Достапни линкови

Една скала им го менува животот на лицата со инвалидитет


Илустрација
Илустрација

Неопходни се пристапни рамки за пристап на лицата со инвалидитет до јавните објекти. Лицата коишто не се соочуваат со инвалидност не можат да замислат дека една скала може комплетно да му го промени животот на лицето со инвалидност, велат активистите.

Лицата без инвалидност не можат да сфатат дека и една скала е многу за лице со телесен инвалидитет, смета Бранимир Јовановски од Куманово, претседател на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“. Тој напоменува дека во минатото биле направени многу архитектонски пропусти во урбаните средини, но со текот на времето состојбата полека се менува кон подобро. Ова здружение се залага да го поттикне чувството на одговорност кај локалните заедници за целосно спроведување на законите коишто се на сила во државава, а тоа се Законот за градба, Правилникот за непречен пристап, Законот за заштита од дискриминација, како и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност.

„Лицата со инвалидност не можат да излезат буквално од своите домови поради високи рабници, поради непристапни пешачки премини, поради недостиг на паркинг места, поради немање рампи на скалила. Најмногу боли кога тоа се случува во објектите каде што се извршува настава од основно, средно и високо образование бидејќи тоа е стартот. Оттука тие треба да се стекнат со вештини и знаења да бидат конкурентни на пазарот на трудот и секако утре да најдат полесно вработување. Доколку не најдат вработување, а не се конкурентни на пазарот на трудот токму поради архитектонските бариери, најмногу во тој случај не можат да се вработат, не можат да обезбедат егзистенција за себе и за своето семејство и не може да носат важни одлуки во животот, како што е купување стан, брак, автомобил. Не можат да се реализираат целосно и едноставно немаат целосна социјална инклузија. Значи, лицата коишто не се соочуваат со инвалидност не можат да замислат дека една скала може комплетно да му го промени животот на лицето со инвалидност“, вели Јовановски.

Во спротивно, според него, односно со помош и поддршка од општеството за премостување на архитектонските бариери лицата со инвалидност ќе имаат подобар живот. Тој напоменува дека општинските буџети не можат да издвојат толку средства сè да се менува, но доколку се работи на реконструкција или новоградба, неопходно е да се внимава на пристапноста за лицата кои се движат со ортопедски помагала, за слабовидните или слепите лица.

Затоа и на неодамна одржаната работилница во Куманово за пристапноста на лицата со инвалидност свои видувања и предлози изнесоа претставници на 16 здруженија членки на „Мобилност Македонија“, како и надлежни во секторите за урбанизам и за комунални работи при локалните самоуправи од североисточниот регион.

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, вели дека живееме во град со наследена инфраструктура која во 80-те години од минатиот век била планирана за околу 60-ина илјади жители, а не за над сто илјади, сообраќајна инфраструктура за околу осум илјади, а сега има регистрирано 27 илјади возила, урбанистички несреден. Од друга страна, и она што е изградено, како на пример тротоарите, се узурпирани од несовесните возачи, поради што пешаците, меѓу кои и децата небезбедно се движат. Според него, општините со своите ограничени буџети не можат за кусо време целосно да ја сменат инфраструктурата, но заедно со организациите на лицата со инвалидитет би можеле заеднички да делуваат преку проекти со кои би барале помош од соодветни институции. Досега има поставено рампи во некои училишта, финансирање на Дневниот центар на полнолетни лица со попречености „Порака Наша“.

„Но, сакам да апострофирам дека генерално финансискиот инпут којшто ние како општина го очекуваме за реализација на ваквите проекти треба да дојде од самата држава и од Министерството за труд и социјална политика“, смета Димитриевски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG