Достапни линкови

Наплатата на даноци е одлична, 2019 ќе биде економска година


Лукаревска - Подготвени сме за прогресивниот данок
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:08 0:00

Лукаревска - Подготвени сме за прогресивниот данок

Првиот човек на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска уверува дека се е подготвено за непречено одвивање на прогресивното оданочување, кое ќе опфати 38 000 лица во земјава. Таа вели дека оваа реформа е праведна и ќе придонесе за намалување на сивата економија.

Го реобјавуваме интервјуто со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, првично објавено на 2 декември 2018

Госпоѓо Лукаревска, периодов е актуелна електронската регистрација за персоналниот данок на даночните обврзници. Како се одвива процесот и задоволни ли сте од бројот на лицата кои досега ја исполниле таа обврска?

Ние сме максимално мобилизирани, направивме еден акционен план на генералниот колегиум на УЈП за чекори кои ќе ги преземеме во овој дел. Наша задача е пред се да олесниме на секое физичко лице таа постапка на негово регистрирање да оди многу поедноставно наместо да има какви било бирократски бариери. Имаме отворено даночни канцеларии во повеќе општини низ нашата земја, испративме дописи до сите градоначалници, односно до општините да ни обезбедат простор и еден вид на техничка опременост за да може физичките лица наместо да доаѓаат до шалтерите на УЈП, ако им е полесно да одат во општините. Тоа што понекогаш се случува системот да не функционира, всушност не значи негово нефункционирање, туку преоптеретеност. Се случуваат вакви застои, менаџираме во од.

Најавивте дека УЈП е подготвена за отпочнување на реформата со прогресивниот данок. Дали тоа значи дека институцијата ги поседува потребните административни капацитети за да ја спроведе оваа реформа?

Да, затоа што се подготвуваме постепено, очекуваме да помине и законот за личен доход, направивме и анализа на колку лица ќе ги опфати оваа реформа. Направивме и анализа на колку лица ќе ги опфати оваа реформа. Десет илјади лица остваруваат плата повисока од 90 000 денари, 38 000 лица ќе бидат опфатени во рамки на ова прогресивно оданочување, односно ќе им биде пресметан повисок данок.

Зошто сметате дека оваа е добра реформа?

Јас сметам дека ова прогресивно оданочување е праведно оданочување, затоа што оние коишто имаат поголеми приходи треба да бидат на повисока стапка оданочени. Оние коишто имаат помали приходи, треба да бидат оданочени со пониска стапка. Тенденцијата на економскиот тим при Владата на РМ е да се намали јазот меѓу богатите и сиромашните, односно да ја вратиме средната класа која треба да постои во општеството во кое општествените текови треба да се движат во правилна насока. Прогресивното оданочување опфаќа многу мала бројка на засегнати лица коишто ќе бидат оданочени по оваа повисока стапка.

Секако дека секоја новина, а пред се во рамки на даночниот систем, најчесто е на удар на критика и тоа ќе се менаџира со тек на време. Праведноста во ова оданочување ќе овозможи сивата економија да се намали и исто така ќе овозможи праведен даночен систем кон коишто тежнее нашата држава. Ние постојано сме во комуникации со другите земји, разменуваме информации, потпишавме меморандум за соработка и со косовската даночна управа затоа што сметам дека даночната евазија може само да се намали преку ова оданочување. Ако некој сака да допринесе за сопствената држава, зошто тогаш ќе си дозволи да ги вади парите надвор?

Дали сте задоволни од наплатата на даноците годинава?

Па, можам да кажам дека наплатата како една основна работна задача на Управата, оди одлично. Нашата основна цел е да го полниме буџетот и мислам дека сега за сега тоа совршено добро го правиме. Податоците коишто ги имаме за оваа година и ги споредуваме со претходната година, покажуваат дека секаде имаме надминување на планот и на наплатата и со тоа повторно се потврдува фактот на економскиот тим дека 2019 година со гаранција може да ја сметаме за економска година. Во повеќе сектори има одредени придвижувања. Големите даночни обврзници ,исто така, се голем стожер во остварената успешна наплата, редовно го враќаме повратот, тие се предизвиците од сето ова. Динамиката од оваа успешна наплата треба да ја одржиме така до крајот на годината и тоа да ни биде предуслов за една успешна 2019 година којашто следува.

Целото интервју со директорката на УЈП Сања Лукаревска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG