Со 80 гласа „за“, Собранието вечерва ја донесе одлуката за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија. Покрај 72 пратеници од владејачкото мнозинство, за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, меѓу кои Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Елизабета Канчевска-Милеска, Владанка Авировиќ, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајлоска - Старова и Емилија Александрова.
По барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, по електронското гласање се вршеше и поединечно гласање кое ја покажа истата поддршка за уставните измени.
Цел ден се чекаше на собраниската седница на која се очекува да се гласа за пристапување кон уставните измени согласно Договорот од Преспа. По неколкупати одложувања, прво од 12 за во 15 часот, па потоа за во 21 часот, таа повторно не почна навреме.
По целодневните одложувања на седницата и гласините за тоа дали е обезбедено или не мнозинството, генералниот секретар на ВМРО Игор Јанушев од партиското седиште обвини дека се случувала вистинска драма во Собранието. Тој тврдеше дека структури на власта и, како што рече, структури кои одработувале за оваа власт, вршеле „жестоки уцени, закани и притисоци“ врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.
„На еден пратеник му се еден понудени еден милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени. На друг пратеник му се понудени два милиона евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова е одбиено бидејќи достоинството нема цена“, рече Јанушев.
Ваквите тврдења ги демантираше пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов. Од собранискиот прес-центар тој рече дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажува огромна нервоза и безочно лаже.
„Најостро ги демантираме изнесените лаги дека претставници од мнозинството вршеле некаков притисок или на кој било пратеник му се нудени пари или дека некој му се заканувал или ги уценувал. За изнесените невистини ќе поднесеме и соодветни тужби до надлежните служби“, рече Костадинов, додавајќи дека тие „лаги“ ќе требало да ги докажат пред суд.
Пораките од странските политичари, пак, засилено почнаа уште од вчера вечер.
Синоќа претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Жозеф Дол на Твитер напиша дека „клучни одлуки треба да се донесат кои ќе ја одредат иднината на идните генерации“. Тој нагласи дека опозицијата има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и треба да биде конструктивна во демократскиот процес.
И еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан преку Твитер изрази увереност дека пратениците од сите политички партии во македонското Собрание ќе ги тргнат настрана партиските интереси и ќе донесат одлука во интерес на земјата и граѓаните.
На разговори за Договорот од Преспа в понеделник во Македонија пристигнува и американскиот заменик помошник државен секретар за европски прашања Метју Палмер. И тој денеска од Белград, каде што учествува на безбедносниот форум, побара од македонските лидери да се издигнат над политичките поделби.
„Особено бараме лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, кое јасно се противи на Договорот, да ги ослободи нивните пратеници да гласаат според совеста и без грижи дека за тоа ќе имаат негативни последици“, рече Палмер.
Процесот за пристапување кон промена на Уставот почна во понеделникот, а по тридневната дебата, вчера не се одржа седница.