Достапни линкови

Северна Македонија, веројатно од напролет


Атина- дебата во грчкиот парламент за Договорот од Преспа
Атина- дебата во грчкиот парламент за Договорот од Преспа

Грчкиот парламент денеска ја продолжи расправата за Договорот од Преспа која се очекуваше да заврши доцна вечерва со гласање, но поради големиот број пратеници пријавени за дискусија, гласањето е одложено за утре во 14.30 часот

Обврските од Договорот од Преспа во оваа фаза од неговото спроведување се во рацете на политичарите во Грција. Следна постапка, по гласањето во тамошниот парламент, е владата во Атина да го информира генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа алијансата треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште во почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш по овој чекор, најавите се дека Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој уставните амандмани кои ги усвои македонското собрание влегуваат во сила. Оттогаш всушност и Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.

Во оваа фаза, која се очекува да се случи рано пролетва, обврските се префрлуваат кај официјално Скопје. Според Договорот од Преспа “веднаш по влегувањето во сила, земјава треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа Спогодба”. Потоа, предвидува Договорот, треба да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат новото име, а истата постапка владата во Скопје ќе ја спроведе и со сите држави – членки на Обединети нации. Ова би значело дека тогаш ќе почне и официјално другите држави и организации да и се обраќаат на земјава со Република Северна Македонија.

И во Македонија и во Грција, Договорот од Преспа се ратификува во атмосфера на жестоки обвинувања во парламентот и немири во општеството. Според аналитичарите таа фаза е и најтурбулентната и проблематична, а предизвици може да се очекуваат во идните фази, но најмногу ако се сменат властите во Скопје и Атина. Професорот Никола Дујовски не очекува проблеми до добивањето на поканата за зачленување во НАТО, а за потоа вели се надева дека македонското општество ќе созреело и ќе го прифатело договорот како реалност.

“Но, по промената на власта во Грција, ако дојде до такво нешто, Грците будно ќе ја следат имплементацијата на секоја запирка од договорот и претпоставувам дека од тоа и ќе зависи отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ” вели Дујовски.

Тој нагласува дека договорот не може да биде вратен или поништен но дека неговото спроведување во голема мера ќе зависи од тоа кој ќе биде на власт во Скопје и Атина.

И додека обврските на владата почнуваат за скоро, граѓаните имаат рок од пет години или најдоцна до 2024 година да ги сменат личните документи и во нив да биде впишано новото име „Република Северна Македонија“. И регистарските таблички на возилата ќе треба да се променат и да го добијат кодот НМ или НМК, а веројатно тоа ќе се одвива при регистрацијата на возилата. Пет години трае и таканаречениот технички и политички преоден период за македонските институции кои ќе треба да се прилагодат на употребата на новото име.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG