Уште се мислам дали Тетово или Кабул е позагадено, напиша 29 годишниот Владимир Мишевски на својот Фејсбук профил, кој три години работел и живеел во главниот град на Авганистан, револтиран што поради аерозагаденоста е тешко да се дише и во неговото родно место. Тој вели дека Тетово и Кабул се целосно различни ако се прави споредба на градските средини и опкружувањето, но сепак заедничко за двата града е тоа што имаат енормно загаден амбиентален воздух.
Владимир загаденоста на Кабул ја објаснува со тоа што е повеќемилионски град, поминале децении во војна, а населението е без едукација и сиромашно.
„Кабул има од шест до осум милиони жители, атмосферска канализација нема, 6-8 милиони жители живеат без атмосферска канализација. Околу е опкружен со планини, тие планини не се како овде со дрва, туку пустелија, камењарник. Авганистан е пустина. 40 години се во војна. Ниво на образование им е нула, едуцираност никаква. Воздухот е загаден бидејќи е сиромаштија. Тие во јануари кога е ладно палат ќумбиња со што стигнат. Гума е најлесно нешто што го ставаат за горење. Тие ставаат секаков отпад без разлика што е“, објаснува Владимир.
Иако има целосна разлика меѓу двете места, загадениот воздух е иста карактеристика за градовите. Кога ќе стане зачадено и во Тетово и во Кабул не се дише, вели тетовецот.
„Кабул во јануари е магла пред тебе, не се диши, смрди. Не се гледа ништо, буквално како во Тетово. Сега направи споредба, таму имаш ниво на образованост нула, 6-8 милиони жители, планини суви без ниедно дрво, а наспроти Тетово што има околу планини се со дрва, со зеленило. Ниво на образованост далеку над нив, а пак зачадено овде“, потенцира тој.
Метереолошките прилики се слични иако има разлика во надморската височина. Тетово е на 400-600 метри, додека Кабул на 1700 или како што е дел од Попова Шапка.
„Климата во Кабул е слична, дали сме на иста линијаили не Кабул и Тетово исто време имаат. Кабул е на 1700 метри надморска висина, меѓутоа зима е зима. Има минус петнаесет, минус десет, преку лето плус 40. Нешто слично како на Шапка да си на 1700 надморска висина“, вели Мишевски.
Освен што се наоѓа на првите места по загаденост, Тетово се соочува и со најмногу последици-највисока смртност. Научна студија покажа дека ако во Македонија просекот е 22 проценти, за Тетово има 38 отсто смртни случаи поради загаден воздух.