Македонија минатата година имала убедливо најголем раст на бројот на ноќевања меѓу членките на ЕУ, земјите-кандидати за членство и во Европскиот економски простор. На второ место според раст е Србија.
Според податоците на статистичката служба на ЕУ, Еуростат, Македонија минатата година во однос на 2017 година остварила раст на бројот на ноќевања од 18,9 отсто, додека во Србија тој раст бил 12,4 отсто.
Бројот на ноќевања од странски туристи бил зголемен за 22 отсто, додека ноќевањата од домашни туристи се зголемиле за 13,1 отсто. Во Македонија во 2018 година имало 2,2 милиони ноќевања, од кои две третини се од странски туристи.
Бројот на ноќевања од странски туристи во Србија пораснал за 15,5 отсто, а од домашни туристи за 10, отсто, при што биле остварени 9,2 милиони ноќевања.
Според Еуростат, бројот на ноќевања во Косово се зголемил за 11,7 отсто и биле остварени 300 илјади ноќевања. Во Црна Гора имало 4,2 милиони ноќевања со раст од 7,5 отсто, во Бугарија имало скоро 27 милиони ноќевања со раст од 3,2 отсто, во Хрватска имало 89,4 милиони ноќевања со раст од 3,9 отсто, додека во Грција имало скоро 112 милиони ноќевања со раст од половина процент.
Од членките на Европскиот економски простор, кои не се во ЕУ, најголем раст од 8,2 отсто остварил Лихтенштајн, каде лани имало 200 илјади ноќевања.
Најголем раст во ЕУ е забележен во Летонија од 8,3 отсто, Литванија 7,7 отсто, Малта 6,5 отсто, Полска 5,8 отсто и Романија 5,5 отсто.
Најголем пад во бројот на ноќевања имало во Луксембург од 4,3 отсто.
Вкупно најмногу ноќевања, односно 467 милиони, имало во Шпанија, иако земјата забележува пад од скоро 1 процент. На второ место е Франција со 444 милиони, Италија 429 милиони, Германија 419 и Велика Британија со 351 милиони ноќевања.
Над 100 милиони ноќевања имаат уште Австрија, Холандија и Грција.
Најголем процент ноќевања од странски туристи имало во Малта, Кипар, Хрватска, Луксембург и во Грција, каде што над 80 отсто од ноќевањата се од странски туристи.
Домашните туристи, пак, биле најчести во Романија, Полска и во Германија, каде 80 отсто од ноќевањата биле остварени од домашни туристи.