САД уште еднаш порачаа дека ги поттикнуваат лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики и да ја искористат историската можност за подобра иднина на земјата како полноправна членка на западните институции.
Ова го изјавил претставник од Стејт департментот за грчката новинска агенција АНА- МПА. На тоа му претходеше и писмото на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На тоа, Мицковски одговори на три страници.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски смета дека Мицкоски ја срамоти Македонија кај стратешките партнери.
„Писмото на Мицкоски јас го разбирам како недипломатски потег, нетактичен потег на човек којшто апсолутно покажува дека нема никаков интерес за напредокот на Република Македонија. На ваков начин да си ја посрамотите својата држава пред други институции без разлика дали се од Америка, од Европа или каде било од светот укажува на тоа дека човекот што го напишал писмото има една единствена цел Македонија да не успее“, вели Дујовски.
Во писмото на Мичел се порачува дека САД се разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и Мицкоски како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Мичел наведува дека не верува оти е можно да се постигне подобар договор и таква прилика, според него, нема да се повтори со години, ако не и со децении.
Мицкоски наведува зошто договорот за името, според него, е штетен за интересите на Македонија и не е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ и, според негово мислење, за огромно мнозинство на граѓани.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев изјави дека секогаш соработувале со претставниците и на ЕУ и на САД и на нив гледаат и понатаму како на стратешки партнер и како пријател на Македонија. Но, според него, тие не можеле да ја видат вистинската слика.
„Гледаат како луѓе коишто овде не се присутни, кои не живеат во Македонија, на коишто им е единствено битно процесот да продолжи без притоа суштински да се погледне што тоа значи за нас Македонците. За нас Македонците, барем за мене лично како Македонец ова е неприфатливо. Како партија како ВМРО-ДПМНЕ исто така е неприфатливо“, рече Јанушев на Топ тема на ваша страна на тв Телма.
Од СДСМ реагираа дека Мицкоски ја срамоти Македонија во очите на демократскиот свет и се расправа со најголемите стратешки пријатели на земјата. Според СДСМ, се поочигледно е дека Мицкоски има проблем со членството на Македонија во ЕУ и НАТО.