Достапни линкови

Армаколас: Ако пропадне Договорот за името, тешко до нов


На наредните избори во Грција, според сите предвидувања, би можела да победи Нова демократија, која го отфрла договорот, особено во врска со членот со кој се дефинира поимот македонски, за името на народот и јазикот во соседната држава.

Одлагањето и компликациите во Македонија во врска со спроведувањето на Договорот со Грција за името, може да ја доведе во прашање и ратификацијата во грчкиот парламент, па и до распад на владејачката коалиција на премиерот Алексис Ципрас. Ова, во интервју за Радио Слободна Европа, го истакнува Јоанис Армаколас, вонреден професор на „Македонскиот универзитет“ во Солун.

Ако дојде до пролонгирање или ако пропадне овој договор, подготвеноста на грчката страна за нови преговори, ќе биде многу мала, додава Армаколас. Грчката влада и сега има проблеми, бидејќи, коалициониот партнер Независни грци, на чело со министерот за одбрана Панос Каменос, е против договорот, но премиерот Ципрас е убеден дека може да го исурка во парламентот. Тој вложи голем политички капитал во овој договор и не би дозволил да пропадне.

Исходот од референдумот, според Армаколас, ги охрабри противниците на договорот во Грција, вклучувајќи го и Каменос, кој го прогласи договорот за „мртов“. Нова демократија е против уште од почетокот, а и голем дел од јавноста е против.

Идејата беше, се да заврши до крајот на годинава, меѓутоа, ако има предвремени избори во БЈРМ, работата ќе се искомпликува и на грчка страна. Ципрас се надеваше работата да се заврши на доволно растојание од изборите, за да има време да се опорави од политичката цена што ќе ја плати. Така што, што повеќе се одлага спроведувањето на договорот во БЈРМ, неговата ратификација во грчкиот парламент ќе биде се потешка, оценува Армаколас.

На наредните избори, според сите предвидувања, би можела да победи Нова демократија, која го отфрла договорот, особено во врска со членот со кој се дефинира поимот македонски, за името на народот и јазикот во соседната држава.

Ако овој договор не се реализира во разумно време и или ако пропадне, тоа ќе има негативни последици за целиот регион. Ако се има предвид растот на рејтингот на популистите во цела ЕУ, негативните вести од регионот, уште повеќе ќе го отежнат процесот за проширување на НАТО и ЕУ. Во БЈР Македонија се веројатни политичка несигурност и нестабилност, како и натамошна поларизација на општеството.

Влогот е многу голем, бидејќи е јасно дека Русите ќе направат се за да го спречат ширењето на НАТО. Но, и Американците и Европа нема да дозволат да пропадне оваа шанса за решавање на тешкиот проблем со името и за зачленување на Северна Mакедонија во НАТО, истакнува Јоанис Армаколас, вонреден професор на „Македонскиот универзитет“ во Солун, во интервју за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG