Достапни линкови

Неделен печат – Уставните промени и ребалансот на буџетот


Седница на Собранието за уставни измени
Седница на Собранието за уставни измени

Фокус пишува за обидите да се постигне двотретинско мнозинство за уставните промени поради Договорот со Грција, а Капитал го анализира најавениот ребаланс на буџетот.

Фокус - Секогаш е најтемно со ВМРО

Новиот број на неделникот Фокус на насловната се послужил со реченицата на Христијан Мицкоски во писмото – одговор на високиот американски функционер во Стејт департментот, Вес Мичел, кој сугерира опозициската партија да не го кочи гласањето за уставни промени, а Мицкоски му одговори дека Договорот со Грција е неприфатлив за неговата партија и дека: „Во зора е секогаш најтемно“. Реченицата на Мицкоски е преправена: „Секогаш е најтемно со ВМРО“. И фотошоп фотографија на Мицкоски во руска војничка униформа. И со крупни букви текст: „Тито му рече ’Не‘ на Сталин, Мицкоски му шепна ’Да‘ на Путин“. Во текстот внатре, неделникот пишува: „Како што Тито му рече НЕ на Сталин во 1948, така Мицкоски му рече НЕ на Стејт департментот ова 2018 лето господово“. Разликата е само во една „дребулија“ – додава Фокус - со контрата кон Москва, тогашната ЈУ Федерација стана поотворена кон Запад. Со НЕ-то на Мицкоски за Вашингтон, партијата му станува сè поизолирана од Европа, а ептен блиска со ставовите на Путин.

Со понудената амнестија, Заев сега калкулира само со сопствената политичка цена што би требало да ја плати

Во воведната колумна „За нештата да станат појасни“, авторот се осврнува на понуденото простување и помирување помеѓу опозицијата и владејачкото мнозинство од страна на премиерот и прв човек на СДСМ, Зоран Заев, што предизвика бура од негативни реакции во јавноста зашто зборовите на Заев се сфатија како понуда за амнестија на оние коишто насилно влегоа во Собранието и дел од нив сега се пред суд со обвинение дека намерата им била убивање на новиот премиер и на други челници на СДСМ и терористичко здружување за уривање на Уставниот поредок. „Со понудената амнестија, Заев сега калкулира само со сопствената политичка цена што би требало да ја плати“, пишува неделникот. „Зашто никој не може да предвиди каква цена ќе треба да плати Македонија ако и по изборите не може да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени“, наведува Фокус.

Капитал – Ребаланс ако нема избори

Во најновиот Капитал се анализира подготвениот ребаланс на буџетот од страна на Владата, бидејќи, како што објасни министерот за финансии, доколку дојде до самораспуштање на Собранието и нови избори ќе нема услови за негово изгласување. Владата го ревидираше планот за трошење на народните пари годинава така што ги намали планираните расходи за речиси 20 милиони евра, односно за 0,6%, потсетува авторот на анализата. Меѓутоа, додава Капитал, иако Буџетот се намалува незначително, сепак поголеми промени се направени со прераспределба на пари од една за друга намена. Најмногу пари се скратени од капиталните инвестиции и тоа дури за четвртина, а до промената доаѓа поради забавената реализација на планираните капитални инвестиции, при што најмногу пари се скратени од изградбата на гасоводот, како и од планираната изградба на Клиничкиот центар. Капитал го цитира министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој објаснува дека најголема прераспределба во овој ребаланс има за општините со цел намалување на доспеаните, а ненаплатени обврски, и дека доколку се распишат предвремени парламентарни избори, можноста за помош на општините ќе се изгуби.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG