Исклученоста на младите во Македонија веќе станува добро препознаен проблем затоа што дури 91,6 проценти од нив сметаат дека нивниот глас не е доволно застапен во процесите на одлучување на државата. Дополнително тие се чувствуваат непотребни. Над 87 проценти сметаат дека државата не го користи потенцијалот на младите. Коментирајќи ги податоците од истражувањето кое неодамна на интернет го спроведе Центарот за истражување и креирање политики, некои од младите студенти велат дека се чувствуваат исклучени и наведуваат оти проблем кој загрижува е партизираноста на општеството на сметка на квалитетот.
„Влијанието на младите е многу индиректно и многу невлијателно во однос на други фактори како политичка припадност, партија на власт, кој има врски. Едноставно нашата држава работи непотистички. До одреден степен тоа го имаме прифатено како неменлива работа, иако се надевам дека времето ќе покаже дека грешам.“
„Не следам политика и не влегувам во такви дебати со политика“, велат дел од студентите.
Од Младинскиот образовен форум (МОФ) велат дека не може да се негираат истражувањата, кои, меѓу другото, зборуваат и за проблеми со трошоците на студентите, состојбите во домовите и проблемите со корупцијата во образованието. Но од таму нагласуваат дека тоа не значи дека младинскиот активизам е намален во споредба од пред неколку години.
Имајќи на ум дека добар пример за активизам кој влијаеше врз промените на политиките пред неколку години беа процесите кои ги иницираше Студентскиот пленум, Стефани Спировска од МОФ вели дека сега проблемот е во пасивноста на институциите и оти процесите кои беа издејствувани од пленумците пред неколку години сега се оставени на половина пат.
„Кога зборуваме за целта на младинскиот активизам во моментот сакам да посочам дека, за жал, најмногу разочарува пасивноста на институциите кои процесот го оставаат на половина. Ако го земеме новиот закон за студентско организирање, процесот е оставен на половина од причина што универзитетите се уште немаат обновени статути кои ќе го гарантираат студентското учество и формите на студентски собранија како што е пропишано со законот, зашто истите се заглавени во процедурите и сега чекаме повеќе од 4 месеци Собранието да ги усвои овие статути. Ова е огромна пречка за каузата за која е донесен новиот Закон за високо образование, т.е да се оствари и поттикне студентското организирање“, вели Спировска.
Истражувањата покажуваат дека иако постојат формални механизми на вклучување на младите во одлучувачките процеси, како на пример локалните младински совети кои делуваат како постојана форма на младински дијалог на локално ниво, тие не допираат до најголем дел од младите лица. Спировска вели дека и на локално ниво проблем се истечените мандати на членовите во локалните младински совети.
„Истите не се обновуваат и не се распишуваат повици за нови претставници. Дополнително загрижува и нискиот интензитет на нивна активност и вклучување на младите како во образовниот систем така и на локално ниво е пресликано, преку многу пасивните локални младински совети, кои што имаат ретко кога и какви активности, тоа е на загрижувачко ниско ниво“, вели Спировска.
Кога се размислува за активизам често тоа се врзува со протести, состојби на барикади до креативни активности кои се осмислени за да привлечат внимание на јавност кон одредена тема.
Но, невладините организации наведуваат дека активизмот може да се појави во голем број облици преку објавување текстови со кои младите им се обраќаат на политичари и новинари, кампањи еколошки или друг активности.
„Би ги навела на пример акциите кои во моментов ги прават средношколците во Тетово за покренување на свесноста за загаденоста и воздухот, што е само една илустрација дека младите сепак наоѓаат начин да ги канализираат своите пораки и потреби преку некоја форма на изразување“, вели Спировска.
Во меѓувреме, активизмот се почесто функционира и преку користењето на социјалните мрежи како што се Фејсбук или Твитер.