Достапни линкови

Локална прегратка за збогатување на искуствата на лицата со попречености


Илустрација: Штитеници во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ во Куманово
Илустрација: Штитеници во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака наша“ во Куманово

На лицата со посебни потреби во Куманово ќе им помагаат 10 млади невработени луѓе од нивната општина, во рамки на проектот Локална прегратка. Тие ќе им помагаат на лицата со попреченост во двата дневни центри и на ученици со попреченост. Искуството стекнато во рамки на овој проект ќе им помогне полесно да најдат работа.

Проектот „Локална прегратка“ ангажира дваесет асистенти за работа со лицата со посебни потреби

Дваесетина невработени образовани млади луѓе вклучени во проектот „Локална прегратка“ во Куманово времено ќе бидат ангажирани како асистенти со половина работно време за работа со лица со посебни потреби. За тоа ќе добиваат месечен надоместок од девет илјади денари, а стекнатото искуство ќе им помогне за полесно вработување во иднина, вели Татјана Стефановска, проект координатор во Општината. Според неа, трите проектни идеи се однесуваат на лица со попречености во двата дневни центри во градот, на децата вклучени во инклузивна настава и на децата со попречености во пет основни училишта.

„За потребите на тие корисници ангажиравме шест лица во вид на ментори за развој на личните афинитети на лицата, помош при осамостојување и извршување на секојдневните работи. Затоа ангажиравме професори по физичко образование и по музичко образование, коишто секојдневно работат и има резултати. Втората проектна идеја се однесува на ученици со интелектуална попреченост кои се вклучени во инклузивното образование во нашите основни училишта. Годинава вклучивме образовни асистенти во пет училишта за индивидуална работа, што подразбира еден образовен асистент на еден ученик со попреченост“, појаснува Стефановска и додава дека и асистентите, децата и родителите се многу задоволни.

Веќе трета година асистентите се ангажирани за работа со учениците во основните училишта „Кочо Рацин“, „Магдалена Антова“, „Толи Зордумис“, „11 Октомври“ и „Наим Фрашери“, а и понатаму ќе треба да се евидентираат во Агенцијата за вработување.

„Се надевам дека учеството во овој проект во иднина ќе им помогне полесно да се прилагодат на пазарот на трудот, што е и една од целите на оваа програма. Од друга страна, општината ќе има бенефит бидејќи преку нив се овозможува пружање услуги за крајните корисници“, вели таа.

Градоначалникот Максим Димитриевски ги охрабрува родителите кои имаат деца со попречености да бараат помош, а локалната заедница, заедно со државата ќе настојува да им помага, за да не остануваат маргинализирани.

„Иако ова е мал проект, сметам дека истиот ќе даде голем придонес за развој на сеопштата свест кај граѓаните во нашата општина, бидејќи се соочуваме со сериозни проблеми во општеството. За жал имаме голем број вакви сограѓани коишто не се опфатени со проекти и проектни активности и затоа апелирам и до самите родители на ваквите наши сограѓани да бидат похрабри, да се одважат, едноставно да се соочат со реалноста и да ги споделат тешкотиите заедно со сите нас“, вели тој.

Димитриевски вели дека во Општината Куманово официјално се знае дека има околу 600 лица со попречености, но бројката е најмалку двојно поголема. Тој нагласи дека бизнис секторот малку донира за потребите на овие лица, а тешко е и нивното вработување.

Во предтранзицискиот период во Куманово постоеше претпријатие во кое се вработуваа главно лица со полесни инвалидитети и со попречености. По неговото затворање, лицата со попречености потешко се вклопуваат во работа во приватни фирми.

Проектот „Локална прегратка“ е основан во соработка на Општината Куманово, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. За негова реализација се издвоени 2,7 милиони денари.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG