Обвинителката од тимот на Специјалното јавно обвинителство Лиле Стефанова побара да му се суди во отсуство на поранешниот премиер Никола Груевски кој викендов побегна во Унгарија. На денешното судско рочиште за предметот Титаник, Стефанова пред Судот посочи дека по бегството на Груевски побарале мерки притвор и за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски, затоа што имале сознанија дека и тие планирале бегство исто како нивниот поранешен лидер на партијата. Таа посочи дека доколку имаат такви сознанија и за други обвинети и за нив ќе побараат притвор.
Според неа, опасноста за бегство е сериозна во случај како „Титаник“ каде обвинетите се соочуваат со затворски казни од најмалку три, четири или пет години.
„Мислам дека претходно таа опасност не беше сериозно земена предвид и се случи тоа што се случи“, рече Стефанова.
Јанкулоска не очекува притвор
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пред почетокот на рочиштето истакна дека не очекува притвор.
„Јас имам определено мерки за претпазливост, ги почитувам и не постои никаква причина да бидат преиначени“, изјави Јанкуловска.
Од друга страна, пак, Јанакиески кој заедно со Божиновски добија 30 дена притвор, синоќа пред да биде спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, изјави дека е разочаран и го осудува бегството на Груевски, затоа што негативно ќе влијае врз сите предмети во кои се заедно обвинети.
Адвокатот на Јанакиевски, Еленко Миланов изјави дека се уште не го подигнал решението за притвор за неговиот клиент.
„Решението се уште не сум го подигнал. Очигледно премногу брзо, очигледно оваа власт која нема влијание на судството по најавата на еден министер во дебатна емисија кои луѓе треба да бидат приведени, веднаш под итно се приведени“, изјави Миланов.
СЈО бара на Груевски да му се суди во отсуство
Од Специјалното јавно обвинителство велат дека во предметите во кои е обвинет Груевски, од Судот ќе бараат да му се суди во отсуство, да се интензивираат процесите и дека според нивните очекува нема да ги наруши тековите на другите предмети.
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека бегството на Груевски нема да влијае негативно врз судската постапка и на статусот на лицата кои се опфатени со истрагите, но може да ги направи обвинетите и осомничените во истрагите покооперативни за да добијат поблаги казни.
„Таква ситуација е за очекување, да сфатат тие во која состојба се наоѓаат, и доколку имаат сознанија дека може да одговараат, да бидат кооперативни со судот, да ги изнесат фактите, да ги изнесат доказите, да ја кажат својата положба во тие предмети во кои се наоѓаат и да очекуваат поблаго казнување, тоа е логично и нормално“, вели Илиев.
Против Груевски четири предмети и пет истраги
До сега за Груевски е изречена една пресуда и тоа за предметот Тенк, според која треба да одлежи две години затвор. Тој е обвинет и во три други предмети кои се водат во Основниот суд Скопје 1.
Обвинет е во предметот Титаник, кој се однесува на изборни измами. Таму како првообвинет обвинителната клупа ја делеше со Мартин Протуѓер, Јанакиески, Јанкулоска, Божиновска, Илија Димовски, Едмонд Темелко, Билјана Бришковска - Бошковски и уште десетина други.
Груевски е обвинет и за предметот ТНТ односно за уривањето на зградата „Космос“, каде покрај него, обвинети се и Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, и четворица вработени во општинските служби.
Без него ќе продолжат и судските рочишта за предметите насилство во општина Центар, познат во јавноста како „Шамарите за Жерновски“ каде на обвинителната клупа седеа и голем број на негови сопартијци како Даниела Рангелова и предметот Траекторија, каде покрај Груевски и Јанакиески обвинет е и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на јавни патишта Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службена должност при изборот на компанија за изградба на делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Пешевски денеска за ТВ 21 изјави дека го осудува бегството на Груевски.
„Апелирам гневот од овој чин да не се насочува кон другите луѓе кои што се опфатени во други судски предмети и истраги. Верувам дека правдата на крај сепак ќе го стигне секого“, изјави Владимир Пешевски.
Во меѓувреме, Специјалното јавно обвинителство ја приврши и истрагата Талир каде Груевски е првоосомничен и се очекува наскоро како што изјави обвинителката Јанева да биде покренато и обвинение за перење пари.
Тој е осомничен во вкупно пет истраги на СЈО. Покрај Талир, на листата се и истрагите Актор која се однесува на автопатите, потоа Попис каде е осомничен заедно со лидерот на ДУИ Али Ахмети, Пропаганда каде се сомничи дека со 30 милиони евра државни пари контролирале проток на информации во медиумите, и истрагата именувана како Хармонија каде за прв пат покрај Јанакиески како осомничен се води и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски за оштета на буџетот од речиси 400 илјади евра за продажба на државна градежна парцела на Приватниот Меѓународен Балкански Универзитет.