Достапни линкови

Уставните измени за едни се еволуција, за други револуција


Уставните измени - благосостојба или турлитава
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Уставните измени - благосостојба или турлитава

Во пресрет на финалното носење на уставните измени граѓаните имаат различни очекувања. Повеќето сметаат дека измените значат светла иднина, додека други се разочарани. Некои од аналитичарите пак, очекуваат решение на спорот со името и македонска евро - атланска интеграција.

Пратениците денеска ќе ја започнат пленарната расправа за уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор потпишан со Грција. Според најавите, се очекува да гласаат најдоцна на 15-ти месецов. За да се усвојат уставните измени во ова финално гласање потребно е двотретинско мнозинство.

На прашањето дали очекуваат усвојување на овие измени и што потоа, дел од граѓаните што ги анкетираше РСЕ сметаат дека на Македонија ќе и биде подобро со влезот во НАТО и ЕУ. Но, други се против уставните промени а некои сметаат дека прво треба да се решат домашните проблеми како сиромаштијата на пример.​

„Мислам дека доколку се усвојат овие уставни измени Македонија ќе оди напред. Ќе доживее и економски и политички бум и благосостојба на граѓаните“, изјави Драгиша Ѓорѓиевски.

Според него, кратко време од усвојувањето на уставните измени во Собранието, Македонија ќе влезе во НАТО, а во Европската Унија во 2025-та заедно со Србија, Албанија и другите аспиранти.

„Јас лично, како пензионер многу не очекувам пошто кариерата ми завршила, меѓутоа за младите, за вас мислам дека ќе имате добар просперитет да останете тука во земјата кај своите родители да си ги гледате на старост тоа ќе биде најголемата благосостојба за нас, повозраснтие луѓе“, изјави Ѓорѓиевски.

Меѓутоа, од друга страна, анкетираната Лиле Петрова потенцира дека стандардот на населението е на ниско ниво за да се очекува влез во НАТО.

Јас не очекувам да влеземе во НАТО, со 100 евра личен доход во НАТО, од балкон ќе скокаме. Подобро да си останеме како што бевме. Македонија си е Македонија, не сакам ни Северна Македонија, ни ништо. Првин сиромаштијата, па после НАТО. 12 илјади е личен доход, 100 евра ни се сметките, 100 евра ни останува за јадење.“, вели Петрова.

Професорот Никола Дујовски во наредните неколку денови очекува „позитивни вести од македонскиот парламент“. Тој потсети дека спорот со името ја „кочи“ Македонија со години наназад.

„Ние мораме да ја завршиме оваа обврска и веќе сме во онаа последна фаза, крајот на последната фаза, во која што едноставно Република Македонија, ние сите граѓаните, преку претставниците во законодавниот дом не смееме да ја пропуштиме оваа историска шанса, да го завршиме тоа што ни стои како обврска и конечно оваа држава да почне да се одлепува од дното во кое што се наоѓа повеќе од цела деценија“, изјави Дујовски.

Гледајќи натаму, Александар Бежовски, еден од анкетираните пак, смета дека одлуката за уставните измени ќе има „рок на траење“.

„Тоа е погрешна политика, спротивно на интересите на државата, ама сега тоа е. Секое раководство го носи личните интереси. Тоа на долг рок нема да издржи како таква опција, било која наредна влада би можела да ја повлече таа одлука, зашто референдумот е пресуден“, изјави Бежовски.

На комисиските расправи првично поминаа четирите предлог амандмани поднесени од владата за измени на Уставот. Потоа беа усвоени три од предложените седум амандмани на Предлог уставниот закон. Поконкретно, пратениците го усвоија амандманот со кој уставните амандмани не важат доколку Грција не ја исполни својата обврска од Договорот за името. Прифатен е и амандманот со кој се става јасна дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност на граѓаните на Република Македонија.

Процесот на уставните измени започна на 19 октомври кога првпат беше собрано двотретинско мнозинство. Втората фаза помина во почетокот на минатиот месец, а последното финално гласање, според најавите, ќе се случи на 15 јануари.

XS
SM
MD
LG