Неписменоста на младите е ехо на турбо културата која во изминатите дваесетина години ја живее македонското општество, велат стручњаците. Тие укажуваат дека постои криза на моралот и нема ориентир за вредности кон кои треба да се тежнее, а во медиумите доминираат големи наслови за корупција, неказнивост, невработеност и изобилство и расфрлање со пари на поединци. Во таков амбиент резултатите од истражувањата во кои се наведува дека 50 проценти од учениците во Македонија се неписмени или полуписмени очекувано е дека никого во државата како да не го вознемирија премногу.
„Ако имате една голема култура на неказнивост или ако перцепцијата кај јавноста, а особено кај младите е дека политичките партии треба да бидат оние кои ќе водат и оние главни вработувачи, главни понудувачи на перспектива во државата, тогаш имаме сериозен проблем пред нас на кој треба да се работи постојано“, коментира Димитар Низамовски извршен директор на невладината организација Младински образовен форум.
Тој посочува дека постојат поголем број млади кои формалното образование го гледаат само како пат кој треба да го изодат само за да се вработат, но оти недостасува и воспитно педагошкиот елемент на образованието.
Професoрите велат дека проблемот на неписмени млади луѓе е последица на тоа што државата овозможува слаба материјална поддршка за образованието и воопшто за јавниот сектор, дека мотивацијата на професорите е ниска со оглед на платите, а дека на факултетите доаѓаат сè послаби генерации.
Не е битно знаењето, битни се други вештини
Универзитетскиот професор Ило Трајковски вели дека, за жал, во македонското општество сè помалку се ценат вредностите како што се знаење, образование и култура и дека за напредок постои впечаток дека денес се потребни други нешта.
„Се менува системот на вредности. Ние генерално формираме во сите сегменти турбо култура. Не е битно знаењето, не се битни вештините кои ги стекнуваат луѓето. Битно е да се дојде до една -две цели, пари и моќ, а начинот како да се дојде до нив не е битен. Знаењето е функционалност доколку тоа се покажува како полезен инструмент за да се дојде до тие посакувани цели. Но кај нас не е така. Знаењето не е тоа кое ги квалификува луѓето да добијат позиција во јавниот сектор. Имаме проблем со состојбите во општеството во онаа фундаментална смисла на вредности“, вели професор Трајковски.
Тој дополнува дека проблемите со кои се соочуваат младите луѓе во голем дел се одраз и на случувањата на политички план.
„Погледнете што се случува на политички план. Имаме институции за правосуден систем кои јавно покажуваат со пример дека оној што прави криминал нема да биде казнет. И што сега очекуваме од обичниот наставник во основни и средните училишта да ги воспитува децата кога ќе му се потсмевнуваат во лице за тоа што го кажува дека не важи во животот“, вели професор Трајковски.
Професор Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет во Скопје вели дека проблемот на неписмени или полуписмени млади луѓе е во нивните родители, објаснувајќи дека односот кон книга, образование, сопствен јазик, и кон култура на светот е однос кој што се образува во домот и е работа на домашно воспитание.
Тој исто така посочува дека сега луѓето може да дојдат во допира до знаење и преку интернет, но дека проблем на интернет е што продуцира и голем број на шунд, кич ѓубре и што тоа е нафрлено во форма на информации.
„Информациите никогаш не се знаење. Тоа е главниот проблем. Луѓе се научени веќе нема концентрација да прочитаат една страница од некоја книга. Погубни се бројките кога ќе кажете дека кај младите 50 проценти се полуписмени. Тоа значи дека не знаат да читаат на свој мајчин јазик, а да не зборуваме за друго нешто. Тоа е работа на целосна ерозија на моралниот систем и ерозија на вредностите. Веќе знаењето не е вредност сама по себе. Кога е вредност сама по себе вие може да зборувате за култура и таа култура да е поврзана со високо образовни кадри“, вели професорот Солунчев.
Стручњаците предупредуваат дека образованието е најнематеријалното нешто кое постои, но е најпресудно за иднината за луѓето со оглед дека тоа знаење претставува негово духовно утврдување. Но, за жал, тие велат дека има ученици кои се запишуваат на факултет, а не знаат доволно граматика, правопис и дека лексичкиот фонд им е сиромашен.
Универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски вели дека загрижува тоа што младите луѓе имаат многу мали познавања во сферата на општата култура.
„Образованието во овој момент во Македонија и пошироко се наоѓа во контрадикторна ситуација. Има образование во кое има многу слабо знаење, учениците или студентите или воопшто тие што се едуцираат се слаби во совладување на едукативна литература и онаа материја што треба да ја изучуваат на факултетите и на училиштата. Книгите се повеќе паѓаат во заден план. Многу малку се чита. Многу малку се користи специјализирана литература, но и онаа поширока литература која треба да го облагородува духот и процесот на мислење“, вели Тоновски.
Потребно е враќање кон етичките вредности
Сè поголем број луѓе согледуваат дека општеството паднало во криза и поради тоа што сè помалку се цени како вредност образованието и знаењето, а повеќе моќта и парите и затоа велат дека е потребно враќање кон етичките вредности.
Стручњаците велат дека во општеството постои перцепција дека тие што учат многу често се на маргините и оти од таму доаѓа немотивираноста на учениците да учат и да стекнуваат знаење поради рефлексиите од општеството.
Статистики објавени од Заводот за вработување покажуваат дека околу 5.000 млади биле вклучени во мерките за вработување во 2018-та. Но само 1.800 од нив биле вработени, но дискутабилно е со колкави примања.
Универзитетскиот професор Тоновски вели дека кај младите постои и разочараност од процесите на образование како последица на неможноста за вработување врз основа на знаење и стручност, затоа што тоа не го квалификува вработувањето.
„И тоа во крајна линија се сведува на мисла кај младите луѓе - Што ќе ми е дипломата? Значи, нема потреба од многу учење, зашто ене го брат ми, комшијата, внук ми, итн учеа па шетаат по улица. Значи треба да се бара некој друг пат за да се успее во животот. Има жални слики кога гледате колку е тоа проширено", вели професорот Тоновски.
Во светот се случува концентрација на богатствата. Опаѓа поддршката за образованието
Проблемот со слабите резултати на младите луѓе според некои согледување имаат голема поврзаност со се поголемата бездна меѓу сиромашните и богатите како светска тенденција. Експертите посочуваат дека постојат критички анализи кои се прават за процесите на образование не само кај нас, туку и во земјите каде опаѓаат јавните поддршки за здравство и образование под влијание на неолибералната преобразба на односите во општеството.
„Во светот се случува процес на концентрација на богатствата во минимален процент како и кај нас што објавија дека поединци поседуваат огромен процент од националните богатства. На една страна има минимален дел од население кои се богати и широка маса на сиромашни и необразовани. Тука би го сместил проблемот со слабите резултати“, вели Трајковски.
Во транзициско и партизирано општество во кое има влијанија, младите се опкружени со изместен систем на вредности. Експертите дополнуваат дека на младите сè помалку им се привлечни професии кои бараат многу работа, затоа што на телевизија, но и во вистинскиот живот како модел им се нудат скапи автомобили, брендирана облека, пари и лесен живот.
„Има импакт и од светот на филмот. Една илузија која ја нуди филмот каков што е по природа, а тоа е илузија за живот за малку или без работа и тоа резултира со формирање на идоли кои се не толку прифатливи - идол на мафиози, криминалци, кои возат скапи автомобили, имаат убави друштва, без да се навлегува во заднината како тоа се случува и како се плаќа таа цена“, вели професор Тоновски.
Кризата на вредности и насилството
Кризата на вредностите во општеството во порадикална форма може да се забележи и во насилство, или нетолеранција и дискриминација кои се присутни меѓу учениците.
Од опкружувањето младите луѓе наоѓаат модели на однесување за кои тие мислат дека се во ред.
Димитар Низамовски од МОФ посочува дека постои притисок меѓу учениците да се однесуваат на определен начин кој за нив е актуелен и интересен и оти голем проблем е што младите кои сакаат да чувствуваат припадност често се приклучуваат кон определени групи во заедницата во училиште или во класот.
„Често се случува да се спроведува дури и насилство и еден вид на булинг помеѓу младите денес кои од едни или други причини затоа што мислат дека можеби се посупериорни или едноставно така се воспитани или ги следат овие мас медиумите или начините на кои се однесуваат политичарите и партите и мислат дека имаат право така да се однесуваат. За жал, групите меѓу учениците се поделени на две и често се случува едните да се жртви на говор на омраза на дискриминација, стереотипи или училишно насилство или пак тие сами несвесно или свесно тоа да го прават“, вели Низамовски.
Поради овие согледувања нашите соговорници велат дека недостасува етика во образованието и оти е потребно да се вратат луѓето кон корените на старите вредности како пријателство, заедништво солидарност и почитување.
„Тоа може низ неколку фактори како што е и формалното образование, воспитно - педагошката функција на самото опкружување без разлика дали е во домашното воспитување или од страна на професорите и нивните врсници, за да се вратат оние вредностите според кои луѓето ќе се вработуваат и ќе просперираат врз база на лични вештини и квалификации за кои сами треба да се изборат и да ги стекнат во животот. Огромна улога игра и неформалното образование. И се надевам дека сите овие принципи и вредности каде ќе се залагаат за намалување на дискриминација, стереотипи, каде што ќе се намали говорот на омраза и насилството, повторно ќе станат актуелни и дека младите ќе ги бранат и своите лични интереси, ќе се организираат, но и во заштитата на останатите, особено оние кои се обесправени и дека таа култура на заедништво на соживот и помагање ќе преовлада повторно во наредниот период“, вели Низамовски.