Речиси 17 илјади мигранти се обиделе во минатата година нелегално да влезат на македонска територија, велат од МВР. Според податоците што ни ги пратија од Министерството за внатрешни работи, бројот на илегални мигранти во 2018 е четири пати поголем во споредба со 2017, но драстично помал од 2016, кога беше бегалската криза.
Полицијата во 2018 спречила 16.895 луѓе илегално да ја преминат границата. Тој број во 2017 изнесувал 4.129 луѓе. Во 2016 пак, биле спречени да влезат 127.358 луѓе, но во таа бројка се и податоци за лица на кои им се издадени потврди за искажана намера за признавање право на азил согласно измените на Законот за азил од јуни 2015 година.
Во минатата година пораснал и бројот на откриени случаи на крумчарење мигранти. Полицијата во 2018 регистрирала 58 случаи на криумчарење при што биле откриени 891 нелегален мигрант.
Темата ја отвори вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој ги брифирал претставниците на земјите членки на ЕУ дека драстично се зголемени обидите за нелегално минување на границата.
Податоци од МВР | 2016 | 2017 | 2018 | |
| 127.358 | 4.129 | 16.895 | |
Број на откриени случаи криумчарење мигранти | 107 | 19 | 58 | |
Број на криумчарени мигранти | 1.961 | 212 | 891 |
„Во последните три месеци забележуваме зголемени обиди за нелегално преминување на границата, од околу две илјади случаи на спречени илегални преминувања, што е за 60 отсто зголемување во однос на претходната година, 90 отсто од нив од Грција, при што може да се каже дека во најголем дел се спречени и Македонија делува во рамките на таа заедничка политика на ЕУ“, рече Османи за МИА.
Тој на излагањето во Европскиот центар за политики, инсистирал на важната улога која ја игра Македонија и земјите од регионот во спречувањето на нелегалната миграција и контролата врз балканската рута. Османи предупредил дека ЕУ не смее да си дозволи „црна дупка“ во Македонија или во регионот, оти тоа, според него, го покажала мигрантската криза.
Фронтекс - Зголемен притисок на границите на балканската рута
И во извештајот на Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс за ризиците во 2019 година, се посочува дека во однос на балканската рута во 2018 се зголемил притисокот на границите. Во извештајот стои дека во однос на 2017, има 34 отсто повеќе пристигнувања во Грција преку границата со Турција.
Фронтекс во извештајот посочува дека членките не ЕУ треба да останат внимателни иако е намален трендот на пристигнувања на мигранти во овие земји. Особена внимателност се посочува во однос на источно-медитеранската рута. Минатата година најмалку мигранти пристигнале преку централно-медитеранската рута преку Италија, која е речиси целосно затворена откако министер за внатрешни работи стана националистот Матео Салвини. Но, откако таа рута е затворена мигрантите наоѓаат нови, па така медитеранскиот пат преку Мароко и Шпанија бележи двојно поголем број мигранти кои се обидуваат оттаму да пристигнат во ЕУ. Повеќето мигранти се од супсахарска Африка.
Криумчарите со мигранти и натаму активни
Полицијата во нашата земја пред неколку денови во две акции пронашла 22 мигранти. Близу Неготино пронашле возило во кое се превезувале 13 мигранти од Сирија. А во друга акција, во Ново Село, струмичко, пронајдени се девет мигранти од Пакистан.
Претходно, Основното јавно обвинителство соопшти дека во координирана акција со МВР е пресечен организиран канал за криумчарење мигранти во кој биле вклучени 21 човек, меѓу нив и еден полициски службеник од Штип. Организираната група за криумчарење мигранти била формирана во мај 2018 година, а го извршувала кривичното дело во континуитет до февруари 2019 година. Тие, наведуваат од обвинителството, соработувале и со членови на криминална група од Грција.
Од мигрантите кои доаѓале од Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, тие наплатувале од 150 до 300 евра по лице.