Достапни линкови

Заев: Пратениците да ја препознаат историската одлука


Собрание на РМ
Собрание на РМ

Собраниската седница на која на дневен ред се уставните измени започна денеска попладне со обраќање на премиерот Зоран Заев, кој пратениците ги повика да донесат историска одлука која ќе ја однесе Македонија во ЕУ и НАТО, бидејќи во спротивно земјата ќе биде изолирана и заборавена.

Последната фаза од усвојувањето на четирите уставни амандмани потребни за промена на името започна во Собранието. Пред пратениците се обрати само премиерот Зоран Заев, а расправата ќе продолжи на наредната седница закажана за утре.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.

Последна фаза уставни измени, протест пред Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00

Заев порача дека договорот за името содржи јасни обележја за македонската посебност, при што јазикот и идентитетот се македонски, а земјата ќе носи име признаено од целиот свет. Според него, ниту подариле, ниту некој и одземал нешто на земјата кога се договориле за географската одредница, а со усвојувањето на уставните измени се заокружува процесот.

„Тој свечен чин ќе биде кулминација на сите наши напори. Израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните и на нашата земја“, посочи Заев.

Заев повика да се остават настрана партиските интереси, да се обединат сите и да ја препознаат историската одлука која треба да се донесе.

„Изборот не може да биде појасен. Успехот не може да биде поизвесен. Големината на оваа историска одлука треба да ја препознаеме сите. Вашиот глас е глас за полноправно членство во НАТО за помалку од една година. Вашиот глас за не става во европското семејство на ЕУ. Секој глас против е глас за изолација, несигурност, сиромаштија, за нови политички кризи и поголема неизвесност дури од оние кризи од нашето минато“, рече Заев.

Тој се заблагодари на сите политички партии кои дале свој придонес во расправата за уставните амандмани. Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски претходно на прес-конференција информира дека е обезбедена поддршка од двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не беше присутна на седницата како што и претходно најави. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред Собранието изјави дека седницата за уставните измени е финале на еден срамен процес.

„До промената на Уставот со цел промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски “, изјави Мицкоски.

Мицкоски: Уставот се менува на сила
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

Тој потоа им се придружи на демонстрантите пред Собранието, кои протестираат против уставните измени. Мицкоски најави свое обраќање најави на наредните протести. Протестите се во организација на здруженијата „Tврдокорни“ и „Македонија блокира“.

Тие го повикаа претседателот на државата Ѓорге Иванов да им се приклучи на протестот. По завршувањето на седницата пред Собранието стана тензично откако дел од демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон.





  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG