Достапни линкови

Несреќа кај Лесковац-тројца загинати, четворица потешко повредени


Илустрација- автопат во Србија
Илустрација- автопат во Србија

Во несреќата на струшкиот автобус што се случи во Србија загинаа три лица, а 32 се повредени од кои четворица потешко. Кон Лесковац се упатија и министерот за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Во несреќата на автобусот со македонски регистарски таблички која рано утринава се случи на автопат во Србија во близина на Лесковац, загинаа три лица, од кои еден маж на 68 годишна возраст, една жена исто така на 68 годишна возраст и уште една жена која досега не е идентификувана. За нив македонското Министерство за надворешни работи од српските власти добило и потврда. Од министерството соопштија дека мажот е со иницијали В.Ш од село Бучин, Крушево, а жената е со иницијали К.К. од Кочани. На двете лица идентиетот им бил утврден од личните документи, а кај третата жртва не биле пронајдени документи.

Од МНР информираат и дека имаат известување завкупно 32 повредени лица,од кои 28 се надвор од животна опасност и се згрижени во општата болница во Лесковац. Четворица од нив се на хирургија, еден на ортопедија, а четворицата повредени со тешки телесни повреди се наоѓаат во животна опасност и се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш, информираат од министерството.

“На сите ќе им биде озбезбедено сместување - за повредените кои би биле пуштени од болница, доколку имаат потреба за преноќување”, велат од МНР.

Од таму додаваат дека министерот за здравство Венко Филипче, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и претставник на амбасадата на Македонија во Белград се упатиле кон местото на несреќата.

Од министерството информираа и дека автобусот е на струшкиот превозник Еуро бус и е со регистарски таблици SU 3325 AC. Според информациите на МИА, пак, тој сообраќал на релација Битола-Прилеп-Велес-Табановце-Виена. Едниот од возачите бил од Битола, а вториот од Прилеп.

Во Прилеп автобусот пристигнал околу 19:30 часот и на тамошната автобуска станица во него се качиле 11 патници, потврди шефот на автобуската станица во овој град Љупчо Алексовски.

Сопственикот на „Еуробус“ Џитан Истрефи за МИА изјави дека автобусот, произведен во 2006 година, редовно ги поминувал техничките прегледи.

“Испративме друг автобус и наши вработени на местото на несреќата за да ја видат состојбата и да се преземе се што е потребно. Нашите автобуси редовно се сервисираат, кај нас нема грешки”, изјави Истрефи, не изнесувајќи други детали за несреќата.

Еден од повредените во автобусот, за српската агенција Бета, рекол дека не се сеќава на несреќата бидејќи сите патници спиеле, а кога се разбудил чул врискање и видел луѓе со крвави глави и раце. Набргу, според неговото сведочење, дошла брза помош и полиција, а потоа и пожарникари. На местото на несреќата увид извршил и заменик обвинител од Основното јавно обвинителство во Лесковац.

Автопатот бил чистен, јавуваат српските медиуми, но бил завеан и на места замрзнат. Автобусот околу 1.45 по полноќ ја пробил заштитната ограда и се превртел, а во меѓувреме е исправен и околу него дежураат полицајци и санитетско возило.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG