Достапни линкови

Вести

Комисијата за уставни прашања го усвои четвртиот амандман на Уставот

Собраниската Комисија за уставни прашања. 11.10.2018.
Собраниската Комисија за уставни прашања. 11.10.2018.

Собраниската Комисија за уставни прашања доцна попладнево со девет гласа „за“, пет „против“ и ниту еден „воздржан“ го поддржа четвртиот амандман на Уставот што произлезе од потребата за имплементација на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција. Со усвојување на овој амандман Комисијата ја заврши расправата по четирите предложени нацрт-амандмани.

Со нацрт-четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Претходните денови Комисијата усвои три амандмани на Уставот. Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект, со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор, а со третиот се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави.

Расправата по амандманите во Комисијата почна на 7 ноември и беше предвидено да трае 12 дена. Пленарната седница на која треба да се разгледаат нацрт-амандманите е закажана за 1 декември.

Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас. По усвојувањето на амандманите во Собранието ќе биде организирана јавна дискусија, по што Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.

види ги сите денешни вести

ЕУ вети дека ќе продолжи да ја вооружува Украина во услови на преговори за прекин на огнот

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на неделниот состанок на Колеџот на комесари во седиштето на ЕУ во Брисел на 19 март 2025 година.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на неделниот состанок на Колеџот на комесари во седиштето на ЕУ во Брисел на 19 март 2025 година.

Лидерите на Европската унија (ЕУ) ветија дека ќе продолжат да обезбедуваат воена поддршка за Украина и покрај тековните руски напори во преговорите за запирање на испораките на оружје од Запад за Киев.

На собирот во Брисел на 20 и 21 март, лидерите на ЕУ се очекува да ги усвојат заклучоците од самитот во кои се наведува дека „Европската унија го поддржува пристапот „мир преку сила“, кој бара Украина да биде во најсилна можна позиција, со свои силни воени и одбранбени капацитети како клучна компонента“.

Во текстот, кој го виде Радио Слободна Европа, се нагласува и дека тие „остануваат посветени, во координација со партнерите и сојузниците, да обезбедат дополнителна сеопфатна поддршка за Украина и нејзиниот народ, додека таа го користи правото на самоодбрана од руската агресија“.

Средбата во Брисел доаѓа два дена по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, во кој беше договорена 30-дневна пауза во нападите врз енергетската инфраструктура.

Сепак, само неколку часа по повикот, Украинските железници потврдија дека руските беспилотни летала ја гаѓале енергетската инфраструктура поврзана со железничкиот систем во регионот Дњепропетровск.

Текстот на ЕУ обично бара едногласна согласност од сите 27 земји-членки, но дипломатите од унијата, кои зборуваат под услов да останат анонимни, рече дека Унгарија, која долго време се залага за помирувачки тон кон Кремљ, ќе бара изземање. Слично нешто се случи и на самитот на ЕУ одржан претходно овој месец.

Земјите од Европската унија досега беа исклучени од преговорите што се водат во Саудиска Арабија, но во документот се нагласува дека „Европската унија и нејзините земји-членки ќе придонесат за мировниот процес и ќе помогнат да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, што е во интерес и на Украина и на цела Европа“.

Сепак, не се споменува именувањето на претставник на Унијата за преговорите. Во Брисел се шпекулира дека за таа улога би можеле да се земат предвид поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и актуелниот фински претседател Александар Стуб.

Текстот исто така не содржи директни референци за присуството на европска војска на теренот за да го надгледува потенцијалниот мировен договор, идеја која францускиот претседател Емануел Макрон постојано ја застапуваше, но која Москва досега ја отфрла.

Брисел, сепак, стои на две други позиции кои се чини дека администрацијата на Доналд Трамп ги нуди како дел од преговорите со Москва: олеснување на санкциите против Кремљ и одговорност за воени злосторства.

Унијата неодамна ги продолжи визните забрани и замрзнувањето на имотот за 2.400 компании и поединци, вклучително и Путин, што тие ги воведоа во трите години од почетокот на руската инвазија на Украина. ЕУ наведува дека „останува подготвена да го зголеми притисокот врз Русија, вклучувајќи дополнителни санкции и зајакнување на спроведувањето на постоечките мерки“.

Околу 200 милијарди евра руски средства остануваат замрзнати, главно во Белгија. Средствата треба да останат блокирани „додека Русија не престане со својата агресија врз Украина и не ја надомести штетата предизвикана од оваа војна“.

Земјите-членки, исто така, додадоа дека инсистираат на „целосна одговорност за воените злосторства и другите најтешки злосторства извршени во врска со руската агресија врз Украина“.

Ова доаѓа откако Вашингтон ја објави својата намера да се повлече од Меѓународниот центар за гонење на злосторства за агресија против Украина, група основана од западните земји во 2022 година за да собира докази против одговорните за потенцијални воени злосторства.

Совет на Европа: Длабоко сме загрижени поради наводите за употреба на звучни топови во Србија

Илустрација
Илустрација

Известувачите за Србија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Аксел Шефер и Викторија Тиблом изјавија дека се загрижени поради порастот на тензиите во Србија и наводите за употреба на звучно оружје на мирните демонстрации на 15 март во Белград.

Новинарите известија дека протестот бил главно мирен, но дека за време на петнаесетминутниот комеморативен молк се слушнал „вознемирувачки звук“, кој предизвикал „мало стампедо“.

Тие додаваат дека има извештаи за лица кои добиваат лекарска помош поради повреди предизвикани од „звучен топ кој можеби бил употребен за разбивање на собирот“.

„Ние сме длабоко загрижени за овие наводи и ги повикуваме властите да ги расветлат и да обезбедат итна медицинска и психолошка помош на сите жртви“, се вели во соопштението.

Студентите на блокадата, кои повикаа на протест инсистирајќи на утврдување одговорност за уривањето на бетонска настрешница во Нови Сад, ги обвинија властите за употреба на звучен топ за време на 15-минутниот молк за 15-те загинати.

На обвинувањата им се придружија и дел од опозициските партии и невладините организации.

Властите во Србија ги негираат обвинувањата.

Известувачите на СЕ, исто така, ги повикаа властите во Србија да „избегнат употреба на насилство“ и да одговорат на барањата на демонстрантите.

„Многу сме загрижени поради ескалацијата на тензиите во земјата, што доведе до демонстрации во Белград во кои учествуваа најмалку 100.000 луѓе. Ова беше еден од најголемите собири во историјата на Србија“, се вели во соопштението на 20 март, пренесе Бета.

Тие додаваат дека „тврдењата во врска со наводната употреба на LRAD или други присилни мерки се целосно лажни и ризикуваат да ја доведат јавноста во заблуда“.

Повеќе од четири месеци во Србија траат масовни протести предводени од студенти кои ги блокираат факултетите на државните универзитети.

Првото барање на студентите во блокадата е да се објави комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, за да се утврди одговорноста за несреќата.

Покрај граѓаните што ги собираат на протестите, зад нивните барања застанаа и универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати, актери...

Тројца пациенти од пожарот во Кочани попладнево однесени на лекување во Турција

Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025
Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025

Уште три лица од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Турција, информираат попладнево од турската амбасада.

Три млади лица денеска со авион биле пренесени во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул.

Турскиот амбасадор во земјава Фатих Улусој ги придружувал повредените на Меѓународниот аеродром, при нивното заминување од Скопје.

Моментално во Турција се лекуваат вкупно 12 повредени. Од нив, половина се во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул, додека другата половина во болницата „Билкент Шехир“ во Анкара.

Пациентите кои се лекуваат во болниците во Северна Македонија и надвор од државата се во стабилна состојба и повеќето се подобруваат. Од 20 пациенти што биле критични, денеска 10 се потешки, но и тие се надвор од животна опасност. Ова на 20 март го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.

Во домашните клиники се лекуваат 72 пациенти, а надвор од државата 101 пациент. Од оние што се хоспитализирани во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште тројца.

„Надвор од државата се 101 пациент, вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не“, рече Таравари.

Пред да бидат пуштени на домашно лекување, на повредените од пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјата ќе им се направат токсиколошки анализи. Тоа е одлука на Кризниот штаб при Министерството за здравство, а испитувањата ќе ги прават искусни токсиколози.

Владата алармира медиумите кои објавија видео и фото материјали од семејствата да ги отстранат

Поворка од погрбот на жртвите во пожарот во Кочани, 20 март 2025 година
Поворка од погрбот на жртвите во пожарот во Кочани, 20 март 2025 година

Здружение на македонски новинари ЗНМ ги повикува медиумските работници и уредници да не отстапуваат од воспоставениот протокол, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини кои можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат до стандардите на етичкото новинарство.

Ова доаѓа откако неколку странските медиуми емитувале експлицитни фотографии и снимки од ожалостените семејства.

И македонската Влада упати апел до медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите во Кочани спротивно на препораките да ги отстранат содржините и да не ги шират.

Во овие тешки моменти, како што велат од Владата, уште еднаш го повторувааат упатениот апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.

Најголем дел од медиумите, според Владата, не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.

„Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите, се вели во соопштението од Владата.

И Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ги повика медиумите во државата што известуваат за погребот во Кочани веднаш да ги избришат фотографиите и да ги приспособат вестите на етички и професионални стандарди, јави дописникот на МИА од Белград.

Законот за информации и медиуми го штити достоинството на лицето на кое се однесуваат информациите и затоа го повикаа Министерството за информации и телекомуникации да реагира на известувањето на порталите Република, Курир, Блиц, Ало, Телеграф и Мондо.

НУНС смета дека денешното известување на повеќе српски медиуми што објавија потресни и вознемирувачки фотографии е длабоко неморално и неприфатливо.

„Би сакале да истакнеме дека Кодексот на новинарите на Србија експлицитно забранува известување за погреби на приватни лица и дека новинарите се должни да ја почитуваат приватноста, достоинството и интегритетот на луѓето и да ги заштитат нивните права. Известувањето за погреби и објавувањето фотографии не е во јавен интерес“.

Објавувањето фотографии и видеа од гробни места, членови на блиско семејство и приватни моменти е директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на лицата за кои станува збор.

Путин му нуди „практична соработка“ на лидерот на Сирија за стабилизирање на состојбата во земјата

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до лидерот на Сирија, Ахмед ал Шара, со поддршка на напорите за стабилизирање на земјата, потврдувајќи ја подготвеноста на Москва за „практична соработка“ со Сирија за ова прашање, соопшти Кремљ.

„Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до шефот на сириската држава Ахмед ал Шара, во која ги поддржа напорите за што поскоро стабилизирање на ситуацијата во земјата во интерес на обезбедување на нејзиниот суверенитет, независност, единство и територијален интегритет“, изјави денеска (20 март) портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, во пораката до Ал Шара, Путин ја потврдил и подготвеноста на Русија да развие „практична соработка“ со сириското раководство за сите прашања на агендата.

„Потврдена е непоколебливата подготвеност на Русија да развие практична интеракција со сириското раководство за целиот спектар на прашања од билатералната агенда со цел зајакнување на традиционално пријателските руско-сириски односи“, рече Песков.

Неодамна Европската Унија (ЕУ) вети 5,8 милијарди евра за помош на новите сириски власти, кои се соочуваат со хуманитарни и безбедносни предизвици по падот на Башар ал Асад.

Ветувањата дадени вечерта на 17 март на собирот во Брисел се помалку од минатогодишните 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор ги наведоа кратењата на американската помош.

Хајат Тахрир ал-Шам, групата што го собори Асад, е прогласена за терористичка организација од ОН, но ЕУ сака да соработува со новите власти се додека тие ги одржат ветувањата дека транзицијата ќе биде инклузивна и мирна.

Според ОН, Сирија изгубила 40 години развој поради војната и ќе и треба најмалку една деценија да се врати во предконфликтната состојба, а поради економската криза речиси целото население живее под прагот на сиромаштија.

Калас: За да го одвратиме агресорот, мора да ја зајакнеме одбраната

Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика
Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика

Ако инвестираме доволно во одбраната и ако ги зајакнеме одбранбените капацитети, со тоа ќе го одвратиме агресорот од напади, порача Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика пред почетокот на денешниот Самит на Европската Унија во Брисел (20 март).

„Ако не го правиме тоа, слабоста го повикува агресорот да не нападне. Затоа мора да направиме повеќе за да не дозволиме да се случи тоа“, додаде Калас.

Таа истакна дека ја поздравува најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД се обидуваат да обезбедат дополнителна противвоздушна одбрана за Украина, додавајќи дека тоа е исклучително важно, па затоа на денешниот Самит ќе се разговара за тоа што ЕУ може повеќе да направи за поддршка на Киев, но и за сопствената одбрана.

„Ако ги слушате изјавите на лидерите, тогаш поддршката е голема и тоа треба да се види и со дела, со бројки, со реална муниција што и е потребна на Украина. Затоа, навистина се надевам дека тоа ќе го придвижиме напред“, рече Калас, додавајќи дека ако лидерите на ЕУ имаат резерви кон преземањето долгорочни обврски, тогаш треба да донесат одлуки на краток рок за непосредните потреби на Украина.

Таа потсети на предложената инцијатива за воена поддршка на Украина, која, како што рече, во голема мерка е во согласност со барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за муниција во вредност од пет милијарди евра.

„Треба да почнеме со конкретни чекори, не само зборови, туку и навистина да и помагаме на Украина, бидејќи колку што таа е посилна на бојното поле, толку ќе биде посилна на преговарачката маса“, рече Калас, додавајќи дека со нетрпение очекува од Зеленски да ги чуе неговите впечатоци од вчерашниот разговор со Трамп.

Високата претставничка на ЕУ додаде и дека на Самитот ќе се разговара и за конкурентноста и потребата од зголемени инвестиции во одбраната, како и за Белата книга за одбраната на Европа, што вчера ја презентираше Европската комисија.

ЕУ би можела да го одложи првиот сет царини против САД до средината на април

илустрација
илустрација

Европската Унија би можела да го одложи воведувањето на првиот сет на контрамерки против Соединетите Држави поради царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе за челик и алуминиум до средината на април, изјави денеска (20 март) европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ.

Европската Комисија предложи повторно воведување царини од 4,5 милијарди евра (4,9 милијарди долари) американски производи на 1 април, по што ќе следува воведување дополнителни 18 милијарди евра царини за американски стоки од 13 април.

„Сега размислуваме да го усогласиме тајмингот на двете групи контрамерки на ЕУ за да можеме да се консултираме со земјите-членки за двете листи истовремено, а тоа исто така ќе ни даде дополнително време за преговори со нашите американски партнери“, рече Шефчовиќ на сослушувањето во Европскиот парламент.

Претседателката на ЕК неодамна изрази подготвеност за натамошни преговори и „смислен дијалог“ со нејзините американски соговорници бидејќи смета дека „во свет полн со геополитички и економски неизвесности, не е во наш заеднички интерес да ги оптоваруваме економиите со царини“.

Ноќта меѓу 11 и 12 март стапија на сила царините за увоз на челик и алуминиум во САД.

Мерката го зголемува паушалот за челик и алуминиум што влегуваат во САД на 25 проценти и ги елиминира сите ослободувања на земјата од давачките.

Европската Унија и Соединетите Држави се меѓусебни најголеми трговски партнери. Тие имаат најголеми билатерални трговски и инвестициски односи во светот и ги уживаат најинтегрираните економски односи во светот.

Состојбата на повредените генерално стабилна, тројца пуштени на домашно лекување

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 критични, 10 се потешки, но и тие се стабилни и надвор од животна опасност, соопшти денеска (20 март)министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациента, а на лекување надвор се 101.

Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште три.

„Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави“, изјави Таравари.

Според него, од пациентите во државава, 34 се на Клинички центар, 15 се во ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Систина“ се згрижени 7 пациенти и во „Жан Митрев“ четворица.

Министерот додаде дека возачот на Итната медицинска помош кој почина по трагичната несреќа во Кочани, а превезе голем број пациенти ќе биде постхумно одликуван.

„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам“, изјави Таравари.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а 155 беа повредени.

Франција ќе создаде одбранбен фонд од 450 милиони евра

Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард
Францускиот министер за финансии Ерик Ломбард

Француската јавна инвестициска банка Bpifrance ќе создаде фонд за финансирање одбранбени проекти во вредност од 450 милиони евра, објави денеска францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.

Овој фонд ќе биде дел од напорите на земјата да ги зголеми трошоците за одбрана, поттикнати од стравувањата од руски напад и сомнежите за иднината на американската одбрана.

„Француските граѓани ќе можат, преку транши од 500 евра, да ги инвестираат своите пари на долг рок“, изјави Ломбард за телевизијата Те еф 1.

Според Министерството за финансии и одбрана, француските компании во одбранбениот сектор ќе имаат потреба од дополнителен капитал во вредност од над 5 милијарди евра во следните неколку години.

Претседателот Емануел Макрон, кој за време на двата мандата на функцијата го удвои францускиот буџет за одбрана, неодамна постави уште повисока цел, велејќи дека земјата мора да ги зголеми трошоците за одбрана на 3-3,5 отсто од БДП, во споредба со сегашното ниво од 2 отсто.

Најмалку 70 Палестинци загинале во најновите израелски напади во Газа

Појаз Газа (илустрација)
Појаз Газа (илустрација)

Најмалку 70 Палестинци загинаа, а десетици биле ранети во израелските воздушни напади низ Газа денеска (20 март), откако Израел продолжи со бомбардирањето на енклавата, изјави здравствен претставник на Газа.

Медицинските лица рекоа дека израелските напади биле насочени кон неколку куќи во северните и јужните области на Појасот Газа. Засега нема коментар од Израел.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили ги продолжиле копнените операции во централниот и јужниот дел на Газа, откако пропадна прекинот на огнот што нашироко се одржуваше од јануари.

Обновените копнени операции се случуваат еден ден откако повеќе од 400 Палестинци беа убиени во воздушни напади во една од најсмртоносните операции од почетокот на конфликтот во октомври 2023 година.

Од вторникот, во воздушните напади загинаа 510 Палестинци, од кои повеќе од половина се жени и деца, изјави здравствениот претставник за Ројтерс.

Израелската војска соопшти дека нејзините операции ја прошириле контролата на Израел врз коридорот Нецарим, кој ја преполовува Газа и биле „фокусиран“ маневар чија цел е создавање делумна тампон зона помеѓу северот и југот на енклавата.

Палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка соопшти дека копнената операција и упадот во коридорот Нецарим се „ново и опасно кршење“ на двомесечниот договор за прекин на огнот.

Во соопштението, групата ја потврди својата посветеност на договорот и ги повика посредниците „да ги преземат своите одговорности“.

Говорејќи за Ројтерс, официјален претставник на Хамас рече дека посредниците ги засилиле напорите со двете завојувани страни, но додаде дека „се уште не е постигнат напредок“.

Групата не упати јасни закани за одмазда.

Војната започна откако милитантите на Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, од страна на израелските податоци. Според здравствените власти во Газа, повеќе од 49000 Палестинци се убиени во конфликтот што следеше, а енклавата е претворена во урнатини.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG