Достапни линкови

Уставните измени и оставката на Коѕијас - главни теми во медиумите


Сите медиуми јавуваат за расправата за уставни измени во Собранието. Ја пренесуваат и преписката меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и американскиот дипломат Мичел. Од вестите од странство објавуваат за оставката на Коѕијас.

Три дена траеше собраниската расправа за тоа дали и зошто треба да се пристапи кон измени во Уставот и -„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се откажуваат од дебата во Парламентот, ќе гласаат против уставните промени – соопштија од Партијата“ – објави Нова Македонија. Со слични наслови веста ја лиферуваа и Вечер и Слободен печат. Од насловите во електронското издание на Слободен печат може да се следи целата приказна за случувањата. На почетокот на расправата се појави наслов: „Почна пресудната расправа за уставните амaндмани – Заев подава рака, опозицијата не мрда со прст“, а денешното издание на насловната има наслов: „Заев во потрага по ’љубов‘ со опозицијата – Петтиот елемент“, алудирајќи на поентата во истоимениот научнофантастичен филм. Нова Македонија во едно издание го цитира премиерот Зоран Заев во Собранието: „Целта на Спогодбата е да најдеме решение, да се закопаат секирите“.

Слободен печат, пак, го цитира еврокомесарот Јоханес Хан со пораката до ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Еуроактив: „Опозицијата да го поддржи Договорот, во спротивно ќе одговара за тешките последици за граѓаните“. Хан изразува и сомнеж дека нови избори би донеле двотретинско мнозинство и дека можат да доведат само до ризични одложувања на процесот.

Вечер, и другите печатени медиуми го објавуваат одговорот на Христијан Мицкоски на писмото од помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел во кое наведува дека САД се разочарани од челниците на ВМРО-ДПМНЕ: „Секогаш е најтемно пред зората“, одговара Мицкоски. Нова Македонија излезе со наслов: „Мицкоски до Мичел: Договорот е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ“. Слободен печат и Независен ја објавуваат реакцијата на СДСМ: „Мицкоски е разочарување, ако блокира следуваат избори“. Печатените медиуми ја објавија и изјавата на потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири: „Во петок ќе се знае дали има двотретинско мнозинство“.

Весниците ја одбележаа и заедничката прес-конференција на тројцата членови на Комитетот за интеграција во НАТО, министерката за одбрана, Шекеринска, шефот на дипломатијата Димитров и Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски: „Почнуваат пристапните разговори на Македонија со НАТО“ – гласи насловот во Вечер.

Слободен печат ја пренесува оценката во најновиот извештај на Европскиот совет за надворешни односи со наслов: „Москва гладна за топовско месо и за нестабилен Балкан“. Во извештајот се наведувало дека „Москва ќе се обиде да го спречи ширењето на НАТО преку разгорување на постоечките политички тензии во балканските држави, а Кремљ е подготвен да изврши дури и дестабилизација на Балканот, а со тоа и на Македонија“.

Нова Македонија и Независен ја пренесуваат веста на грчката државна телевизија ЕРТ за оставката на министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас и дека премиерот Ципрас му ја прифатил и изјавил дека го презема грчкото МНР со цел успешно заокружување на Договорот од Преспа.

„Се затвора комплексот ’Македонско село‘, инвестиција на Владата на Груевски од 6,5 милиони евра“ – објавија електронските изданија на сите печатени медиуми со потсетување дека концесионерот, некогашниот градоначалник на Општина Центар и сопственик на ’Тинекс‘ и на хотелот ’Квинс‘, Владимир Тодоровиќ одлуката на менаџментот ја објавил преку социјалните мрежи. Вечер ја објавува и реакцијата на владината Служба за општи и заеднички работи дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен 6 месеци претходно и дека ќе го поканат менаџментот на разговори.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG