Ќе се ревидира конкурсот на Министерството за култура, соопшти министерот Асаф Адеми, чиј последен потпис на комисиските решенија за доделување парични средства предизвика лавина реакции во јавноста и кај оние што се занимаваат со дејности од областа на културата. „И ќе си поднесе оставка“ – постирал Даниел Кулевски, а Еран Зекир му порачува на министерот: „Што се правдаш министре, испокрадоа цела држава па никому не му е гајле. Да не има некој фестивал во Унгарија да не му требааат пари на Грујо“.
Во целата поплава коментари на нашата ФБ страница се издвојува коментарот на Рубинчо Ристески кој вака размислува: „А јас вака лаички да прашам. Скопје Џез фестивал не добиле пари и тие сега се најгласни. Ако тој фестивал е толку добар и атрактивен зошто бара пари од државата, атрактивните фестивали од картите си го подмируваат трошокот, а со оглед на тоа дека се ретки оние што сакаат да платат карта (сите одат на гратиси), значи не заслужува финансиска помош од државата, остајте ред и друг да земе пари, цел живот со државни пари организирате нешто“.
Како пандан можеби на напорите на државата да ја развие пософистицираната култура кај граѓаните како да служи нашата анализа за образованието на нашите млади во која се објавени податоци дека 50% од нив се неписмени или полуписмени, „и тие се како ехо на турбо-културата во општеството“. Одговорот на Шуловски Рефик има шегобиен предзнак: „Затоа што воздухот е загаден и во мозокот удира на простотилак“, па додава: „Сè е до родителите, прости родители, килави деца“.
За Садри Демировски неписменоста е резултат на непреземањето мерки за подобрување на образовниот процес, „плус демократијата се сфати како надвор така и во школото – што сакам правам“, а Ресул Исеини вината ја наоѓа во тоа што „Денес нема учители, туку партиски војници по школите“. Цаци Атанасова самата напишала „кратко и јасно: заради тоа што на секој чекор има т.н. факултети“, а Светлана Ангеловска ја допира рак-раната на општествово: „Затоа што сè е со врски и со пари. И несоодветен кадар кој појма нема“.
Дека граѓаните немаат доверба во девастираните институции покажуваат и коментарите по изборот на нова Антикорупциска комисија. „Заклетвата не важи“, напишал Часлав Стојчевски, кој е на иста линија со Ласте Џеладини: „Дадоа свечена заклетва дека ќе земат кој колку“. А Сашко Стојановски реагира на изборот во Антикорупциска на баџанакот на првиот човек на македонското Собрание, цитирајќи ги зборовите на претсадетелката Билјана Ивановска: „Ќе бидеме моќна антикорупциска сила. Жими баџанакот на Таљо“.
Со ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент, од денеска почнуваат обврските на официјално Скопје да го употребува новото име: Република Северна Македонија. За Вера Митровска, која според нејзиниот профил живее Австралија, „Македонија изгуби сè од непаметна влада“, на што Владо Здравков ѝ одговара: „Не губи, туку добива целосно меѓународно признание“, а Менсур Рамани ѝ порачува: „Лесно ви е на вас од Мелбурн да зборите, ама треба и од друга страна да ја видите Македонија – ќе биде безбедна држава, ќе има инвестиции, бидејќи остана пустош, младите избегаа за парче леб...“