Загадувањето со отпадот е сериозен проблем на светско ниво, бидејќи океаните, езерата, реките, почвите и воздухот секоја минута се сè повеќе загадени од отпадот што го произведува човекот.
Во Македонија голем дел од отпадот се одлага во диви депонии, каде често се спалува, бидејќи единствена депонија која исполнува некакви стандарди е „Дрисла“ за која голем дел од јавноста се сомнева дека има голем удел за загадувањето на воздухот во Скопје од третманот на отпадот.
Друг аспект на проблемот е тоа што државата нема точни податоци за количината на отпад што го произведуаат населението или компаниите. Познавачите велат дека официјалните податоци за отпадот се проблематични, бидејќи и Државниот завод за статистика бројката за произведениот отпад ја добива според формула на претпоставен број на население и претпоставена количина на произведен отпад.
Според достапните податоци за комуналниот отпад, во 2016 година во земјава се создадени 796.585 тони комунален отпад, односно 376 килограми по жител, но ако бројката се спореди со количината на собран отпад, што изнесува околу 610 илјади тони, остануваат над 186 илјади тони кој завршува фрлен во природата, во реките или доловите на планините или пак е спален во диви депонии. Проблем е и тоа што според експертите 99.9% од отпадот во Македонија не се третира, туку само се депонира.
Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија“, која е членка на европската мрежа „Нула отпад“, објаснува дека разликата меѓу создадениот и собраниот отпад е главно поради тоа што во руралните средини нема организирани системи за собирање на отпад и тој се исфрла на селските буништа и најчесто се смета дека е генериран, но не и собран.
„Дополнително има проблем што и тие податоци од 610 илјади тони собран отпад, не се точни и се некоја проценка, бидејќи иако општините имаат обврска на годишно ниво да го известуваат Министерството за животна средина за собраниот отпад, општините не го прават тоа навремено и сите не доставуваат информации, што во суштина Министерството нема податоци колку точно отпад е собран“, вели Јосифовски.
Тој зборува и за проблемот околу различните податоци за медицинскиот отпад, односно дека постои една претпоставена бројка за генериран медицински отпад од 1.200 до 1.300 тони годишно (во некои официјалните документи и 2.000 тони) и бројката што ја наведува Дрисла за спален и собран медицински отпад.
„Во суштина „Дрисла“ има услуга што им ја нуди на медицинските установи, каде што оди и им го подигнува медицинскиот отпад со едно жолто возило, ама дел од медицинските установи, приватни и јавни, само го носат во „Дрисла“. Таа е разликата што се јавува од стотина тони во собирање. Единствено не ми е јасно, ако се чита последниот Национален план за отпад во кој пишува дека Дрисла има капацитет да согорува еден тон дневно, како Дрисла согорува дупло од тој капацитет“, вели Јосифовски.
Општините ја блокираат изградбата на регионалните депонии
Стратегијата на Македонија за решавање на проблемот со отпадот во моментов е насочена главно кон изградбата на регионалните депонии. Во осумте региони треба да бидат изградени регионални депонии со стандарди за заштита на животната средина, главно со помош на ИПА фондовите на ЕУ.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во моментов се обезбедни средства и потребна документација за градење на некои од регионалните депонии, но постои проблем со дел од општините кои се противат на ваквите планови.
Грантови се обезбедени за изградба на депонии во Полошкиот и во Источниот и североисточниот регион, велат од Министерството, додавајќи дека тендер за изградба ќе биде објавен откако ќе се усогласат со градоначалникот на општина Свети Николе дека на неговата територија ќе се изгради регионалната депонија, односно на локалитетот Мечкуевци.
Оттаму велат дека соработката со градоначлникот на Свети Николе за локацијата е во напредна фаза, иако тој инсистирал на друга локација, но според Министерството докулку се прифати друга локација постои можност да се загубат 37 милиони евра од ЕУ за изградба на депонијата.
Друг услов кој треба да се исполни е да се формира меѓуопштинско јавно претпријатие коешто ќе биде оператор на регионалниот систем за управување со отпад, односно на системот кој ги опфаќа претоварните станици и регионалната санитарнитална депонија.
За регионалните депонии во Југозападниот, Пелагоноскиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион, изработени се технички документи со средства од ИПА, но нема финансиски средства за проектите, ниту од државата, ниту од ЕУ, а државата утврдува најоптимален модел на финансирање: јавно-приватно партнерство или концесија. Во Југоисточниот регион усвоен е регионален план за управување со цврст отпад кој финансира самиот плански регион.
За изградба на депониите во југозападниот со локацијата Годиње, во Дебарца, бидејќи локалното население не ја прифаќа, како и со локацијата Росоман за Вардарскиот регион за која се противи советот на општината, велат од Министерствто, наведувајќи дека доколку ние се согласат со општините за локациите, ќе бидат потребни дополнителни средства за изработка на технички проекти.