Достапни линкови

Пратениците можат да ја отклучат вратата за членство во НАТО


Заедничка прес-конференција на Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Стево Пендаровски
Заедничка прес-конференција на Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Стево Пендаровски

За два дена Македонија ги почнува пристапните разговори за членство во НАТО во Брисел. Министрите за одбрана и надворешни работи Радмила Шекеринска и Никола Димитров, на пратениците им порачаа дека сега е време да покажат дека националните интереси се над партиските.

Да покажеме дека се грижиме за националните, а не за партиските интереси и да се обединиме околу стратешките цели на Македонија, а тоа се евроатлантските интеграции, порачаа министрите за одбрана и надворешни работи, Радмила Шекеринска и Никола Димитров, на денешната прес-конференција посветена на почетокот на пристапните разговори на нашата земја со НАТО. Во оваа фаза влегуваме со оптимизам и желба за успех, порача Шекеринска, но истакна дека овие преговори треба да се реализираат паралелно со спроведувањето на Договорот од Преспа.

„Јасно е дека овие два процеси ќе бидат меѓусебно зависни. Едното без другото не оди. Станува јасно дека одлуката којашто ќе ја носи собранието е одлука која дефакто ќе пресуди дали Македонија ќе стане членка на НАТО во многу блиска иднина. И тоа секој пратеник треба да го знае. Дека од секој од нив зависи дали Македонија ќе ја искористи оваа шанса. Доколку сите зборувавме за НАТО и ЕУ сега е моментот тоа да го покажеме на дело“, изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Сепак , доколку уставните измени не добијат зелено светло од потребното мнозинство во законодавниот дом, Шеќеринска вели дека следниот чекор се предвремени избори, за кои е убедена дека ќе им го обезбедат потребното двотретинско мнозинство.

„И во двете варијанти Македонија и нејзините стратешки цели мора да победат. И немаме дилеми дека тоа ќе се случи. Ако надвладеат лични наместо државни интереси, опцијата предвремени парламентарни избори е вистинската опција. И на тие избори немаме дилема дека ова огромно мнозинство на граѓани кои се за членство во НАТО и ЕУ ќе обезбеди двотретинско мнозинство за исполнување на обврските“, вели Шекеринска.

Прашан за коментар околу реакциите во Грција во однос на договорот и неговото спроведување во грчкиот парламент, шефот на дипломатијата Димитров истакна дека е убеден дека со успехот на овој процес и најголемите противници ќе видат дека ова е единствениот пат кон води кон напредок.

„Да си ја завршиме ние нашата работа, потоа процесот ќе се пресели во Атина и тие ќе имаат работа. Многу е важно нашиот дел да си го завршиме со верба дека и тие ќе си го завршат својот дел бидејќи и тие ја потпишаа спогодбата“, изјави Димитров.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, објасни дека сесијата разговори во Брисел, в четврток и петок се всушност последната фаза во своите односи со НАТО пред членство.

Разговорите ги опфаќаат политичките и одбранбените прашања, но и прашања поврзани со ресурсите, безбедноста, правните аспекти, како и придонесот на Македонија во заедничкиот буџет на Алијансата. Според проценките, овој процес треба да заврши во декември годинава, а потоа во јануари да се потпише протоколот за пристапување со право на учество во сите органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот на земјата во полноправно членство ќе се случи дури откако тој протокол биде ратификуван во националните парламентите на сите земји членки.

Пендаровски посочи дека според сите меѓународни релевантни анализи, членството во НАТО ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на нашата земја, но ќе биде и позитивен пример и придонес кон просперитетот на регионот на Западен Балкан.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG