последната фаза својот глас за уставните измени ќе го даде и пратеникот од ГРОМ Панчо Минов, кој претходно ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и сега делува како независен пратеник. Такво очекување изрази и Заев,но од мнозинството не споменуваат конкретни комбинации за тоа како ќе се обезбеди двотретинско мнозинство наведувајќи дека се отворени за разговор со сите.
Во меѓувреме,Заев и Касами не отстапуваат од позициите. Премиерот вчера рече дека“се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање”, но нагласи дека “секако, државјанството е македонско и така и ќе остане”.
“ За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави, како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци“, рече Заев.
Пратеничката група на опозициската партија, пак, не учествува во собраниската расправа, а нивниот лидер Христијан Мицкоски исклучи можност за каква било поддршка. Тој вчера попладне, од протестите пред зградата на Собранието, рече дека договорот од Преспа е штетен и оти ветувал декаВМРО-ДПМНЕ и тој лично ќе сториле се што е во нивна моќ договорот да не се случи и неправдата да била исправена.
“Тоа ќе биде моја заложба и јас ова прашање ќе го отворам во секоја прилика, во секоја можност, при секоја моја средба. Дали ќе успеам не знам и не можам да ветам ништо, но ви ветувам дека ќе сторам се за да успеам заедно со вас тоа што некој сега бесрамно го продава да си го вратиме назад”, рече Мицкоски.
Претходно неизвесни беа двата гласа од Алијансата за Албанците но Заев и лидерот на партијата Зијадин Села се договорија вопреамбулата да се избрише зборот „граѓани кои живеат во границите“ и да се набројат сите заедници.
Заев објасни дека според таа формулација, излегува дека тие привремено живеат во Македонија и оти со бришењето на зборовите „кои што живеат“ ќе се избегне чувството кај Албанците и другите заедници дека привремено живеат во земјава.
Во средата седницата за уставните измени беше неколкупати одложувана, а вчера иако беше најавена воопшто не почна. Пред Собранието постојано има и протести зад кои стојат неколку организации.