Достапни линкови

Одложена собраниската седница - нема договор за уставни амандмани


Собраниска седница за уставни измени на 9 јануари 2019 година
Собраниска седница за уставни измени на 9 јануари 2019 година

Седницата на Собранието на која треба да бидат донесени уставните амандмани е одложена за утре. Премиерот Зоран Заев се уште е во разговори со Беса за техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

Собранието денеска не расправаше за уставните амандмани откако седницата по неколку одложувања се презакажа за утре. Премиерот Зоран Заев во текот на денот во Законодавниот дом имаше средби со претставници на партијата Беса на Биљал Касами со цел да се изнајде договор за техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

Заев претходно на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор порача дека Беса е принципиелно поставена за прашањето, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кои според него, се првите кои се за заштита на македонскиот идентитет.

„Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско/граѓанин на Република Северна Македонија да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако, државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави, како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци“, рече Заев.

Тој додаде дека Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или албански пратеник бараат да се загрози идентитетот. Според него, во тој дух се движат и разговорите, а вкупната бројка на пратеници кои ќе ги поддржат уставните амандмани ќе се знае на самиот акт на гласање.

„Мене како овластен предлагач на Владата и предводник на овој процес ми е важно да покажам пред сите дека направивме се. Верувам до небото во овој процес. Апсолутно од непроценлива важност за нашите граѓани за Македонија и за нејзината иднина. Но, секако одговорноста на крајот е на пратениците. Верувам дека ќе се смогнат сили и ќе се соберат најмалку две третини или најмалку 80 пратеници за да се изгласаат амандмните заради тоа што после следува гласањето во грчкиот Парламент, истакна Заев.

Во меѓувреме претседателот на Собранието, Талат Џафери, најостро ги демантираше информациите изнесени од лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, дека претставници од американската амбасада, по налог на американскиот амбасадор Џес Бејли држеле тројца пратеници заклучени во Собранието.

Од собраниските служби соопштија дека се работи за класична дезинформација, која имала за цел да нанесе штета на угледот на Собранието и на процесот на интегрирање во ЕУ и НАТО.

„Во Собранието на Република Македонија секој пратеник одлучува сам, според своето убедување и нема, ниту ќе има притисоци врз народните избраници и нивното движење е слободно“, стои во собраниското соопштение.

Бачев изјави дека тројца пратеници се заклучени во Собранието и врз нив се врши притисок да гласаат за уставните измени.

Според процедурата, пратениците треба да го утврдат предлогот на амандманите кој се донесува со 61 глас, потоа донесување на амандманите, па прогласување на амандманите за кое е потребно 80 пратеници и дополнетиот предлог на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани, за што исто така е неопходно двотретинско мнозинство гласови.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG