Достапни линкови

Кумановци ќе плаќаат повисока цена за такси услуги


Корисниците од следната година ќе плаќаат по десет денари повеќе во старт, односно 60 денари, а за секој поминат километар по 30, наместо досегашните 25 денари. Корекција на цената е на барање на Здружението на такси превозниците во Куманово.

Нерентабилноста на такси компаниите во Куманово поради, според нив, ниските цени за такси услугите по седум години резултира со корегирање на цените, аминувани од советниците во општинскиот Совет. Граѓаните кои често ги користат такси услугите, од нивен аспект, сметаат дека не е добро, но на одреден начин имаат разбирање за таксистите кои со ова ја обезбедуваат егзистенцијата.

РСЕ: Дали цената на такси превозот треба да се зголеми?

„Да, да, апсолутно. Затоа што имав возило во такси компанија и поради нерентабилноста го повелков. Кој има пари ќе се вози, а и јавниот превоз треба повеќе да се актуелизира.“

„Мислам дека не треба да се зголеми цената.“

„Редовно користам такси превоз, сметам дека и до сега беше скапо и покрај тоа што имаше и мал број таксисти, а сега пак, мислам дека луѓето уште помалку ќе користат такси превоз. Треба на некој начин да се регулира, но не знам како.“

„Секој треба да живее, за нив треба, тие хранат фамилија, а за нас што немаме и што не работиме не треба. Кој има можности ќе користи такси, за нив ништо не е тоа“, велат некои од запрашаните граѓани.

Заштитната цена на такси превозот во Куманово, со одлуката на општинските советници ќе се применува по излегување во Службен весник на РМ, а корисниците најверојатно од почетокот на претстојната година ќе плаќаат по десет денари повеќе во старт, односно 60 денари, а за секој поминат километар по 30, наместо досегашните 25 денари. Корекција на цената е на барање на Здружението на такси превозниците во Куманово.

Атина Мургашанска претседател на Советот на Општината Куманово вели дека минимална цена на заштитната и цената на еден километар била одржувана изминатите седум години, иако во меѓувреме биле корегирани цените на горивата, на фискалните апарати и останати општински и државни давачки.

„А цената и од социјални причини и за да можат да ја користат услугата повеќе граѓани остана иста. Меѓутоа истиот ден кога носиме одлука за вонредни мерки за намалување на аерозагадувањето и кога сметаме дека сите треба да бидеме општествено одговорни и како граѓани и како стопански субјекти и да придонесеме за намалување на загадувањето сметавме дека зголемувањето на 70 денари кое го бара Здружението на таксистите негативно ќе се одрази и во нивниот бенефит и во користењето на авто такси превозот и некоја оптимална цена која советниците речиси едногласно ја изгласаа е минималната цена да биде 60, а цената по километар да е 30 денари“, вели Мургашанска.

Времето ќе покаже како оваа одлука ќе резултира и во користењето на такси превозот и во намалување на аерозагадувањето, особено што јавниот превоз не може да се пофали ниту со редовноста, ниту пак со пуштање современи патнички возила во сообраќај. Според граѓаните мал број возила, од една или две компании се со приближни европски стандарди, за останатите кои датираат од 90-те години на минатиот век е вчудовидувачко како воопшто се движат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG