Рајот постои и тој се наоѓа овде во Слоештица, во Македонија! Вака Стано Бубан, професор на Ликовната академија во Братислава, Словачка, со само неколку збора ќе го искаже своето воодушевување од она што го видел и почувствувал за време на својот резиденцијален престој на АРТ ПОИНТ - ГУМНО во 2012-та година.
Шест години подоцна неговите зборови ќе бидат искористени за наслов на изложбата на одбрани дела на странски уметници изработени за време на нивниот престој во Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој и која од сабота 27 октомври, ќе се одвива во рамките на културната манифестација „Демир Хисар град на култура, 2018“.
На поставката која ќе се одржи во фоајето на Домот на културата во Демир Хисар ќе бидат претставени 18 автори со по едно дело селектирани од богатата колекција на творби на преку 40 реномирани странски уметници кои во изминатата деценија и половина оставиле дел од своето креативно кредо на ова наше единствено „уметничко гумно“. Така ликовната публика од градот и културната јавност од регионот ќе имаат можност да ги видат сликите, скулптурите и фотографиите на Раед Ал Рави од Ирак, Памела Тол Валас, Гејл Тастин и Сет Ладман од САД, Бразилецот Паоло Гајад, Мексиканката Елизабет Рос, Герлинде Пистнер и Герхард Штајнле од Германија, Србинот Александар Педовиќ, Јана Хунтерова и Јан Тријашка од Словачка, Данецот Лоне Сиберг, Мишел Коноли од Австралија, Рози Њуман од Шкотска, Мејси Лаградо Ротман од Филипини и Унгарецот Ајрон Мајрош. Тука се и Американецот Дик Робертс, кој инспириран од Слоештица ќе си креира втор дом и работно студио во селото и Хубертус Хес од Германија, чија скулптура изработена од дрво и жица „Ангелот чувар“ (2003), во суштина претставува и првото уметничко дело изработено во Центарот АРТ ПОИНТ – ГУМНО.
„Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО во овие 15 години успешно ја промовира македонската култура и традиција надвор од земјава, а со самото тоа донесе и голем број на автори во Демир Хисар кои ја имаат можноста не само да се запознаат со природните убавини на крајот туку и најдиректно да ги уживаат гостопримството на овие луѓе, нивните навики и приказни, нашата автентична култура и традиција, вели м-р. Јасмина Котевска, историчар на уметност и соработник на програмата на манифестацијата „Демир Хисар град на култура, 2018“.
Инспирирани, пак, од максимата на Тезеј: „Допри ја земјата за да се кренеш!“, основачите на центарот, семејството Андреевски, веќе деценија и половина активно делуваат на полето на културата и уметноста и заштита на биодиверзитетот и животната средина. Од таму уметничката резиденција „Арт Поинт - Гумно“ е можеби најпрепознатливиот бренд што е изграден низ годиниве, афирмиран не само во Македонија, туку и во меѓународни рамки. Благодарение на креативните авантури на сликарот Сергеј низ целиот свет, дел од истакнатите уметници и уметнички организации со коишто тој се среќава, стануваат гости на креативното гумно во Слоештица. Работилницата вообичаено се организира еднаш годишно за неколкумина уметници од различни земји од светот. За време на нивниот престој во селото, кој трае најмалку три недели, уметниците креираат инспирирани од природните убавини на регионот и од оригиналниот дух на локалното население. Програмата опфаќа и посета на значајни културно – историски, туристички локации во регионот (Демир Хисар, Крушево, Битола, Охрид и други места).
„Секогаш бевме насочени на афирмација на суштината на националното битие на Македонецот, а најубаво тоа се гледа во нашите села. Таму тоа е поедноставно, почисто, селаните ве повикуваат во своите дворишта, вие гледате со што се занимаваат, како го поминуваат времето, и сè тоа подоцна е преточено во уметност. Во тие уметнички дела што остануваат“, истакнува Андреевски.
Тој и со дополна дека по овие деценија и половина тие се подготвуваат и за еден вид на ребрендирање на уметничката резиденција „Арт Поинт – Гумно“. На измени кои само би ја збогатиле програмата. Така, во најава е публикување на монографија до крајот на оваа година во која „освен врвна уметност, ќе биде прикажано како, преку уметноста, оживуваат селата, се промовира традицијата, се прошируваат видици и се раѓаат вечни пријателства, се градат мостови меѓу навидум непремостливи јазови“. Згора на тоа, како особен исчекор, а според заложбите на Воскресија Андреевска, се најавува и присуството на млади уметници на резиденцијата.
„Многу е битно во овие кризни времиња да се подаде рака. Сите уметници во светот а посебно младите несомнено имаат потреба од помош. Од подршка за да ја пласираат својата уметност. Таа да го почне својот засебен живот и да изнуди комуникација со публиката. Ете затоа се решаваме и на таквиот чекор, а ќе има и некои дополнителни кои засега оставаме да одлежат за да ги пласираме во јавноста“, ќе рече Сергеј Андреевски.