Достапни линкови

На Шар Планина и недостасуваат повеќе и поубави планинарски домови


Попова Шапка, скијачки центар.
Попова Шапка, скијачки центар.

Скијачки и планинарски клубови од тетовско предлагаат да се обноват планинарските домови на Попова Шапка и Шар Планина. Дел од нив и сами ги обновуваат, но бараат и институционална помош.

Старата ски - скокалница и неколкуте планинарски домови на Попова Шапка и Шар Планина може повторно да се обноват и да бидат симболи на ова подрачје, а воедно и корисни објекти според својата функционалност.

Жарко Трпковски од скијачкиот клуб Љуботен вели дека нивната иницијатива ја поддржуваат речиси сите други клубови и организации кои гравитираат кон планината.

„Ние предлагаме да бидат прогласени како заштитени објекти, како некое културно наследство. Во колку е тоа можно, но и да не е тоа можно секако треба институциите, пред сè општината, државата, да најдат начин и модус, оние си ја преземаaт таа работа. Ние сме тука како скијачи, планинари, клубови, сите други заинтересирани да помогнеме колку што можеме“, вели Жарко Трпковски.

Веќе четири години планинарите од Аргентус Монт самите се активни во реализација на слична идеја. Тие носат градежни материјали и ја обновуваат планинарската кула на Титов врв. Искуството на Зија Јонузовски од овој клуб вели дека треба да има промена во институционалниот пристап кон надминување проблеми или реализирање идеи во оваа област.

„Кај нас планинарството е ставено под капа на различни државни органи. Еден дел покриваат Агенцијата за млади и спорт, а еден дел покрива Агенцијата за промоција и развој на туризмот. Додека планинарска федерацијата е некако како консултант. По наше и по наши познавања во други земји во Европа, планинарската федерација треба да биде носител и координатор на сите активности, а држаните органи само од стручен аспект да и помагаат. А сега обратно се поставени работите, така што во Агенција за млади и спорт и Агенцијата за промоција и развој на туризмот многу малку има разбирање за развој на планинскиот туризам кој на Македонија може да и донесе огромни милионски суми“, вели Јонузовски.

Од планинарскиот клуб Љуботен велат дека и на нивниот дом во близина на истоимениот врв се работи со години. Претседателот Јован Божиновски потенцира на потребата да се гради само со автентични планински материјали.

„Некој ако сака да реновира нешто да биде со природни материјали градењето. Со камен и дрво. Да не биде некоја зграда или хотел кој нема да личи. Во никој случај не доаѓа во предвид да се градат патишта или нови да се пробиваат, да се сечат дрва. Секоја иницијатива која ќе го запази овој ред е добро да се поддржи од кој било, зошто сега немаме ништо, а ќе имаме нешто што ќе се користи не само од планинарски клубови туку од секој посетител кој сака да дојде да го види“, вели Божиновски.

Дел од планинарските домови и друг вид инфраструктура се изградени уште на почетокот на 20-век во рамки на Кралството Југославија.

XS
SM
MD
LG