Достапни линкови

Атанасова со исцелителниот проект „Ослободување“ во Музеј на Град Скопје


„Ослободување“ е насловен мултимедијалниот проект на македонската уметничка Милена Атанасова, чие премиерно претставување ќе се случи утре вечер во Музејот на Град Скопје. Во него авторката низ танц, видео и музика ја раскажува својата интимна приказна.

Со својот најнов проект „Ослободување“, Милена Атанасова се позиционира како авторка којашто смело ги урива границите на медиумот со којшто се изразува, секогаш подготвена да зачекори во нови, неистражени предели. Сестрана и љубопитна, таа постојано се опира на комформистичките норми, храбро впуштајќи се во комбинирање на различни медиуми и при тоа создавајќи оригинален и препознатлив авторски дискурс.

Вака кураторот Атанас Ботев ќе го започне своето инспиративно писание печатено во каталогот за мултимедијалниот проект „Ослободување“ на уметничката Милена Атанасова, чие премиерно изложување е предвидено да се случи оваа среда, на 14 ноември во 20 часот, во Музејот на Град Скопје.

„Милена се впушти во проект којшто претставува сублимат на нејзините долгогодишни преокупации и афинитети, поттикната од нејзината љубов кон танцот, музиката и визуелните уметности. Изложбата претставува своевидно заокружување на нејзиното авторско кредо, но пред сè, психотерапевтско, спиритуално патешествие со коешто затвора специфично поглавје од своето битисување. Станува збор за мултимедијален перформанс, во кој авторката низ танц, видео и музика ја раскажува својата интимна приказна која опфаќа три клучни периоди од нејзиниот живот, своевидна coming-of-age исповед во која што се испреплетени различни емотивни состојби транспонири во силен поетски израз, состојби кои флуктуираат и еруптираат во катарзично крешендо“, вели Ботев во пресрет на изложбата.

Од друга страна, Атанасова во сопствената експликација за „Ослободување“ знае да каже дека „секој од нас си има некој мрак, демони, кои нè обликувале на некој начин“. Таа смета дека е есенцијално да ги прифатиме како би можеле да се излечиме од нив.

„Се вртам кон себе и на важни периоди од мојот живот кои ме скршиле на различен начин. Земале голем дел од мене и го трансформирале во страв, болка, недоверба, нарушена самодоверба, депресија, срам... На крајот, според мене, поентата е дека најголемото зло што еден човек може да си го направи е да молчи пред себе. Да не е искрен со себе си. Затоа и ослободувањето е всушност ставање на нов облик на тие демони. Поубав. Да излезе од мене и да инспирира, се надевам“, појаснува Милена.

Кон ова особено е важно да се нагласи дека „проектот се состои од проекција на кус видео запис во којшто авторката е комплетно соголена - физички, ментално и емотивно“.

„Целиот процес на снимање, всушност целиот проект, за мене е лечење затоа што така ги туркав сите свои бројни инхибиции, анксиозност, тага, непријатни реминисценции. Мислам дека најважно е да решиш дека сакаш да си подобар за себе пред сè, дека можам и не можам, морам, се само изговори и дека на крајот сè се сведува дали сакаш или не сакаш. И со оглед на тоа дека танцот е една од моите најголеми љубови, решив да играм во овој видео запис. Сметам дека танцот е фантастичен медиум за да се раскаже било што. Секако и филмот на крајот како форма која е сублимат на сите уметности во себе“, вели таа.

Затоа и не чуди кога Ботев пишува дека „нејзиниот приод кон танцот е речиси шамански“. Дека Атанасова длабоко свесна за неговата евокативна, исцелителска и медитативна моќ, го апсолвира танцот во функција на себеспознание, до крајни граници, доведувајќи се себеси во состојба на транс. Дека нејзиното тело „раскажува емоција“. Дека не е условено од техничка совршеност ниту пак се труди да биде убаво - „нешто слично како буто, јапонската форма на танцов театар којшто спoред сензибилитетoт ѝ е блиска на уметничката“.

Згора на сето кажано специјално за овој проектот, Атанасова дизајнирала три различни костими кои што рефлектираат три различни емотивни состојби. Во секој чин таа се појавува облечена во различен костим при тоа засилувајќи го ионака убедливиот и сугестивен наратив.

„Костимите пленат со својата уникатност, смелост и авангардност што сведочи за висока ликовно - естетска, модна и филмска ерудиција но и за смелост во исчекорувањето од комфорната зона на маниризам, униформност и општоприфатени трендови и конвенции“, истакнува кураторот.

Конечно на отворањето на изложбата, како дел од приказната ќе се претстави Ивана Коцевска со своја авторска кореографија а целокупниот проект е надополнет и заокружен со ефектен, хипнотичен звучен пејзаж на Димитар Николов.

Родена во Кавадарци, 1985 година, Милена Атанасова дипломирала на фиорентинската академија за уметност и дизајн ‘Accademia Italiana’, отсек моден дизајн. Од 2009, по дипломирањето, активно работи како моден дизајнер, моден илустратор, костимограф и стилист.
Две години подоцна таа го основала и својот моден бренд ‘atami’.
Изложувала на модни ревии, саеми за мода и слично во земјава и во странство. Зад себе има повеќе колекции, проекти, филмови и реклами, фото-едиторијали и соработки со творци како Емилија Мишева (Em.Ellephantski), Игор Јосифов, Милчо Манчевски, Атанас Ботев, Ана Јакимска, Дина Дума, Бранко Костевски, Неда Дамчевска, ‘[0.10]error of harmony’, Ивана Коцевска, и други.

Годинава заедно со Емилија Мишева и Илија Стефановски ја основаа концептуалната етикета „error kolektiv“ поддржувајќи и промовирајќи македонски дизајн и уметност, а покрај тоа Атанасова, заедно со колегите Никола Каракашов и Стефанија Насеска Попадинец, е потписник и на новиот моден проект „И?“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG