Достапни линкови

Болтон: како да ги уверите Русите во нешто што велат дека не го прават


Болтон го предупреди Кремљ да не се меша во изборите во САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:06 0:00

Болтон го предупреди Кремљ да не се меша во изборите во САД

Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон ги пофали „продуктивните“ разговори со претседателот Владимир Путин и другите руски официјални претставници, и покрај претходно објавената најава на Вашингтон дека ќе се повлече од договорот за нуклеарното оружје од времето на Студената војна.

Џон Болтон за време на дводневната посета на Москва меѓу другото, имаше и 90-минутна средба со Владимир Путин.

Притоа, како што рече Болтон, станало збор за наводното мешање на Русија во американските избори, како и одлуката на Трамп да се повлече од договорот за нуклеарното оружје поради тоа што Русија веќе го прекршила:

„Американската позиција е дека Русија го крши. Позицијата на Русија е дека не го крши. Значи, мора да се запрашаме како да ги убедите Русите да се вратат во согласност со обврската за која не мислат дека ја кршат?“

Потпишан во 1987 година од тогашниот американски претседател Роналд Реган и Михаил Горбачов, последниот советски лидер, овој договор ја реши кризата околу балистичките ракети со советските нуклеарни глави, насочени кон западните престолнини.

Болтон оцени дека станува збор за билатерален договор од Студената војна во сегашниот, како што изјави „мултиполарен свет“, бидејќи не ги покрива активностите на земји како Кина или Северна Кореја.

„Значи, постои нова стратешка реалност. Ова е договор за билатерален балистички ракетен напад од Студената војна во мултиполарен балистички ракетен свет“.

Сепак, за претседателот Путин едностраното американско повлекување од договорот претставува почеток на нова трка во вооружување.

„Искрено кажано, понекогаш е изненадувачки за нас да видиме дека Соединетите Држави преземаат неиспровоцирани чекори против Русија, кои не можеме да ги наречеме пријателски. Во суштина, ние дури и не реагираме на ниту еден од вашите чекори, но сепак тие продолжуваат“.

Болтон на оваа средба изјави дека Трамп сака да се сретне со Путин за време на нивниот престој во Париз на 11 ноември на комеморациите по повод завршувањето на Првата светска војна.

Последниот пат тие се сретнаа во јули во Хелсинки по што Трамп беше цел на критики дома поради помирливиот став спрема рускиот колега.

Односите меѓу Вашингтон и Москва се под голем притисок по обвинувањата дека Русија се мешала во американските претседателски избори во 2016 година.

„Она што го создаде мешањето беше недоверба и непријателство во САД, а особено беше невозможно две години за САД и Русија да напредуваат дипломатски, така што тоа е огромна загуба за двете земји, но особено за Русија“.

Болтон додаде дека тоа е лекција за Москва да не се меша во американските избори.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG